Македонија не е Украина

Стана практика, секој декември, по (не)одлучувањето во Брисел, да се коментираат евроатлантската ориентација и перспективи на Македонија. Деновиве може да се прочитаат многу коментари и изјави, најдобар показател дека во Македонија имаме јавна дебата за стратешката ориентација. Според Стево Пендаровски „релевантните политички субјекти треба да се договорат за две работи: дали нашите стратешки цели утврдени во 1990-тите остануваат истите или не, и ако одговорот е позитивен, тогаш каков компромис треба да направиме за да се интегрираме“, а според Билјана Ванковска во „Нека се носат во…Украина“: „треба трезвена политика во која ќе почнеме сами да си ги решаваме проблемите…“ и да не трчаме по оној кој го обожаваме (ЕУ), туку да свртиме грб и чекаме да покаже интерес, додека за Ѓакуш Кабаши на земјава и претстои украинизација.

Кабаши во колумната: „По Брисел: украинизација на Македонија“, наведува дека Македонија, со зависноста од кредитите и недостигот на демократско владеење, е блиску до украинско сценарио. Според авторот показател за блискоста на таквото е барањето алтернативи во Русија („Јужен тек“), Кина и Индија. Авторот заклучува кога ќе пресушат европските кредити, руските понуди и енергенси, без вистински европска влада и силни медиуми, Македонија има многу повеќе шанси да стане Киев отколку да заличи на Загреб.

Прво да не идеализираме, зошто јас не би сакал да заличиме на Загреб, во некои аспекти. Хрватска имаше најмала поддршка за ЕУ. Со референдумите во Хрватска, пред се со можниот референдум против употреба на кирилицата, односно азбуката и јазикот кој го употребува 30% од населението, не сум сигурен дека тоа е идеалот. Дали е идеал во Македонија да се одржи референдум за неупотреба на латиницата?

Дали украинизацијата на Македонија е реален ризик или заплашување на граѓаните етнички Албанци? Според двата употребени критериуми, долг и демократија, Македонија е далеку од украинизација. Македонија има долг од околу 30 отсто од БДП, Украина од 40 отсто со тренд за 2014 година од 48 отсто. Фридом хаус ја класифицира Македонија како полуконсолидирана демократија, заедно со Романија, Бугарија, Србија, Црна Гора и Хрватска, додека Украина е хибриден режим (меѓу авторитарен и демократски), како и тој во Албанија. И доколку постои ризик во управувањето на јавните финансии и од авторитарни трендови, Македонија не е Украина, поради како што Ванковска забележува, Македонија за разлика од Украина, има основен општествен договор.

Евроатлантската ориентација на Македонија е заснована на длабоките политички, економски и културни врски на Македонија со земјите на ЕУ (НАТО). Украина има длабоки економски врски, околу 30 отсто од трговска размена, и културни врски, употреба на руски јазик, со Русија. За разлика од Украина, Македонија има длабоки економски врски со Германија, околу 20 отсто од трговска размена и 35 отсто од македонскиот извоз, уште подлабоки со ЕУ 28 со кои се остварува околу 70 отсто од трговската размена, но не со Русија која е на 12-то место на трговски партнери со 1,9 отсто од трговската размена. И диверзификацијата на трговијата со Русија, Кина и Индија, не е анти ЕУ – Германија има повисок процент на трговска размена со Кина од Македонија.

makedonija-ne-e-ukraina

И граѓаните на Македонија, мнозинство од нив, и понатаму ја поддржуваат евроатланската ориентација. И не само што ја поддржуваат, туку не гледаат алтернатива надвор од неа. Во неодамнешна анкета на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), граѓаните имаат најдобро мислење, од аспект на глобална политика, за Германија и САД. Покрај тоа што граѓаните имаат најдобро мислење за Германија и САД, збирот на земји за кои постои најдобро мислење, а кои се членки на НАТО, изнесува 56,5 отсто, наспроти 24,5 отсто за земјите кои не се членки (вклучувајќи ја Србија, Швајцарија…), а односот е 2.3. Понатаму земјите членки на НАТО се перцепирани и како најдобри сојузници на Македонија, при што збирот изнесува 42,3 отсто, наспроти 18,9 отсто на земјите кои не се членки, а односот е 2,23. За споредба Русија е на 12 место на најценета политика, а на седмо место на најдобар сојузник на Македонија.

Затоа Македонија не е и не може да биде Украина. Македонија има основен општествен договор за својата евроатлантска ориентација. Желбата на етничките Македонци и на други граѓани на Македонија, да го зачуваат своето име и идентитет, не е анти-НАТО и анти-ЕУ. Дури ваквата теза дека цврсти ставови за името се анти НАТО и ЕУ е крајно опасна, бидејќи обратно би се заклучило дека тие што се за НАТО и ЕУ, се против името. А верувам дека големо мнозинството е и за Македонија и за евроатлантските интеграции.

Да споменам сеење на уште еден страв, дека Македонија се османизира. Политичар од опозицијата, крајно шовинистички, поттикнува страв, доколку остане надвор од НАТО и ЕУ, дека Македонија влегува во османизација (исламизација), спроведена од Турција, инаку перцепирана како најпријателска земја на Македонија. Поттикнување на стравот од османизација на Македонија, меѓу етничките Македонци, ја има истата функција како поттикнување на стравот од украинизација, стравот од Русија, меѓу етничките Албанци – исплашените граѓани, со изгубена самодоверба, очајно да бараат спас.

Од друга страна, за Македонија и властите, постои ризик од ставот „ние сме спремни, Брисел нека одлучи“. Се надевам дека тоа не значи ние ја завршивме работата, туку ние сме спремни напорно да работиме и ги подобруваме состојбите. Тоа е ризик бидејќи во иднина може да се очекуваат повисоки и повисоки критериуми од Брисел за членство во ЕУ, не поради Македонија, туку поради трендовите во некои ЕУ-земји против проширувањето. И бидејќи, секако, македонските граѓани очекуваат повеќе во намалување на сиромаштијата и невработеноста, во борба против корупцијата, во политички дијалог и слободните медуми, во непристрасни судови и јавна администрација, во подобри меѓуетнички односи…

Македонија нема да се украинизира, ниту да се османизира, бидејќи Македонија има длабоки економски, политички и културни врски со земјите членки на ЕУ, кои не можат да се нарушат од можниот застој на евроатлантските интеграции. И застојот поради спорот на името, не смее и не може да оправда нерешавање на предизвиците кои ги имаме, бидејќи не смееме да заборавиме тоа го правиме за наш подобар живот, а не за исполнување на критериуми за членство.

***

Среќна Нова година! Честит Божиќ!

srekna-nova

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.