Yes Scotland (Да Шкотска) или Better Together (Заедно е подобро) е дилемата што секој Шкотланѓанец ќе треба да ја реши денеска на референдумот кога ќе одговори со едноставните „да“ или „не“ на прашањето „Дали сакате Шкотска да биде независна земја?“. Прашање на кое ќе одговорат Шкотланѓаните, а ќе ја засегне Велика Британија, ЕУ и целиот свет. Неколку работи ја прават Шкотска различна од другите случаи на барање на независност.
Првата е дека Шкотска е дел од Обединетото Кралство врз основа на слободна волја, односно врз основа на политички договор меѓу Англија и Велс со Шкотска од 1706-1707 година. Тоа ја прави таа унија една од најдолгите и веројатно најуспешни политички унии. Успешни и за Шкотска бидејќи помага во трансформацијата на земјата од една од најсиромашните во просперитетна земја.
Што тогаш го разнишал овој повеќевековен сојуз? Британската империја, во чија основа е Англиско-шкотскиот сојуз, исчезна по Втората светска војна. Наметливиот протестантизам како кохезивен фактор го губи значењето со секуларизацијата на општеството. Посебна анализа бара меѓусебното влијание на две наднационални структури Обединетото Кралство и Европската Унија. Дали јакнењето на Шкотската национална партија (СНП) во Шкотска потекнува од истите причини, но со различна реакција, со јакнењето на евроскептичните Независни (УКИП) во Англија? Клучното прашање е дали наднационална структура како Европската Унија, ја слабее улогата на другите наднационални структури како Велика Британија или на федеративните структури, а ги зајакнува националните и регионалните идентитети? Дали Шкотска, Каталонија, Паданија (Северна Италија) и други, ќе сакат во Брисел да учествуваат и влијаат виа Лондон, Мадрид или Рим, или директно?
Враќајќи се на првата разлика, слободната волја, мора да се одаде признание на Велика Британија, на политичарите и во Лондон и во Единбург, дека едно вакво прашање, како независност, која во многу други земји и региони води во помалку или повеќе интензивен конфликт и/или насилство, во овој случај се решава на ненасилен, демократски, цивилизиран начин, со референдумско изјаснување на граѓаните.
За втората разлика. Главната парола на СНП е „Шкотската иднина во шкотски раце“. Таа колку и да резонира како национално или етничко прашање, како во нашите простори го разбираме, во својата длабока основа е социјално или идеолошко прашање. СНП себеси се смета за социјалдемократска партија. Кога СНП говори дека „заедно може да ја направиме Шкотска подобра“, не говори за јазични или културни права, туку за побогата, поздрава, позелена, пофер Шкотска. Кога СНП говори за подобра Шкотска говори за пократки рокови за лекарска помош или за најниско ниво на криминал во 32 години.
Изразено низ изборни резултати. Конзервативците за последен пат победиле на парламентарни избори во Шкотска далечната 1955 година. Од тогаш победуваат лабуристите со вообичаен однос од 2:1. По периодот на Маргарет Тачер, конзервативците доживуваат целосен крах и од 1997 година наваму имаат или еден или ниту еден пратеник од Шкотска, за разлика од лабуристите кои имаат 40-50 пратеници од Шкотска.
Всушност оддалечувањето на Шкотска започнува со Маргарет Тачер, која се обидува да започне даночни реформи, кои првично би се спровеле само во Шкотска, занемарувајќи ја волјата на Шкотска. Шкотите тоа нема да им го заборават на конзервативците. Но поделбите ги продлабочува Тони Блер, кој влегува во ад-хок деволуција во 90-тите и создавањето парламенти во Шкотска, Велс и Северна Ирска, но не и во Англија, наместо создавање на системски федерализам. Непопуларноста на војната во Ирак, кога властите одлучуваат за учество во војната наспроти јавноста, го јакне чувството на отуѓеност на Вестминистер од граѓаните. Истовремено јакне чувството дека демократија може да се постигне само во помала и покомпактна заедница, со власт поблиска до граѓаните на Шкотска. Доколку Шкотска стане независна, големи заслуги ќе има и Дејвид Камерун, поради одбивањето да има трета опција на референдумското прашање, прифаќањето на евроскептичен правец, и ставовите за приватизацијата и кратењето на буџетот за здравство (NHS).
