Кој ја егеизира Македонија!?

Едно интервју на генерал Тодор Атанасовски, претседател на Сојузот на борците на Македонија, насловено „Да не беше АСНОМ ќе останевме движење“ од 25 јули 2014 година, што требаше да биде пригодно претпразнично интервју, предизвика дебата поради употреба на поимот „егеизација“. Сметав дека на оваа тема треба да пишувам со мала дистанца за да избегнам дневно-политички третман на темата, но и за ограда – еден од моите родители е „Егеец“.

Што вели генерал Атанасовски? Според него сега сме во една „егеизација“ на Македонија, која се случува секојдневно во различни форми, пример е преименување на улицата каде живее генералот од „29 ноември“ во „Костурски херои“, а идеологот на таа егеизација е економската дијаспора од Беломорјето.

Пригодното интервју предизвика критики од провладините чинители за делба на македонското национално ткиво и одбрани од проопозициските чинители. Една од одбраните тврди дека егеизацијата е всушност антиквизацијата што ја спроведува актуелната македонска влада и е дело на најрадикалните националистички структури.

Тезите на генералот Атанасовски, за егеизација, само зошто неговата улица 29 ноември, Денот на Републиката на СФРЈ е преименувана, се лесно соборливи. На пример, не можам да се сетам на ниту еден министер во Владата на ВМРО-ДПМНЕ по потекло од Егејска Македонија или грчка Македонија, кој како сака. Неколкуте министри од дијаспората се тукашни, од Ташковиќ, кој е по потекло скопјанец, преку Самак, кој е прилепчанец, до најновиот министер Горан Мицковски, кој е исто така е скопјанец. Кои се тие егејци во Владата, имаат ли имиња? А од друга страна, мислам прв и еден од најжестоките критичари на антиквизацијата е Димитар Димитров, кој за прв пат пишуваше за антиквизацијата како прикриена хеленизација во 2009 година. Инаку Димитар Димитров е егеец од воденско. Но сега и тука нема да спорам за тезата за егеизација, ниту ќе пишувам за значењето на граѓаните по потекло од Егејска Македонија или грчка Македонија за модерна Република Македонија, туку за две слепи точки на македонската левица искажани низ расправата за егеизацијата – лицемерството и ксенофобијата.

koj-ja-egeizira-makedonijaМакедонската левица, веројатно во поширок амбиент што постои кај нас, критикува работи што самата ги правела, ги прави и ќе ги прави, но и пречат само кај другата страна. Кој ја егеизира Македонија? Веројатно македонската левица. Целосно се согласувам дека АСНОМ е каменот-темелник на македонската држава. Но тој камен-темелник според терминологијата на генерал Атанасовски, бил егеизиран. Инаку, како да се објасни учество на делегати од Костур и Кукуш, од Петрич и од Прешево. Еден од нив е Димитар Влахов, роден во Кукуш, кој не е само делегат, туку и член на Президиумот на АСНОМ, а подоцна и претседател на Президиумот на Народното собрание. Централниот лик во македонскиот националниот мит што го градеа македонските комунисти веднаш по ослободувањето е Гоце Делчев, исто така од Кукуш! Кукуш е во Беломорјето? А изгледа и Константин Миладинов е идеолог на егеизацијата бидејќи во нашите места кои сакал да ги види го вклучил и Кукуш (во Т’га за југ)? Димитар Влахов и Гоце Делчев се Егејци? Во социјалистичка Македонија две улици на кои јас сум живеел во скопските населби Автокоманда и Карпош 4 беа именувани со „Габреш“ и „Желево“ имиња на села од Егејска Македонија. На почетокот на 70-тите од минатиот век основното образование го започнав во училиштето во скопски Карпош 3 кое го носеше името на „Лазо Трповски“, познат комунист од Д’мбени, Костур. Како тоа пречат Костурски херои, а не пречи Лазо Трповски од Костур? Еве еден понов пример. Велија Рамковски спроведе повеќе активности за промоција на Крсте Петков Мисирков, како една од клучните фигури за македонската нација. Крсте Петков Мисирков е од Ениџевардарско, Егејска Македонија. Велија Рамковски е дел од радикалната македонска дијаспора? Тоа што и пречи на македонската левица не е егеизацијата, која ја воспоставија самите, туку вклучување на личности од десницата, како Васил Чакаларов. Инаку, Чакаларов е чиста спротивност на тезата за хеленизација на историјата на Македонија.

За ксенофобијата. На напис на „Утрински“ за одбележување на Светскиот ден на бегалците, 20 јуни во 2011 г. од страна на Здружението на децата бегалци можеа да се прочитат коментари од читатели како „децата бегалци ја закопаа судбината на Македонија, поради нив пати целиот македонски народ, срам се насекаде во светот“, „овие од планините егејски се планинци“ (м.з. за употреба на терминот планинци за една група во Македонската енциклопедија се дигна цела бура), „живеат добро на високи позиции, со привилегии, а зедоа и бугарски државјанства“, „нивните права да ги бараат надвор од РМ, а не да ги поктопуваат темелите на државното уредување“ итн. Тоа коментари на фашистичката Златна Зора се, или пак на европска закоравена анти-имиграциска партија. Ниту фашисти се, ниту анти-имиграциски активисти, туку читатели на пролевичарски дневен весник. Македонската левица, ако може да се нарече левица, нема сили да отвори расправа, дали со употребата на термини како егеизација и/или Егејци, врши стигматизација, поттикнува нетолеранција и дискриминација на една социодемографска група, само по основ на географското потекло. Во последно време слично се случува со употребата на „Пустец“, со кој термин се стигматизира целата популација на општината Пустец.

Добро би било македонската левица да се обиде да го зачисти сопствениот двор.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.