Пред педесетина години, еден многу познат политичар рекол „Ich bein ein Berliner“ (Јас сум берлинец) во знак на солидарност со граѓаните на Берлин. Денешниот коментар го насловив „Ik ben Nederlands“ (Јас сум Холанѓанец) во знак на солидарност со Холандија.
Поводот е неодамнешното пишување на дневен весник, на насловната страна, со наслов „Холандската амбасада финансира опозиција и создавање парадржавни системи во Македонија“. Што пишува весникот? Холандската амбасада објавила повик за поддршка на медиуми, со кој весникот обвинува дека ќе се финансира, со 80.000 Евра, отворање на нов дневен весник и четири портали блиски до опозицијата и дека тоа се врши на нетранспарентен начин. Тоа е само основа за градење на теза дека Холандија тоа не би го направила доколку не блиска со опозицијата и албанските партии во Македонија и дека со тоа намерата е да се работи против актуелната владејачка гарнитура и против Република Македонија. За поткрепа на тезата весникот тврди дека Артан Груби и „Разбуди се“ се финансирани од холандската амбасада, исто како и ЛБГТ центарот и геј-парадите. И Холанѓаните никогаш не финансирале нешто општествено корисно како образование, претприемништво, земјоделие или култура.
Многу ретко реагирам на пишување на весници, поаѓајќи од тоа дека секој има право на своја уредувачка политика. И нема потреба да бидам дрвен адвокат, Холанѓаните веднаш одговорија со факти на сите тврдења на весникот. Немаше да се солидаризирам доколку написот останеше изолиран. Но написот не остана на маргините, туку беше пренесен од новински агенции и неколку национални телевизии. Затоа имам потреба да се солидаризирам со Холандија и да им порачам, и јас сум Холанѓанец. Јас сум убеден дека Холандија била, е, и ќе биде наш пријател, и дека повеќето граѓани ја чувствуваат како таква – пријателска.
Неколку работи од одличниот одговор на холандска амбасада. Според амбасадата, поддршката на медиумите е во согласност со ХЛАД-приоритет за слобода на изразување во медиумите, како и со Владиниот приоритет за „јакнење на етиката и новинарските професионални стандарди“. Холандија никогаш не го финансирала „Разбуди се“. Холандија е еден од најголемите поддржувачи на Македонија, како и еден од најголемите донатори со поддршка во минатиот период која надминува 200 милиони евра. Од тие пари 95 милиони евра се директни поддршка (уплата) во буџетот на Македонија, повеќе од 30 милиони се за развој на претприемништвото со поддршка на Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), Прокредит и Репарис, 23 милиони се за поддршка на извозот и менаџментот на македонски компании, 40 милиони за образованието, поддршка во културата итн.
Да бидам и јас транспарентен како холандската амбасада, во минатото, до 2006 г., Холандија, нејзината Влада, црковни организации, граѓани, ги подржувале организациите кои сум ги водел како МЦМС и МРФП.
Неколку дополнителни работи за македонско-холандската соработка: Холанѓаните, по соседите и земјите од поранешна Југославија, се меѓу најбројните странски туристи во Македонија, а Холандија е 18 трговски партнер на Македонија. Но поддршката пред сè во нематеријална, нефинансиска смисла, била можеби и поважна од финансиската. Чувството за пријателство не се должи само добиената поддршка, личната или таа искажаната во бројки, тоа е многу подлабоко. Моите први контакти со странци, како шест-седум годишно дете ги имав со деца од Холандија. Јас, како и многумина Македонци, веројатно ги учевме првите зборови на странски јазик, од врсниците Холанѓани – туристи во Охрид. Огромниот интерес на Холанѓаните за Македонија е создаден многу одамна со романите на „Ориент експрес“ од 1934 г. и „Свадбата во Охрид“ од 1939 г. на Ден Доолард, на кого му е подигнато спомен обележје во Охрид во 2006 г. Тоа резултира со многу искрени пријателства, мешани бракови, заеднички бизниси, Холанѓани, како Питер Џон Босе, кои ја избраа Македонија за свој дом.
И не смее да се заборави дека во најтешките години за Македонија, во борбата за признавање на независноста, Македонија ја имаше поддршката од Холандија и Ханс Ван дер Брук, тогашен министер за надворешни работи, кои заедно со Данска и нивниот министер Уфе Елеман – Јенсен, беа меѓу ретките подржувачи на Македонија. Холандија беше во групата на шест членки на ЕУ кои први ја признаа независноста на Македонија во 1993 година.
Поради сето тоа е добро дневниот весник, ако не објавил извинување за објавените неточности, а нив ги има многу, да се извини што поскоро и да го објави демантот. ЗНМ и МАН треба да реагираат на грубото кршење на професионалните стандарди, бидејќи професијата, еснафот не се брани само со заштита на новинарите членови, туку пред сè со чување и градење на професионалните стандарди. На тие што се согласуваат со пишувањето на дневниот весник, можам да им го порачам следново. И јас не се согласувам со сè што прави Холандија, како што не очекувам ниту тие да се согласат со сè што прави правам јас или ние. Но потребно е да ја видиме шумата од дрвата, да ги видиме пријателите и покрај несогласувањата, да видиме дека Холандија е наш пријател!