Уште не стивнаа коментарите за украинизација и османизација на Македонија, кои, како што коментирав во „Македонија не е Украина“ имаат иста функција на потикнување на страв, се постави прашањето „до каде може да стаса оваа србофилија“? Поводот е изјавата за заеднички амбасади на земјите од регионот, а аргументацијата се споменикот на Цар Душан, изградбата на Офицерскиот дом, продажбата на земјата каде била куќата на Мајка Тереза, заедничката владина седница со Србија, заедничките полициски патроли и гранични центри со Србија. Србофилија имало и кај медиумите, граѓанското општество и интелектуалците. И така таа „владина србофилија дава свои резултати и кај македонските граѓани кои сметаат дека најдобриот сосед е Србија“.
Поради селективноста на аргументите, односно памфлетскиот карактер на тезите, можеби и не треба да се коментираат или може лесно да се побијат, но сепак темата заслужува повеќе дебата. Неколку примери за лесно побивање. Како е србофилија продажбата на земјата каде била куќата на Мајка Тереза, ако истовремено е изградена Меморијална куќа на Мајка Тереза, воведена државна награда „Мајка Тереза“, преименуван е Клиничкиот центар (најголемата болница во земјата) и булеварот Водњанска во Скопје во Мајка Тереза!? Како е србофилија наводното игнорирање на ставовите на Српската православна црква (СПЦ) кон Македонската православна црква, кога е во затвор Зоран Вранишковски (според СПЦ нивни владика), а неговата црква е нерегистрирана? Или обратно, дали Албанија треба да ја чувтсвуваме непријателска само поради тоа што службено ја употребува привремената референца?
Точно е дека граѓаните на Македонија, според неодамна објавеното истражување на МЦМС, за најпријателски сосед ја сметаат Србија. Исто така граѓаните етнички Македонци и етнички Албанци имаат различни перцепции за најпријателски сосед, додека за едните тоа е Србија, за другите тоа е Албанија. Зошто граѓаните ја перцепираат Србија како најпријателски сосед? Перцепцијата за најпријателска земја, тесно е поврзана со најдобрите лични искуство, како и најдоброто познавање на историјата и културата. Покрај културните врски, секако важни се и економските и политичките односи.
За да се контекстуализираат работите треба да се истакне дека додека граѓаните како најпријателски сосед ја доживуваат Србија како најпријателска нација и најдобар сојузник на Македонија ја доживуваат Турција. Перцепциите селективно употребени можат да се употребат како „докази“ за „србофилија“ или пак за „османизација“ на Македонија. Затоа тие не може селективно да се анализираат. Треба да се истакне дека на листата на најпријателски земји се и Словенија и Хрватска, што укажува на еден посебен однос со земјите произлезени од поранешна Југославија. Но и тоа треба да се постави во контекст бидејќи Македонците најмногу ја ценат Германија, а таа е и најголем трговски партнер на Македонија.
Чувствата на пријателство се засновани на веројатно добрите искуства во минатото, во поранешна Југославија. Во истиот период, во кој поради студената војна, се градела недоверба и изолација кон Албанија и Бугарија. Дали минатото влијае на сегашноста или сегашноста селективно ги засилува сеќавањата од минатото е прашање, но покрај минатото, сегашноста е сигурно значеан фактор во перцепциите за добрососедство. Односите со земјите со поранешна Југославија се засилуваат со културните, информативните или спортските врски. Неколку примери. Изборот на најголемите кабелски оператори обезбедува пристап до информативни телевизиски програми од земјите на поранешна Југославија (и Албанија), но не од Бугарија или Грција. Македонија во спортот е добра во ракомет и кошарка, спортови во кои земјите од поранешна Југославија се добри, спортови во кои има регионални лиги, кои ги јакнат спортските врски меѓу тие земји. Или пример од секојдневието е Икс-фактор Адриа, каде со Македонија учествуваат Србија, БиХ и Црна Гора, додека Бугарија и Албанија/ Косово имаат сопствени музички натпревари. На тоа се надоврзуваат и економските и инфраструктурните врски. Србија, Словенија и Хрватска, како и Грција, Косово и Бугарија, се меѓу 20-те најголеми трговски партнери на Македонија, но меѓу нив не е и Албанија. Коридорот 10 кој нè поврзува со Србија и Грција се приближува кон завршување, додека Коридорот 8 кон Албанија и Бугарија е во зачеток и инфраструктурната поврзаност со тие земји, од двете страни на границата, е лоша.
И на крај политичките односи. Зошто Србија толку капитализира, за разлика од Бугарија, Албанија и Косово, секако во услови кога Грција е препознаена како најнепријателски сосед од сите соседи. Точно е дека односите со Србија се оптоварени со односот на СПЦ кон МПЦ, како и повремената „бјрмизација“, но српските политичари, со исклучок на Шешељ и Драшковиќ, успевале тие прашања да ги релативизираат и да ги стават во втор план. И тоа во ситуација кога поради затворањето на Зоран Вранишковски и нерегистрацијата на неговата црква, СПЦ е доста раздразнета. Не можам да оценам дали е тоа нивен искрен однос или само умешна политика, но дава резултати. За разлика од Бугарија која огромниот капитал создаден од Жељу Желев го стопи со флертувањето со Атина.
И на крај, перцепцијата на граѓаните на Македонија кон Србија како најпријателска земја не ја загрозува стратешката потреба од еднакво добри односи со сите соседи, посакувана политика од најмногу граѓани. Затоа да не се заплашуваме со украинизации, османизации, србофилства, туку да отвориме расправа како до подобра примена на политиката за еднакво добри односи со сите соседи.