Во чаршијата и на новите медиуми на сметка на дијаспората и нивната посветеноста на старата татковина Македонија често се прераскажуваат шегите од типот „сè ќе дадам за Македонија, еве 5 долари ќе дадам за Македонија“. Кон крајот на минатиот месец на јавна расправа на Комисијата за надворешни работи на Собранието за значењето и улогата на дијаспората за Македонија во економски и политички аспекти, се проговори, меѓудругото и за јазот меѓу старата татковина и дијаспората, јаз создаден со меѓусебни предрасуди и стереотипи, од двете страни.
Стереотипи како во шегите на почетокот, кои лесно се демантираат со факти. Факти како тој дека дијаспората, односно дознаките од дијаспората, се најважниот финансиски тек во платниот биланс на Македонија последните години. Според тематска анализа презентирана на јавната расправа, вкупните годишни дознаки од странство изнесуваат околу 1.6 милијарди евра или околу 20 отсто од бруто домашниот производ (БДП). Од тоа годишно околу 1 милијарда евра се лични дознаки од странство. Дознаките преку банки и други формални патишта се мал дел на сантата мраз, тие изнесуваат околу 180 милиони годишно или 2.5 отсто од БДП. Другите средства доаѓаат по неформални канали. Висината на дознаките е стабилна во последните неколку години и, што е значајно, тие не се намалени по почетокот на економската криза. Најмногу од средствата доаѓаат од Европа, околу 70 отсто, со најголемо учество на Германија 24 отсто, Италија 22 отсто, Швајцарија 11 отсто, Турција 7 отсто, Австрија 5 отсто и Словенија 3 отсто. Од неевропските земји најмногу дознаки доаѓаат од Австралија – 13 отсто.
Според повеќе истражувања, просечно примателите примаат околу 2.400 американски долари, а за 40 отсто од примателите дознаките сочинуваат половина од нивните приходи. Најголем дел од дознаките (74.1 отсто) се користат за тековни трошоци, а останатото за заштеди (13.7 отсто), домување (8.8 отсто) итн. Бизнис вложувањата не се меѓу важните намени на дознаките.
Годишно 1 милијарда евра од дијаспората го надминува износот на странски инвестиции, го надминува износот на задолжување во странство. Тие трансфери се лични за семејствата во Македонија, и со тоа несомнено помагаат во одржувањето на семејниот стандард на многу семејства и на намалувањето на сиромаштијата во земјата. Веќе со тоа не само што имаат лично или семејно значење, туку имаат значење за целата земја. И дополнително, со дознаки од околу 20 отсто од БДП, Македонија претставува исклучителен случај со тоа што го покриваат целиот трговски дефицит. И со тоа се битен фактор во макроекономската стабилност на Македонија.
На негативната страна, со дознаките може вештачки да се подржува вишокот на лична потрошувачка, со што се создава дел од трговскиот дефицит и попречува ефикасно реструктуирање на секторите. И покрај улогата во намалување на сиромаштијата, недоволна е улогата на дознаките во развојната перспектива, во развој на малите и средни претпријатија. И таа улога на дијаспората, и поради можноста на за финансиски трансфери, но и трансфери на технички, организациски и други знаења, е многу важна.
Улогата на дијаспората во развојот на малите и средни претпријатија најдобро го илустрираа три учесници на гореспоменатата јавна расправа: Шефки Идризи, Мазлум Хасан и Александар Нечевски. Шефки Идризи и Кенан Идризи, во 1992 година се враќаат од Швајцарија и во Џепчиште, Тетовско, вложуваат и ја основаат „Ренова“, денес реномирана фирма со околу 400 вработени. Мазлум Хасан од Новаци, Центар Жупа, Дебарско, со претпријатие за реставрација на згради во Венеција, кој има запослено повеќе од 500 сограѓани во Италија, пред неколку години со семејството се враќа во Македонија и го откупува стариот погон на ЕМО во Дебар каде вработува 50 работници и отвора архитектонско биро во Скопје. И Александар Нечевски, роден во Њу Џерси, чие семејство по околу 30 години се враќа во Македонија и старото одморалиште на ЗОИЛ во Отешево сака да го трансформира во хотел „Лејк вју“.
Овие вложувања секако се мали, и го немаат макроекономскиот ефект на Џонсон Мети или сличните инвеститори. Но кога странски инвеститор ќе вложи во Џепчиште, Дебар или Отешево? Најверојатно никогаш. За да се вложи во недоволно развиени места, покрај интерес за бизнис, мора да имаш чувства за родниот крај. Чувство што Идризи, Хасан, Нечевски и повеќе други го имаат.
Како да имаме повеќе како Идризи, Хасан и Нечевски. Неколку идеи беа споделени на јавната расправа. Едно од барањата е за олеснување на трансферите од странство. Една од последните забрани од комунизмот е забраната македонските граѓани и претпријатија да имаат банкарски сметки во странски земји. Да, да, тоа е забрането со закон од времињата на СФРЈ. Забрана која секако масовно се крши. На пример, секој студент на студии во странство, додипломски или магистерски, мора да има сметка во земјата каде студира. Немаат основа стравовите дека така би се олеснил одлив на девизи, ниту пак сомнеж во потекло на парите, бидејќи тие веќе се на банкарски сметки на пример, во Германија. Со укинување на оваа забрана, прво не би се ставале илјадници граѓани во позиција на кршење на законот, второ би се олесниле приливите и трето дознаките би се формализирале. За потсетување дека од околу 1 милијарда евра помалку од 20 отсто пристига преку формални канали.
Другите барања се да во бизнис промоциите кои ги организира Владата биде повеќе вклучена и дијаспората, економските промотори на Македонија во странство повеќе внимание да посветуваат на информирање на дијаспората за бизнис-можностите во земјата.
Во јасна ситуација на можното ниво на странски инвестиции, и ограничувањата на висината на јавниот долг, дијаспората може да биде битен фактор во развојот на земјата.