Отворање на комши-капиџиците

Изминатите недели беа објавени две истражувања, за првпат „Глобално водство, соседство и односи со Бугарија“  и по трети пат  „Спорот за името 2013“, во издание на МЦМС и ИДСЦС, а мое авторство. Двата извештаи ги третираат  односите на соседите со Македонија, за што се осврнав во „Србофилија?“, како  и два важни предизвици: договорот за добрососедство со Бугарија и спорот за името, вклучувајќи и од аспект на можни решенија.

Односите со Бугарија, според секој втор граѓанин се оптоварени со историјата и различното толкување на историјата, а секој десетти смета дека е проблем  теснопартиското дејствување на националните политичари. Граѓаните во Македонија ја чувствуваат Бугарија како пријателска или неутрална (53,4%),  голем е бројот на граѓани кои ја чувствуваат како непријателска (43,4%), а перцепцијата за пријателство со Бугарија, од 2008 г. кога изнесувало 74,7%,  има тренд на намалување. На добрата страна, огромно мнозинство граѓани сака подобрување на односите со Бугарија (87,8%), сметаат дека склучувањето на договорот за добрососедство е од  важност (85,4%) и очекуваат поддршка од Бугарија на патот во ЕУ (87,5%). Граѓаните се релативни оптимисти во односот на договорот за добрососедство и очекуваат договорот да се склучи за една година или не подоцна од две до пет години.

Односите со Грција, подобро речено политичките односи бидејќи нивниот квалитет се разликува од економските односи или односите во туризмот, се на најниско можно ниво. За четири од пет граѓани Грција е најмалку пријателски сосед од сите пет соседи. Односот на Грција како непријателски го перцепираат девет од десет граѓани (89,9%), со што нивото перцепција на непријателство го постигна плафонот по блокадата на НАТО самитот во Букурешт, кога во 2008 година пораснува на 87% од 65% во 2006 година. Високата перцепција на непријателство од Грција доведе до зајакнување на цврсти позиции во однос на името, неприфатливиста на било каква промена, на било која одредница, што може да се сумира во 62,7% против, а 17,3% за изјаснување на референдум за „промена на името во Горна Република Македонија за севкупна употреба“. Идентитетот е клучен фактор во спорот и 53,8 % од граѓаните како главна пречка за решавање на спорот го гледаат неприфаќањето на Грција на реалноста за постоење на Македонци и македонски јазик. Граѓаните согледуваат потреба за градење на широк договор, а најодговорен за градење на широк договор е Владата на Македонија. Иако граѓаните посакуваат брзо решение, висок е песимизмот и секој трет граѓанин мисли дека спорот никогаш нема да се реши, а доминира перцепцијата дека Грција не се залага за решение. Граѓаните имаат поделени ставови како понатака: еден од пет (22%) сметаат дека разговорите треба да продолжат во иста форма, еден од три (31,8) се за подигнување на нивото на разговори со вклучување на премиерите, двајца од пет (37,4%) се за суспензија или прекин на разговорите.

Како понатаму? Венизелос, грчкиот министер за надворешни работи, кој деновиве ги набројува пречките на македонскиот пат кон ЕУ треба да биде демантиран дека постои проблем со исполнувањето на политичките критериуми и односите со Бугарија.

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ треба да направат се во исполнување на мартовскиот договор. Донесувањето на буџетот, како и на Изборниот законик се чекори во добар правец и тоа треба да продолжи со дијалог за изборниот календар и спроведување на препораките на Комисијата за 24 декември. Секако покрај политичкиот дијалог, мора да се работи и на другите приоритети, како слобода на медиумите, борба против корупцијата…

Договорот за добрососедство со Бугарија треба да се постигне во 2014 година, додека е висок оптимизмот поврзан со неговото склучување. Тоа би било од стратешко значение, бидејќи би ги намалил товарот на спорот со Грција, и би отворил оптимизам дека можеме да ги решаваме проблемите со соседите. Декларацијата за добрососедство од 1999 година е добра основа за договорот, а оспоруваните решенија како дефинирањето на јазикот на декларацијата како „македонски јазик според Уставот на Република Македонија“ отвори пат за многу билатерлани спогодби, а не му наштети на македонскиот јазик. Македонија треба да преземе и похрабри чекори за одбележување на заедничките видни личности. Довербата може да почне да се гради со Св. Кирил и Методиј, кои се видни личности и во Македонија и во Бугарија, но и во Чешка, Словачка и Русија. Македонија треба да иницира овој 24 мај 2014 година, „Св. Кирил и Методиј“ – Денот на сесловенските просветители, празник и во Бугарија и во Македонија, биде заеднички одбележан.

Така би изграделе позиција дека Македонија е спремна за предизвиците за добрососедство, што би ја зајакнало нашата позиција во разврската за спорот за името со Грција. Решение за спорот за Грција треба да бараме во подигање на нивото со вклучување на премиерите, како што се залага и премиерот Никола Груевски, а не во суспензија или прекин на разговорите.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.