ДУИ против НАТО?

Последните средби на македонските и грчките претставници со медијаторство на Метју Нимиц, како и најавата за негова посета на Македонија и Грција во јули, се јасни показатели на одредено раздвижување на спорот за името. Новата динамика на спорот за името зависи од три фактори: контекстот во Македонија и во Грција, како и меѓународниот контекст.

dui-protiv-nato-1Новата динамика е предизвикана со промена на меѓународниот контекст. Како што на почетокот на април пишував во „Спасибо, Путин!“,  со конфликтот во Украина и со измена на контекстот во Источна Европа, НАТО и ЕУ проширувањето повторно добиваат елан. Во ЕУ тоа е далеку од видливо, посебно поради јакнење на екстремно десните партии во пресрет на евроизборите. Еланот за проширување е поголем во НАТО, каде е посилно влијанието на САД. Меѓу нас и НАТО се наоѓа спорот за името, кој, пак, како политички проблем, не е надворешнополитички приоритет, ниту на САД, ниту на клучните членки на ЕУ. Но со измена на меѓународниот контекст НАТО-проширувањето може да стане приоритет и со тоа да се создаде поволен меѓународен контекст за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција, со зголемен притисок и врз Грција.

Во Македонија работите одеа во прилог на создавање на услови за решавање на спорот за името. Ѓорге Иванов и ВМРО-ДПМНЕ остварија убедлива победа на претседателските, односно парламентарните избори. ВМРО-ДПМНЕ со тоа има клучно влијание на претседателот, парламентот и владата, како и локалната самоуправа, неопходна политичка стабилност од најмалку 2-3 години, до првите следни – локални избори во 2017 година. Туѓите искуства говорат дека големи одлуки, како решение за спорот на името, се носат на почетокот, во првата година на стабилен мандат на власта. Од тој агол, навидум изгледа и во Македонија се создаваат услови за решение. Навидум, бидејќи може да се испречат две пречки – постапките на ДУИ и СДСМ.

dui-protiv-nato-2ДУИ направи еден чекор што можеше да ја доведе во ризик, а е пред одлука за втор чекор што може да не оддалечи од НАТО. Тоа е прашањето на претседателот на Републиката. Али Ахмети непосредно пред вториот круг на избори, на 25 април, на ТВ АлсатМ, го повикал СДСМ на заеднички бојкот на претседателските избори. Бојкотот ќе резултираше со неуспешни избори за Претседател, вршител на должноста, и нови избори за неколку месеци. Таквиот развој ќе значеше целосно дефокусирање од НАТО. И сега ДУИ е пред слична одлука. Доколку инсистира на политиката на бојкот, и не го прифаќа изборот на Ѓорге Иванов за Претседател, ќе внесе елементи на политичка криза, а бидејќи Претседателот има надлежности во надворешната политика тоа повторно неповолно ќе влијае на евроатлантските интеграции. СДСМ оди во насока на неприфаќање на пратеничките мандати. Парламент без опозиција ќе биде во ослабена позиција за носење клучни државни одуки.

Во Грција, спорот за името стана дел од нивното предизборие. Сириза и Нова Демократија почнаа со меѓусебни прозивки. Во таков контекст Нова Демократија ќе ја зајакне тврдата реторика за спорот за името, вклучувајќи одбивање на можноста Македонија да биде примена во НАТО под привремената референца, за да се избегне можна загуба на гласачи од Златна Зора и Независни Грци, две десни партии. Тие две партии се противат и на декларираните грчки позиции за име со географска одредница за севкупна примена, односно се против решение кое ќе го содржи името Македонија. Поради тоа во Грција не постојат услови за решавање на спорот за името. Доколку на изборите има јасна поддршка или за Нова Демократија или за Сириза, што евентуално би довело до предвремени парламентарни избори во Грција и евентуално би резултирало со стабилна влада, може следнава година и кај нашиот сосед да се создадат услови за решавање на спорот.

Јасно зголемениот меѓународен интерес и притисок за решение, Грција и Самарас, можат да го избегнат со префрлање на вината на Македонија – една партија не го признава Претседателот, друга не го признава Парламентот. Национален интерес е да направиме сè за евроатлантските интеграции. ДУИ треба да го прифатат Ѓорге Иванов  како Претседател на Републиката. На крајот на краиштата, министрите од ДУИ ќе добијат мандат од Ѓорге Иванов. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ треба да започнат веднаш политички дијалог и отстапувајќи од сопствените крајни позиции, да постигнат договор за учество на СДСМ во Собранието.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.