И бидна, по вообичаената врева што претходи, ЕУ го објави извештајот за напредок, со кој по шести пат се препорачува започнување на пристапните преговори. Една од подобрите анализи на извештајот што ја прочитав е анализата на Институтот за европска политика. Институтот својата анализа ја ословува „препорака со чекор назад“ и смета дека тоа е најкритичкиот извештај досега. Според институтот тоа се гледа во ставовите на Европската комисија дека политичките критериуми и натаму се исполнети во доволна мера, но дека жали за чекорите назад во изминатата година и дека неуспехот на Владата да покаже доволни резултати за клучни прашања им наштети на одржливоста на реформите, со евидентно уназадување во одделни области. ЕУ се концентрира на четири точки: партизација на државните институции, контролата врз медиумите, меѓу-етничките односи и неразрешениот спор со името. На позитивната страна се нотирани реформите во јавната администрација и активната меѓународна и регионална полициска соработка. Во политичките критериуми доминира барањето за обновување на политичкиот дијалог за што одговорноста ја лоцира и кај Владата и кај опозицијата. Во економските критериуми институтот се прашува зошто на Македонија и натаму не ѝ се доделува статус функционална пазарна економија, и покрај констатираниот континуиран напредок, дали е тоа дека комисијата реално согледува одредени недостатоци или пак не може да се постигне политички договор околу таа оценка. Институтот заклучува дека е јасно предупредувањето дека препораката нема да се одржи доколку нема напредок во клучните области, и се прашува „дали заигрува стапот?“, односно дали Владата ризикува повлекување на препораката и гасење на перспективите за членство во ЕУ? Но и самиот Институт се запрашува, дали „стапот“ ќе даде резултати во отсуство на „морковот“, односно непостоење на перспективи за отворање на преговорите и членство во ЕУ.
А колку е важен „морковот“ покажа еден од најуспешните потфати на ЕУ и Македонија и земјите од Западен Балкан – визната либерализација. Визната либерализација, слободата на движење, како значаен општествен приоритет, ја мотивираше Владата за сеопфатни и комплексни реформи и мерки, од водење на матична евиденција преку биометриски пасоши до интегрирана гранична контрола.
Тоа што Институтот за европска политика не го согледува е дека всушност не само што нема „морков“, туку и „стапот“ не е стап. Стапот треба да биде заканата за одземање на препораката. Но тој чин има ограничено значење во состојба кога „пристапниот процес во Македонија во ЕУ е во ќор-сокак“ што е констатација на Европската Комисија. Кога сте во ќор-сокак не може да бидете казнети со одземање на перспектива, таа веќе е доведена во прашање. И тоа не е вина само на Македонија, туку и на ЕУ.
Јасно е дека апетитот за реформи во Македонија е намален. Апетитот за реформи се намалува од блокадата на членството на Македонија во НАТО во 2008 година. Во тој момент Македонија ги исполнуваше сите можни критериуми и беше блокирана од Грција.
За да се врати апетитот за реформи, во услови кога тоа не докрај се согледува како автохтона потреба на граѓаните на Македонија, туку како исполнување на критериуми зададени од Брисел, мора да се излезе од ќор-сокакот. А тој, ќор-сокакот, не настана поради отсуство на реформи, туку поради спорот за името. На заедничка седница на Националниот совет за евроинтеграции и собраниски комисии повторно се реафирмира потребата од започнување на пристапните преговори и паралелно водење на разговорите за спорот за името, како начин на постигнување на суштински напредок и во реформите и во спорот со името. И продолжување на пристапниот дијалог како замена на започнување на преговори би бил некаков позитивен чекор.
Но засега сигналите не се позитивни. Самата Европска комисија констатира дека е беспомошна во спорот за името. Познавачите на состојбите тврдат дека опаѓа апетитот и на ЕУ, видлив во реструктуирањето на ЕУ-делегацијата во Скопје и намалувањето на нејзиниот капацитет за водење на преговорите. Некои заеднички комитетите меѓу ЕУ и Македонија, дизајнирани за поддршка на преговорите почнаа да го губат здивот, не по вина на Македонија.
Во состојба каде не само што нема поттик, Владата веднаш демонстрира дека поради ќор-сокакот и заканата не закана. Тоа го покажа со предлогот за законски измени за одлагање на целосната либерализација на пазарот на електрична енергија, од 2015 година во 2020 година, чекор кој е значаен за пониски цени на струјата за домаќинствата и за социјалниот мир во земјата, а ќе биде негативно оценет од ЕУ.
Да го надминеме ќор-сокакот, Македонија, Владата треба да ги направи неопходните чекори. Но тоа треба да го направи и ЕУ, ако не може Европската Комисија, тогаш тоа треба да го направат лидерите на земјите членки. И тоа што поскоро.
Во пресрет на најавената историска посета на Еди Рама, премиерот на Албанија на Србија, која во новонастанатите услови најверојатно ќе биде одложена, инцидентите на фудбалскиот меч меѓу Србија и Албанија, земји кои само што беа пофалени од Европската комисија, покажа колку напредокот во регионот е ранлив, кршлив.