Ривалство на два, четири или пет орли

Фудбалскиот натпревар меѓу Србија и Албанија, што на 14 октомври на стадионот на Партизан во Белград беше прекинат по инцидентите со дронот што носеше карта на голема Албанија, ја доби својата фудбалска разрешница. УЕФА донесе одлука дека Србија службено го добива мечот со 3-0, истовремено Србија е казнета со три поена, како и со два натпревара без публика, а и двете федерации добија и високи парични казни.

И додека фудбалските одлуки се донесени, политичките последици од инцидентите сè уште траат. И тие, политичките последици, ги прават инцидентите на фудбалскиот натпревар, поинакви од другите инциденти. Не се невообиачаени инциденти на спортски натпревари предизвикани од екстремни навивачки групи: шовинистички скандирања и навредливи слогани, палења на знамиња на ривалските нации… И тоа не само тука на Балканот – секој натпревар меѓу Англија и Шкотска носи ризик од инциденти. И затоа УЕФА води кампања против расизмот на фудбалските натпревари. Како што не се невообичаени инцидентите, од друга страна е вообичаено инцидентите да се ограничат на навивачките групи, да се изолираат и безбедносно и политички. По палењето на македонското знаме во Косово, тој настан го осудија и политичарите од Македонија, но и од Косово.

И во тоа е разликата со овој случај, по прекинот на натпреварот, политичарите и во Албанија и во Србија, не го изолираа инцидентот, напротив тие ја ескалираа работата. На српската страна тоа го направи Ивица Дачиќ, потпретседател на Владата и министер за надворешни работи, со изјавите за политичка позадина на инцидентот со дронот и директното обвинување на братот на Еди Рама, премиерот на Албанија. Обвинување кое остана само на спинување, без постапка или докажување.  На албанска страна тоа го направија од Еди Рама, преку повеќе министри до пратеници кои ги дочекаа репрезентативците на Албанија, како херои. Вџашувачки беше меѓусебното „тролање“ и „хејтање“ на Еди Рама и Томислав Николиќ, претседателот на Србија, на Твитер, и во медиумите.

rivalstvo-na-dva-chetiri-ili-pet-orliПрвата политичка последица или жртва на инцидентите е историската посета на Еди Рама на Белград. Посетата е одложена од октомври за 10 ноември. Но создадениот ривалски амбиент во почеток ги ограничува можните резултати. Ривалството на врвот, поттикна тензии и во општеството. Настрадаа повеќе дуќани во Србија, пред сè во Војводина, во сопственост на етнички Албанци, но и на Горани. Чувството на загрозеност, на закана од голема Албанија е подигнато кај сите соседи на Албанија. Албанците од сите земји колку и да гледаа на инцидентот како на одбрана на знамето, што е свето нешто во повеќето нации, за соседите изгледаше дека се брани картата на голема Албанија. Која е пораката на Албанците, за нас во Македонија посебно на етничките Албанци тука кај нас? Дали сметаат дека славењето на инцидент е начин на градење заедничка држава или, пак, на добрососедство? И да, градењето на добрососедство не е предизвик само за Македонија и Грција, тоа е предизвик и за Албанија и Косово и Србија.

На позитивната страна мора да ги издвојам српските фудбалери, кои ги штитеа своите албански колеги, заедничката порака на фудбалерите на Лацио, кои потекнуваат од Србија и Албанија, како и соседската поддршка на сопствениците на уништените дуќани на етнички Албанци и Горани во Србија.

Многумина инцидентите ги припишаа на „историското непријателство“ на Албанија и Србија. Колку и да е чудно во историјата можеби има повеќе примери на зеадништво на „двата орла“ и на црниот и на белиот, отколку на непријателство, кое пак од историски аспект е од релативно поново време. Поради блискоста на Албанија и Србија и ги споменав двата орла, црниот-албанскиот и белиот-српскиот, кои се грбови на Албанија и Србија, а и двата орли имаат заеднички, источноримски, корен.

Всушност, непријателствата меѓу двата орли, белиот и црниот, започнува кога се вмешуваат „орлите“ од големите сили. Така и сега, некои аналитичари од Србија веднаш го обвинија западот, САД – „американскиот орел“, дека сака да предизвика криза пред посетата на Путин на Белград. Многу кратковида анализа, бидејќи нарушување на односите меѓу Србија и Албанија, не е штетно само за нив, туку за целиот регион. А подобрувањето на односите е дел од договореното на средбата од 28 август во Берлин, под закрила на „германскиот орел“.  Добивки од нарушување на односите меѓу Србија и Албанија би имале само силите кои се против добрососедството и против евроатлантските интеграции на Балканот. Не треба да се биде посебно аналитичен за да се разбере дека Русија – „рускиот орел“, е добитник од нарушени односи меѓу Србија и Албанија и запирање на евроатлантските интеграции.

Но можеби причините се многу поедноставни – ривалство меѓу Србија и Албанија, кој ќе биде шампионот во ЕУ интеграции или пак внатреполитички рејтинг на властите во Албанија и Србија. Кога Николиќ и Вучиќ се во од по конец помеѓу декларираната поддршка за ЕУ интеграции и домашното русофилство, или како некој го кажа тоа кога организираат „геј парада за Брисел, а воена парада за Москва“, малку воинствена реторика, може да му помогне на политичкиот рејтинг кој може да биде загрозен од посетата на Еди Рама. И на другата страна малку воинствени твитови може да го олабават притисокот на албанските националисти врз Еди Рама, пред посетата на Белград.

Сега, пред посетата на Еди Рама на Белград, и Србија и Албанија ќе мора да најдат сили да извлечат поука од фудбалската одлука на УЕФА. Ниту Србија, ниту Албанија добија, изгубија двете, добивки ќе имаат другите репрезентации во групата. Народот вели двајца се караат, третиот користи. И на политичко ниво од лошите односи губат и Србија и Албанија. Среќата треба да ја бараме не во загуба за сите, туку во добивка за сите.

***

Честит јубилеј – 70 години Нова Македонија!

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.