Инвиктус

Изминатиот викенд, во неговото родно село Куну, беше погребан Нелсон Мандела, легендарниот борец против апартхејдот. Борбата против апартхејдот е една од работите кои му донела признание на Нелсон Мандела, но неговата величина е заснована на нешто друго. Тоа нешто друго можеби е најдобро изразено во зборот „тата“ или татко на неговиот јазик коса, бидејќи Нелсон Мандела често е опишуван како татко на нацијата. Да бидеш борец против апартхејдот е постигнување, но да бидеш татко на нацијата е инспиративно лидерство. И тоа татко на мултикултурна нација како Јужноафриканската република (ЈАР), поделена од долгогодишната политика на апартхејд. Но сликата не е црна и бела, таа е многу поразнолична. Не сите црни се само црни, и не сите бели се само бели: во ЈАР живеат четири раси: црни (79,5%), обоени-мешани (8,9%), бели (9,2%) и азијати/индијци (2,5%), а службени се 11 јазици: африканс (настанат од холандскиот јазик), англиски, јужен и северен ндебеле, јужен и северен сото, свази, цонга, цвана, венда, коса и зулу. Коса, мајчиниот јазик на Мандела го говорат 18 проценти од населението на ЈАР.

Како еден африкански националист, комунист и револуционер (коосновач на борбена група во 1961 година) стана татко на нацијата. Секако дека неговата одлучност и посветеност на борбата против апартхејдот е носечки столб на инспиративното лидерство. Но и Роберт Мугабе, претседателот на Зимбабве, е посветен борец за слобода, но ќе замине како изолиран диктатор.

invitikusПосветеноста на Мандела кон помирувањето е тоа што ќе го направи татко на нацијата. Мандела разбира дека неговото движење Африкански национален конгрес (АНЦ) не може да постигне воена победа, и дека напуштањето на белците ќе доведе до девастација на економијата. Мандела е африкански националист, чиј поглед е на долгорочните добивки. Оттука, помирувањето, а не целосна победа е клучот за успех , клучот за прогрес и благосостојба на нацијата. Првиот чекор на помирувањето е воспоставувањето на политички дијалог со своите непријатели: Де Клерк од Националната партија (НП) – про-апартхејд и Бутелезе од Инката (Зулу сепаратистичка партија). Политичкиот дијалог воспоставен со целосна поддршка и вклученост на меѓународната заедница и Западот, води кон Влада на национално единство на поранешните непријатели, по првите демократски избори во 1994 година. Во политичкиот дијалог Мандела ќе направи значајни отстапки од сопствените и целите на АНЦ, како воведувањето на девет провинции со своја администрација, како компромис меѓу АНЦ-барањето на унитарна држава со мнозинско владеење и тие на НП за федерација на територијални единици засновани на расна/етничка основа. Или, пак, гаранциите за здржување на белците во администрацијата. Или отстапување од широка социјалистичка национализација.

Битен чекор во помирувањето е воспоставувањето на Комисијата за вистина и помирување (КВП). И во ЈАР се направени обиди за транзициска правда преку казнена правда, преку судови. Но првите обиди за судење за командна одговорност на министри за извршени злосторства во периодот на апартхејд завршиле без успех, бидејќи доказите се недостапни или уништени. Проблеми со кои се соочи и правдата во поранешна Југославија, како што пишував во „Македонија виновна за војните во бивша СФРЈ“. Соочени со можноста да се дестабилизира транзицијата кон мир и демократија, ЈАР се врти кон моделот на Комисијата за вистина и помирување, како модел на ресторативна или репаративна правда, која ќе го утврди образецот на злосторства, ќе ја открие вистината и ќе ги рехабилитира и жртвата и виновникот.

Комисијата е воспоставена во 1995 година, под водство на Архиепископот Дезмонд Туту, а ќе прави јавни сослушувања во периодот 1996 – 1998 година. Комисијата согласно со мандатот има три комитети: за истражување на кршењата на човековите права во апартхејдот, за репарации и рехабилитација на жртвите, и за амнестија на виновниците. Истражувани се злосторствата на сите вклучени страни, вклучувајќи ги тие на АНЦ, со што е избегната замката на правда на победниците. Уникатен е моделот на амнестија за злодела кои се политички/идеолошки мотивирани и пропорционални и што е најважно само доколку виновникот целосно ја открие вистината. Така пред комисијата ќе се презентираат и вистините на жртвите и на виновниците. Фокусот на вистината и помирувањето е во јасен контраст на Нирнбешкиот модел и де-нацификацијата. Моделот на Комисијата за вистината и помирувањето, како перцепиран успех, е широко прифатен, особено во Африка, иако дебата за успехот на Нирнбершкиот модел и КВП моделот е постојано отворена. Критиката од семејствата на жртвите е дека со амнестијата, виновниците ја избегнале правдата.

КВП моделот не е возможен без простување, подготвеност на жртвите да им простат на виновниците. Самиот Мандела е олицетворение на простувањето, бидејќи им простува на тие што го држеле затворен речиси 30 години. И не само што простува, туку подава рака за соработка, како во случајот на рагби тимот Спрингбокс. Рагби тимот, како олицетворение на белата надмоќ и на апартхејдот, немал поддршка од црното население. Мандела во партнерство со Пиенар, капитен на тимот, го менува тоа – тимот добива поддршка на црните навивачи, Мандела на белите навивачи, а ЈАР победува во рагби светскиот куп во 1995 година. Тоа е документирано во книгата „Игра со непријателот: Нелсон Мандела и играта која направи нација“, како и во филмот „Инвиктус“.

И на крај, величественоста на Мандела, наспроти неговиот соборец Мугабе, не е само во дијалогот, инклузивноста, помирувањето, или во отстапувањето од државниот социјализам. Мандела и покрај можноста да биде реизбран по втор пат за претседател на ЈАР, се повлекува од политика. И така се ослободува од можни прашања на авторитарност, корупција – сè во што е заглавен Мугабе. Бидејќи во политиката покрај кога да влезеш, мора да знаеш кога е време да излезеш.

1 thought on “Инвиктус”

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.