Спасибо, Путин!

Развојот на ситуацијата во Украина е крајно загрижувачки за Украина и Украинците. Како што пишував, Македонија и Македонците имаат најмалку пет причини за поддршка на Украина. Но како Москва и Западот се вкопуваат за продолжена пат-позиција околу анексијата на Крим и политичкото уредување на Украина, можни се промени на пристапи и политики низ целиот свет. Промени на пристапи и политики, вклучувајќи ги и НАТО и ЕУ, поради кои Македонија можеби ќе рече „Спасибо, Путин!“. И да не ве ставам во заблуда, јас не сум русофил, кој мисли дека Путин се грижи за Македонија и ќе ни го спаси името, туку мислам дека пат-позицијата во Украина може да и помогне на Македонија на индиректен начин.

spasibo-putinПоследните недели се прават многу анализи, се напишани многу коментари, како конфронтацијата на Москва и Западот во Украина ќе влијаат на светот. Многу од анализите и коментарите се со многу емоции и ќе избледеат, како што украинската криза ќе влезе во разрешница. Но од сите спомнувани последици по светските политики, вредни се за коментар заживувањето на НАТО и поттикнувањето на единството во Европа.

НАТО, кога почна да изгледа дека ја губи својата релевантност, посебно по завршувањето на мисијата во Авганистан, изгледа дека заживува. Се бара зголемено присуство на НАТО во Полска и Балтикот, се зборува за заеднички одбранбени потреби, та дури и неутралната Шведска и кон Русија секогаш внимателната Финска, отвораат дебати за поголема соработка со НАТО.

Европската Унија барем засега се обидува повторно да се обедини, поради враќањето на заедничка надворешна закана – Путин! Заборавениот „Вајмарски дијалог“ или „Вајмарски триаголник“, координација меѓу Франција, Германија и Полска, повторно заживува. Полска можеби ќе го забрза воведувањето на еврото, за да се најде во внатрешниот круг на ЕУ, што може да го промовира еврото и во другите членки со исклучок на В. Британија и Шведска. Воведувањето на еврото по повеќето ЕУ членки сигурни ќе делува обединувачки. Според Ројтерс, Ребека Хармс, членка на ЕУ парламентот од зелените, во шала изјавила дека „можеби е прерано да се номинира Путин за годишната Шарлеманова награда за заслуги за ЕУ, но наспроти новата закана за војна, членките на ЕУ успеа на крај да се договорат за заедничка стратегија кон Русија“.

Во таков меѓународен контекст НАТО и ЕУ проширувањето повторно добиваат елан. Секако во ЕУ тоа е далеку од видливо, посебно поради јакнење на екстремно десните партии во пресрет на евроизборите, та многу конзервативни политичари отворено заговараат „одмор од проширувањето“, но пред сè мислејќи на Турција. Еланот за проширување секако е поголем во НАТО, каде е посилно влијанието на САД. По објавувањето на документи за заселени активности околу Молдавија и Грузија, сè поотворено се заговара потребата од консолидација на НАТО во Југоисточна Европа, пред сè со приемот во НАТО, на Македонија, Црна Гора и можеби Босна и Херцеговина. За тоа сè почесто даваат изјави и политичари од засегнатите држави, но и од САД. Проширувањето на НАТО, кое воопшто не било планирано за самитот на НАТО во септември оваа година, мошне е веројатно да биде вклучено во дневниот ред.

Секако, меѓу нас и НАТО стои спорот за името. Љубомир Фрчковски, поранешен министер за внатрешни работи, стои на позициите дека на Македонија не и потребна точка на дневниот ред на НАТО самитот за проширување, бидејќи НАТО-заклучокот од Букурешт 2008 година изјавува дека Македонија ќе биде примена во членство штом се реши спорот за името. Соодветно Македонија, ако се реши спорот за името, без посебна точка на НАТО-самит, ќе биде примена во НАТО. Формално тоа е точно. Вклучувањето на проширувањето на дневниот ред на НАТО-самитот не е важно од формални, туку од суштински причини. Спорот за името, како политички проблем, не е надворешно политички приоритет, ниту на САД, ниту на клучните членки на ЕУ. Но со измена на контекстот во Источна Европа, НАТО-проширувањето може да стане приоритет, и со тоа да се создаде поволен меѓународен контекст за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција, со зголемен притисок и врз Грција.

Поради обновениот елан за проширување на НАТО, се создава поволен меѓународен контекст прием на Македонија во Алијансата. Но за прием ќе мора да се направи напредок во решавање на спорот за името. Повеќе пати повторувам и сега ќе повторам, прв чекор за решавање на спорот за името, треба да биде склучување на Договор за добрососедство со Бугарија и тоа сега, веднаш. Со тоа ќе се врати оптимизмот дека е можно решавање на отворените прашања со соседите и уште еднаш ќе се потврди посветеноста на Македонија на добрососедството. До НАТО-самитот во септември 2014 година, има малку време за решавање на спорот за името, но доволно време за договор со Грција за принципите на решението. Затоа не е доволно претседателските кандидати и политичките партии да ги изјавуваат своите позиции за името, туку што ќе направат, од јуни до септември 2014 година, Македонија конечно да стане членка на НАТО. И затоа во септември, можеби ќе кажеме „Спасибо, Путин!“.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.