Оваа, 2014 година, без разлика дали ќе има предвремени парламентарни избори, може да биде запаметена како година на претседателски избори со значење. Претседателски избори со значење не поради историскиот период што нѐ очекува, бидејќи кај нас секој период е со историско значење, туку поради фактот дека успешни претседателски избори ќе имаме само со претседателски кандидати што можат да ја надминат поддршката од политичката партија што ги предлага, што можат да обезбедат поддршка и од други партии и независните гласачи.
Во целиот период по независноста, поради етничката поделба на гласачите во Македонија, победува претседателски кандидат што добил поддршка надвор од симпатизерите на политичката партија што го предлага. За претседателските кандидати на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ во минатото таа поддршка ја обезбедувале ДПА и ПДП. Таа поддршка често беше поддршка на врвовите на тие политички партии, но не и нивните симпатизери, и најчесто постоеја обвинувања дека поддршката е со полнење на гласачките кутии. Тоа се промени во 2009 година, кога на тогашните претседателски избори отсуствуваше полнење кутии, но успехот на претседателските избори беше обезбеден со намалување на прагот на излезеност на гласачите на 40 отсто од претходните 50 отсто и со истовременото одвивање на локалните избори. Немаше полнење кутии, но поради намалениот праг на излезеност и истовременото одвивање на локалните избори не постоеше притисок кандидатите да бараат поддршка од други политички партии.
Но оваа 2014 година не е можно да биде така. Овој пат претседателскиот кандидат што ќе сака да победи ќе мора да побара и да обезбеди поддршка од симпатизерите на други политички партии и на независните гласачи. Победа во првиот круг на претседателски избори е можна само со помала фрагментација на гласовите, односно со помал број претседателски кандидати. Затоа секој претседателски кандидат ќе мора да има поддршка и од други политички партии. Таа поддршка од другите партии може да биде и во нечинење, односно некандидирање свои претседателски кандидати. На пример ќе биде доволно ДУИ да нема свој кандидат. Дури и да има предвремени парламентарни избори, тие ќе се преклопат со првиот круг на претседателските избори, така што во вториот круг не ќе може да се смета на партиската мобилизација. Ако нема победник во првиот круг, и во вториот ќе биде потребна поддршка од друга партија, за обезбедување излезеност на гласачите од 40 отсто. Покрај поддршка од други партии, ќе биде потребен не еден јак кандидат, туку двајца силни кандидати, за да ги мобилизираат гласачите и на левицата и на десницата.
На овие претседателски избори ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе мора да предложат претседателски кандидати што ќе ја добијат поддршката на сопствените симпатизери, но и на симпатизерите на други политички партии и независните гласачи. Оттука и одолжувањето на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ во објавувањето на имињата на претседателските кандидати. И двете партии ја мерат и премеруваат поддршката што можните кандидати ја имаат меѓу гласачите, меѓу сопствените симпатизери, кои кандидати можат да обезбедат поддршка и од други политички партии.
И обезбедувањето поддршка од други политички партии не е исто што и „консензуален кандидат“ според ДУИ. Според повеќе теоретичари, на пример како Хоровиц, мнозинските изборни модели, како нашиот претседателски модел и како моделот на избори на градоначалник, се поволни за помирување, бидејќи постигнувањето изборно мнозинство поттикнува надминување на партиските и на етничките рамки. Од таа гледна точка е поволно претседателски кандидат да ги надмине партиската и етничката рамка. Но тоа може да е поволно само ако има избори, ако има политички натпревар меѓу најмалку двајца кандидати. Затоа за Македонија не е добро да има еден консензуален кандидат, бидејќи тоа ќе биде суспензија на изборот. На Македонија ѝ се потребни најмалку двајца кандидати и од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, по можност три и повеќе кандидати, кои ќе ја бараат поддршката од други партии и не само од ДУИ туку и од ДПА, НДП и други партии.
Претседателските избори нема да значат, само бидејќи претседателските кандидати ќе мора да побараат и да обезбедат поддршка од симпатизерите на други политички партии и на независните гласачи, туку дека таа поддршка ќе мора да ја обезбедат со јасна политичка програма. Локалните избори во Карпош во 2009 и 2013 година, во Центар во 2013 година, покажаа дека кандидатите, надвор од влијанието на политичките партии, можат да влијаат на резултатите на изборите.
Претседателските кандидати што се споменуваат во јавноста треба да го променат својот „чекачки“ стил и да бидат проактивни во комуникацијата на своите ставови за двете подрачја од надлежност на претседателот на републиката: одбраната и надворешната политика. Кои се нивните видувања од нашата стратегиска ориентација и евроатлантските интеграции, вклучувајќи како да се надмине блокадата и како ќе се решава спорот за името, сѐ до нашето учество во мировните мисии.