На 18 септември Шкотланѓаните на прашањето дали Шкотска треба да биде независна земја одговорија со „не“ – 55 отсто гласаа против независноста, додека 45 отсто гласаа за независна Шкотска. Шкотланѓаните го дадоа својот одговор, кој донесе многу олеснување во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, како што официјално се нарекува Велика Британија, во ЕУ, во САД и многу други земји.
Дури Дејвид Камерон, британскиот премиер, е фатен на микрофон на средба со Мајкл Блумберг, како коментира дека кога ѝ го соопштил на Кралицата Елизабета Втора резултатот од референдумот таа била многу задоволна, со што го прекршува протоколот дека разговорите меѓу кралицата и премиерот се приватни и не смее да се коментира содржината на тие разговори. Камерон исто така изјавува дека рејтинг-агенциите се виновни за погрешно прикажување на јавното расположение дека „за“ поддршката ја достигнува таа на „не“, но дека нема да ги тужи рејтинг-агенциите за чирот кој го добил поради тоа. Со протекување на приватни разговори и со обвинување на рејтинг-агенциите, Камерон покажува дека политичарите, колку да е разликата во префинетоста, си се политичари, сеедно дали тука, дали таму на Запад.
А толку важниот резултат за унионистите и за Обединетото Кралство, според многумина, и не е заслуга на ториевците на Камерон. И покрај тоа што се оценува дека околу 40 отсто од гласачите лабуристи гласале „за“ независноста, може да се оцени дека лабуристите, британската левица, имаат заслуга за ваквиот исход на референдумот. Алистер Дарлинг, шкотски лабурист, ја видеше кампањата „Подобро е заедно“- против независноста, а „не“ таборот го енергизираше Гордон Браун, поранешен британски премиер, британски и шкотски лабурист. Гордон Браун, можеби не влијаеше толку со својот пламен говор на завршниот митинг, кој го пренесоа сите медиуми, туку со својот план за пренос на нови моќи од британскиот на шкотскиот парламент, кој подоцна доби трипартиска поддршка од конзервативците, лабуристите и либерал демократите. Гордон Браун порасна од не толку успешен премиер, во спасител на унијата. Истовремено покажа како еден поранешен партиски лидер може конструктивно да се ангажира, иако не планира враќање на партиската сцена. Каква иронија е тоа, левицата го спасува кралството! Но сепак има и малку теснопартиски интереси бидејќи лабуристите во Шкотска добиваат по 40-50 пратеници, наспроти конзервативците кои добиваат еден или ниту еден.
Но за Дејвид Камерон, тоа не така, за него се виновни рејтинг-агенциите. А можеби и тој е во право. Пријател што ги следи обложувачниците во Лондон вели дека „за“ облогот бил со коефициент 5, што значи дека независноста имала мали шанси. Некогаш обложувачниците се подобар показател од анкетите! Можно е да резултатот на референдумот не е поради ниту една од погорните причини, туку поради несигурноста на „за“ таборот околу иднината на фунтата како заедничка валута.
Дополнителна дилема е дали унионистите победија? Речиси сите главни медиуми беа непријателски кон независноста. Во последните недели на кампањата унионистите употребија тешка артилерија: банките ќе се преселат во Лондон, финансискиот сектор ќе пропадне, Шкотска ќе биде позади Косово во линијата на кандидати за ЕУ, нафтата од платформите ќе секне, ќе ја снема фунтата, цените ќе се зголемат, здравството ќе банкротира, пензиите ќе пропаднат, ќе има вооружена стража на границата … И покрај целата кампања за заплашување, 45 отсто од граѓаните гласа за независност.
Британската политика се сплетка околу дадените ветувања за нови моќи на Шкотскиот парламент, поради јасниот отпор кај конзервативците и обидот тоа да се поврзи со „англиското прашање“, кое се движи од исклучување на шкотските пратеници од гласање за англиски прашања, преку барања на истите моќи за Англија (и за Велс и Северна Ирска) како за Шкотска до барања за англиски парламент, независен од британскиот. Се чини, колку ќе се расплетува случајот на Шкотска, толку ќе се заплетува случајот на Англија, посебно земајќи ги во обѕир целосно различните партиски интереси, на конзервативците кои би сакале англиски парламент, во кои лабуристите би имале мали шанси, или на лабуристите кои преферираат градски региони кои ќе им дадат шанси за победа во дел од нив.
И додека британските политичари се заплеткуваат, Алекс Салмонд, шкотскиот премиер во оставка ќе изјави дека „на референдумот победи Шкотска“. Победи поради три причини. Првата, поради огромното политичко вклучување на граѓаните. Одѕив од речиси од 85 отсто, наспроти вообичаениот одѕив од 50-60 отсто на претходните избори, беше карактеристика на комунистичките тоталитарни режими. Но во Шкотска се покажа дека со напорна работа на партиите можна е посилно политичко вклучување на граѓаните. Втората, експериментот за правото на глас со 16 години е успешен, и сега се препорачува да се примени и на изборите за британскиот парламент. И трето, начинот на спроведување на референдумот, ја зголеми репутацијата на Шкотска.
Дури некои македонски медиуми наседна на наводни видеа за местење на референдумот, без да ја согледаат главната работа – таборот „за“ го призна поразот и ги прифати резултатите. Нели е тоа цивилизациски предизвик, тој што губи да собере сили и да го признае поразот и да ги легетимизира изборите. И водачот на „за“ таборот, Алекс Салмонд, со оставките и на функцијата шкотски премиер и на партиската претседателска функција покажа лидерство од највисок степен.
Сонот за независна Шкотска нема да заврши со овој референдум. Дали поради фактот дека „за“ однесе победа во изборните единици со поголемо учество на млади луѓе или поради други причини, обложувачниците во Лондон отворија нов облог, за датумот и резултатот на следниот референдум за независна Шкотска.
Повеќе би рекол дека инерцијата го донесе гласот за „не“. Ако ја погледнеш (мислам) единствената излезна анкета за референдумот (не толку позната агенција – на Лорд Ашкрофт): Сите групи до 54 години гласаа во мнозинство за независност. Оние од 55-64 гласале 43% „за“ додека од тие што се постари од 65 години само 27% гласале за независност.
Може да се аргументира до некаде дека гласачите на Лабуристите одлучиле, ама математиката не оди во прилог дека тоа е моделот кој може да даде целосно објаснување. Конкретно, Лабуристите направиле разлика од отприлика нешто повеќе од 4% од разликата ако може да се користат резултатите од анкетата.
Според мене, интересен е фактот дека 72% од оние што гласале унионистички, таквата определба ја имале барем повеќе од 1 година, во споредба со само 48% од оние за независност.
Што се однесува до рејтинг агенциите не следев, но единствените резултати кои беа покажуваа минимално мнозинство во корист на независност многу коректно ги аргументираа објаснувањата (YouGov) и точно предвидоа дека тој „свинг“ не е одржлив и дека веројатно ќе има враќање на клатното кон унионистичко мнозинство. Оттаму, не гледам со кое право Камерун ги обвинува.