Најавата на Билјана Ванковска дека ќе се кандидира за претседател на Републиката изминатите недели отвори дебата за независните кандидати. Има ли шанси независен кандидат да победи на избори? Дали партизираното општество ги задушува независните кандидати? Повеќе драги аналитичари и коментатори заклучија дека не е можно независен кандидат да победи на избори. Според нив, на претседателските избори може да победат единствено кандидати подржани од политичките партии поради екстремната партизација на Македонија, односно поради партикратската форма на македонскиот политички систем. Причините за тоа ги гледаат во сиромаштијата и доминатната улога на државата, наспроти приватниот и граѓанскиот сектор. Градејќи го профилот на независниот кандидат повеќемина сметаат дека тоа треба да биде личност за кого претседателската кандидатура ќе биде врв на политичката или друга, бизнис или научна, кариера и кој треба подолгорочно да ја гради својата претседателска кандидатура.
Ваквите анализи се делумно точни, особено во поглед на последиците – дека не е можна победа на независен кандидат, но и ограничени во поглед на причините. Клучниот проблем е поаѓањето од претпоставката дека учество на претседателски избори треба да се направи само со мотив на победа, а не со други мотиви. Претседателските избори се анализираат само од агол на избор на најдобар кандидат за Претседател, кој е на врв на својата политичка или друга кариера.
Претседателските избори не се анализираат и како можност за афирмација на личности и политики, каузи, интереси, идеи… Во овој случај учеството на претседателски избори не е за победа, туку за афирмација. Како илустрација, ми се чини дека кандидатурата на Стојанче Ангелов, од Достоинство, не е за победа, туку за афирмација на каузата на бранителите, војниците и полицајците. И неговата кандидатура е веќе донекаде успешна, бидејќи ја поттикна Владата да го решава проблемот на вработувањето на професионалните војници.
Претседателски кандидат за афирмација може да ги сообрази своите цели и ресурсите достапни за водење на кампања. Во право се аналитичарите кога тврдат дека интересот на независните кандидати е помал, поради високите потреби за ресурси за водење на кампања од една страна, а малата моќ која има претседателот од друга страна. Претседателските избори, како и сите други избори, се голем организациски, ресурсен и финанансикси предизвик. За кампања за претседателски кандидат се потребни од сто-двесте илјади евра, за најскромна, до над еден милион евра, за голема кампања. Само ако претседателскиот кандидат сака да обезбеди целосно набљудување на гласачките места на денот на изборите, за тоа би било потребно над сто и педесет илјади евра. Јасно е дека таквото вложување ниту една трета партија или независен кандидат нема да ја направи, особено ако не е победнички кандидат. Зошто некој би инвестирал толку средства за пораз? Но ако е кандидат за афирмација, тогаш се вложува во градење на јавната свест и кампањата може да се димензионира според можностите.
Го употребив изразот „трети партии и независни кандидати“, како што го насловив и коментарот, според терминологијата која се употребува во САД. Таму на претседателските избори има кандидати на републиканците и демократите и на трети парти и независни кандидати. Повеќето од нас вообичаено слушаат само за кандидатите на републиканците и на демократите, но во САД има и други кандидати. На последните претседателски избори во САД во 2012 година, покрај демократите и републиканците, учествуваат и кандидати на други пет партии: либертаријанската (со 0,99 отсто гласа), зелената (0.36 отсто), уставната (0,09 отсто), за правда, социјализам и слобода. Како и десетици други кандидати што водат кампањи, но не успеваат да ги постигна критериумите за учество на изборите.
Примерот на САД, кои не можат да бидат сметани ниту за партизирани ниту за сиромашни, е аргумент за демант дека партизираноста е причина за неможноста за победа на трета партија или независен кандидат. И во која земја независен кандидат има шанса за победа? Од тука не треба да паѓаме во замката на единственоста, уникатноста на Македонија и да се истоштуваме со дебати зошто не може да победи независен кандидат во Македонија. Потребна е дебата зошто има мал број на независни кандидати кои преку претседателските избори ќе се борат за афирмација на својата кауза. Зошто на претседателските избори нема кандидати на граѓанските движења? А има барем две движења кои собраа над 10.000 потписи за свои законски предлози: Полио плус, кое собра 18.968 потписи за законот за лицата со посебни потреби и АМАН, кое собра 13.169 потписи за законот за енергетика. Зошто на пример Звонко Шаврески, од Полио плус, не биде кандидат за афирмација на каузата за лицата со посебни потреби? Се надевам дека Билјана Ванковска ќе ја обезбеди потребната поддршка од граѓаните за кандидирање, се надевам дека и други граѓански активисти ќе се охрабрат да се кандидираат! Така претседателските избори, ќе имаат и други елементи покрај тие за кои пишував во претходниот коментар, да бидат претседателски избори со значење.