Документи, снимки … за не дај боже!

Во Македонија кружат политички приказни дека властите, поранешни и сегашни, во текот на владеењето собираат документи, снимки, досиеја и други материјали за наводно сторен криминал од своите политички ривали. Целта на таквото собирање на документи најверојатно не е борба против криминалот и владеење на правото, туку тие документи, снимки, како во приказната за кубурот и Македонецот, се да се најдат, за не дај боже, да бидат употребени против политичките ривали, во негативна кампања, во тешки политички моменти. Така се случуваат пронајдени по дворови досиеја од безбедносни служби до снимки од непознати извори.

dokumenti-snimki-za-ne-daj-bozhe

Минатите денови опозицијата ја објави наводната афера „Македонска банка“ со обвинувања за наводна вмешаност на врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Наводното противзаконско посредување, примање поткуп и затајување данок, за што СДСМ поднеле кривична пријава, се случиле во 2003-2004 година.

Уште еднаш „Македонска банка“ е во фокусот на интерес на јавноста, иако е во процес на ликвидација од пред повеќе години. Уште еднаш, бидејќи таа банка продуцираше афери уште како Љубљанска банка, во која исчезнаа милиони германски марки при распадот на Југославија, потоа при обидот на Љубчо Георгиевски, тогаш премиер, да создаде „банка на ВМРО-ДПМНЕ“ наспроти една друга голема банка која беше перципирана како „банка на СДСМ“, до одлуката на Петар Гошев, тогаш гувернер на НБМ, за одземање на дозволата за банка поради несоодветна сопственичка структура на банката. Толку за контекстуализација.

СДСМ неколку дена велат водат борба против криминалот, за владеење на правото… Дали е така, или станува збор за ново продолжение на негативната кампања „Зад маската на чесноста“, со исклучива цел влијание на изборите?

Да, почнам со првиот аспект, неповредливоста на комуникациите, но пред тоа да искажам ограда дека моето образовно и професионално искуство не е  правото, така што понатамошни коментари на стручњаци се добредојдени. Неповредливост на комуникациите, не од аспект, кој прислушкувал телефонска комуникација, во 2003 година, на тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кога Премиерот, Министерот за внатрешни работи биле од СДСМ, а Јавниот обвинител и Гувернерот биле избрани по предлог на СДСМ. Не од тој аспект, бидејќи документите и снимките пред неколку месеци до СДСМ наводно ги доставил Данаил Дончев, алијас Ден Дончев, во 2003 г. сè уште во ВМРО-ДПМНЕ, а од 2006 година во ВМРО-НП и подоцна во ОМ. Неповредливост на комуникацијата од друг аспект. Амандманот XIX или членот 17 од Уставот на Македонија, ја гарантира слободата и неповредливоста на писмата и на сите други облици на комуникација, од што може да се отстапи само врз основа на одлука на суд, под услови и во постапка утврдени со закон. Според досега познатите информации, од СДСМ објавената аудио снимка, најверојатно не е направена со одлука на суд, под услови и во постапка утврдени со закон. Претпоставувам дека Јавното обвинителство досега немало искуство со ваков случај, па добро е да се слушнат правните стручњаци и тие за човекови права, како Хелсиншкиот комитет, дали може да се води кривична постапка врз основа на доказ – аудио снимка, без разлика дали е автентична или не, која е најверојатно направена незаконски.

Првото обвинување на СДСМ, беше за наводно даночно затајување, дело за што настапува релативна застареност за пет години, и соодветно најверојатно е одамна застарено. Кривичната пријава која ја поднесе СДСМ вклучува и наводни дела за противзаконско посредување и примање поткуп, за што настапува релативна застареност за 10 години, и можеби се застарени, можеби не се, во зависност кога точно во 2003 или 2004 година се случиле наводните дела.

Наводниот случај „Македонска банка“ е дел од „Зад маската на чесноста“ – негативната кампања на СДСМ директно насочена против премиерот Никола Груевски. За СДСМ таа е донекаде оправдана во услови на нерамноправен натпревар, кога ВМРО-ДПМНЕ има многу повеќе ресурси и медиумска поддршка. Целата негативна кампања има одредени ефекти, но тие се ограничени како што покажа првиот круг на претседателските избори. Делумно затоа што премиерот Никола Груевски веќе има изграден имиџ, кога негативната кампања е помалку ефективна, делумно затоа што користи само напади врз личноста на премиерот Никола Груевски, а не и контраст, каде СДСМ ќе покаже дека има поинакво (почесно) раководство. Аферата доаѓа релативно доцна во кампањата, на една недела пред изборниот молк и поради тоа ќе има ограничени ефекти. Тие ефекти нема да бидат предомислување на гласачите на ВМРО-ДПМНЕ, туку повеќе мотивирање на гласачите на СДСМ, кои веќе се убедени во нечесноста на политичкиот ривал, по доживеаниот тежок пораз во првиот круг на претседателските избори.

Наводниот случај „Македонска банка“ треба да биде пред сè прашање на моралот во македонската политика. Добро е да се утврди автентичноста на аудио снимката, без разлика дали од МВР или во тужба за клевета, без разлика на тоа што таа аудио снимка најверојатно е незаконски доказ. Тоа би бил значаен чекор во сериозна дебата за моралот во македонската политика. И како што на твитер напиша мојот пријател Лирим, добро е сите да ги објават сите снимки, и македонската политика се ослободи од заложништвото на тајни документи, снимки…

Без разврска на овој, како и многу други случаи, ќе расте поларизацијата во општеството, која неминовно ќе ја подрива довербата во институциите, во политичките партии, во медиумите… А без доверба во институциите, нема функционална држава…

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.