Александров, Броз и цар Душан [2]

Во претходниот дел коментирав за меѓусебната поврзаност помеѓу наследството, идентитетот и именувањето на места и/или комеморациите на личности и настани. Во полемика, без дијалог, се води јавната расправа пред сè поврзана со „Скопје 2014“, и од внатреетнички аспект, како и од меѓуетнички аспект. Во таквата расправа нема простор за комплексноста на историјата и можноста да постојат два или повеќе различни погледи, толкувања…

Од меѓуетнички аспект, реакциите на комеморацијата на Цар Душан, односно поставувањето на негов споменик во Скопје, покажува голема општествена неподготвеност да се прифати комплексноста на историјата и мултикултурниот карактер на Македонија. Без навлегување во историска расправа за Цар Душан, може да се посочи дека основата на критиките за комеморацијата на Цар Душан е неприфаќање на мултикултурноста на Македонија. Таквата теза може да се потврди со селективноста на аргументите.

aleksandrov-broz-i-tsar-dushan-2Еден од аргументите против е дека Цар Душан е окупатор на Македонија. Тоа е аргумент, само ако српската етничка заедница не се гледа како составен дел од мултикултурна Македонија. Истите аргументи може да се употребат во повеќе случаи. Прв пример: Мустафапашината џамија во Скопје, која е комеморација на Мустафа Паша, заповедник на Скопје и отомански везир. По повеќе години заврши реставрацијата на џамијата и нејзиното отворање беше со присуство на потпретседателот на Владата на Владата на земјата наследничка на империјата која владеела со Македонија пет века. Сите ја поздравија реставрацијата, без расправа во кое својство Мустафа Паша бил во Скопје. Втор пример: во 2009 година се обновени германските воени гробишта во Прилеп во кои се погребани над 1.800 војници погинати на Македонскиот или Солунскиот фронт во Првата светска војна. На отворањето учествуваат тогашниот македонски министер за одбрана Коњановски и германскиот заменик министер за одбрана Кристијан Шмит. Шмит го означува моментот за чин на македонско-германско пријателство и рече: „Ние тука стоиме над гробовите на многу паднати војници кои треба да ги почитуваме. Токму ова стоење над тие гробови треба да значи едно помирување помеѓу сите народи.“ Токму така, прифаќањето на комплексноста на историјата и постоењето на два или повеќе погледи е почетокот на помирувањето.

И трет пример: комеморацијата на Кемал Мустафа Ататурк по кого се именувани најмалку три училишта во Македонија последните неколку години. Величан како татко на модерна Турција и како секуларист, малкумина воопшто ќе споменат дека Ататурк ја врши размената на население, во кое се протерани еден и пол милиони христијани, или пак дека е обвинуван за наводен геноцид врз Ерменците, а на карактерната страна дека бил зависник од алкохол.

Таткото на едните е тиранин на другите, тоа што е ослободување за едните е поробување на другите, затоа помирувањето е изискувачки процес.

И тоа не е само наш проблем, тоа е така насекаде. На пример, Кристијан II, дански крал, популарен во Данска, во Шведска има прекар Кристијан Тиранинот – затоа што војувал и насилно владеел делови од Шведска. Во друг пример, градот Њу Орлеанс во САД одлучува да ги де-комеморизира, смени имињата на јавни установи, вклучувајќи и училишта, именувани според сопственици на робови. Жртва на градската одлука е бришење на името на Џорџ Вашингтон, војсководец и првиот претседател на САД, „таткото на американската нација“, кој истовремено е сопственик на робови. Или пак Вудроу Вилсон, американски претседател за време на Париската мировна конференција, добитник на Нобелова награда за мир, истовремено е воведувач на расната сегрегација во администрацијата.

Затоа разочарувачки е однесувањето на политичари и граѓански активисти -етнички Албанци, кои, без разлика како е поставен споменикот на Цар Душан, дејствуваат спротивно на сè што заговараат. Заговараат мултикултурност, но подразбират бинационалност, каде нема простор за етничките Срби. Не знам како ги повредува царот Душан, кој живеел пред многу векови, освен што бил српски цар, а не согледуваат како други во земјата се повредени на истиот начин, од нивна страна. Заговараат решение на спорот за името со Грција, со прифаќање на име со географска одредница, а тука со чекан се нафрлаат на еден споменик. Жално е што некои припадноста на Запад мислат дека ја потврдуваат со вандализам. Обидите да се оправда вандализмот, со какви било претходни постапки, се жални. По нивниот пример, како ќе треба да реагираат граѓаните кои не прифаќаат промена на името!? И на крај, да изразам жалење за политичарите што мислат дека најдобар начин за градење на политички рејтинг не е развој на меѓуетничките односи или градење на хидроелектрани, туку сликање при вандализација на споменик.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.