Многу Шкоти сè помалку препознаваат општествен договор со Англичаните по прашања како образование и здравство за сите или, пак, Европската Унија, и сè повеќе наоѓаат сличности со нордискиот или скандинавскиот модел.
Прашањето на кратење на буџетот за здравство, веројатно беше клучниот поттик на кампањата за независност, која придонела многу гласачи на лабуристите да се приклучат кон Да Шкотска. Овој пресврт од пред десетина дена кога повеќето анкети покажаа референдумска неизвесност или дури водство на поддржувачите на независноста, беше знак за аларм за Лондон. Први реагираа лабуристите, чии гласачи може да доведат до пресврт, но и кои би изгубиле значајно упориште доколку Шкотите гласаат „да“. Во Не-кампањата се вклучи Гордон Браун, поранешен британски премиер, Шкотланѓанец по потекло. Тој вети нови права за шкотскиот парламент во даноците, буџетот и други прашања, за кои би започнале разговорите веќе утредента по референдумот, а би се ефектуирале до 2015 година. Ваквата понуда доби трипартиска поддршка од конзервативците, лабуристите и либерал-демократите. Но многумина сметаат дека е тоа премалку и предоцна. Дејвид Камерун се обидува да влијае со молби, но и со заплашувања. Тој ќе порача на Шкотска дека „ние сакаме вие да останете“ и дека ако се изнервирани од дневната политика, ако не им се свиѓа тој или неговата Влада, тие нема да бидат засекогаш, но излезот од Велика Британија ќе биде засекогаш. Во последната порака тој порачува дека независноста нема да биде рутински, туку „болен развод“ доведувајќи ги во прашање фунтата, како заедничка валута, пензиите, границите, седиштата на големите банки, членството во ЕУ.
Значајноста на одлуката на Шкотска, ја потврдија и вмешувањето на ЕУ, САД и ОЕЦД во блага поддршка на обединетоста. Шкотското „да“, нема да влијае само на Шкотска и Велика Британија, туку и на глобалната економија, на ЕУ и на евро-зоната. Шкотското излегување од Велика Британија, ја прави извесна победата на конзервативците на следните избори, и со тоа одржувањето на референдум и можно излегување на Велика Британија од ЕУ во 2017 година. Но не само Шкотското „да“, и Шкотското „не“, доколку резултатите бидат блиски, ќе отвори нови дилеми и нови процеси. Дали Шкотите имаат право да гласаат во Вестминстер кога станува збор за закони кои се однесуваат на Англија? Дали Англија треба да има свој парламент? Која би била легитимноста на лабуристичка влада обезбедена со шкотски гласови? Дали прашањето за независност повторно ќе се отвори при евентуален референдум за статусот на Велика Британија во ЕУ, земајќи во предвид дека за разлика од Англичаните, мнозинството Шкоти се за останување во ЕУ?
Што е тука важно за нас? Согледувајќи ги, меѓу другите, овие процеси станува појасно зошто ЕУ нема да се проширува следните пет години, туку ќе се фокусира на внатрешните прашања.
Rezoluciite 817 SB i 47/225 na GS ON pretstavuvaat ULTRA VIRES akt napraven od OON. Vrz baza na ovoj fakt RM treba da pokrene Rezolucijata na Generalnoto sobranie so koja so prostoto mnozinstvo nelegalnata denominacijata BJRM ke bide vo ON smeneta so ustavnoto ime Republika Makedonija. Nie nemame problem so Grcija, tuku so vlast koja nema kuraž da inicira takva rezolucija vo GS na ON! Imame 135 državi od koji 99 se apsolutno na naša strana. Na poteg se Gruevski i Ivanov!Primenete strategijata na Igor Janev i inicirajte vo Generalnoto sobranie ON (GSON) isfrluvanje na nelegalnata referenca FYROM, ednash i zasekogash, so vospostavuvanje ustavnoto ime vo ON. Ni treba prosto mnozinstvo za promena FYROM vo RM. I za postavuvanje prashanje za legalitet na dopolnitelnite uslovi pred MSP, preku GSON , ni treba prosto mnozinstvo.