Автономната зона, студентскиот протест против состојбите и законите во високото образование, во организација на Студентскиот пленум влезе во втората недела и станува настан кој може да биде највлијателен во политичките процеси во земјава во еден подолг период.
Се чини и власта и опозицијата се затекнати од Студентскиот пленум и Автономната зона. По првичните обиди за делегитимизација на Студентски пленум од страна на провладини медиуми преку тврдењата дека социјалдемократската младина (СДММ) стои зад сето тоа, Министерството за образование ретерира и го прифаќа Студентскиот пленум како легитимен претставник на студентите. Присуството на понекој од СДММ или пак граѓански организации блиски до опозицијата, или пак тоа што во активностите се вклучени професори блиски до СДСМ не може да ја оспорат автономноста на студентите. И на другата страна повеќемина кои го омаловажуваа народот, ги омаловажуваа граѓаните, сега ги величат, сега ја препознаваат моќта на граѓаните.
Влијанието што може да го постигне овој автономен граѓански протест, не само во високото образование, туку воопшто на политичките процеси, ги надминува сите други! Тоа зошто пред сè овој протест е автономен граѓански протест, непартиски политички процес, кој ја победува граѓанската апатија, кој ги мобилизира студентите и отвора дијалог за важни општествени прашања. Ако првата димензија, активизам, е значајна, и втората димензија, на над-етничко граѓанско делување е од исклучително значење за мултикултурна Македонија.
Студентскиот пленум е дел од новонастанатото граѓанско движење кое се чини почна со протестите за убиството на Мартин Нешковски. Претходните успешни примери за граѓански активизам, како лицата со попреченост, жените и родовите права и екологијата (пр. затворањето на топилницата во Велес) беа резултат на дејствување на граѓански организации. Новите движења беа резултат на мобилизација преку новите медиуми (Фејсбук, Твитер), ад хок, без јасна организациција. Новите медиуми (Фејсбук, Твитер) се покажаа како ефективни во брзата мобилизација, ефективни во надминувањето на граѓанската апатија. И овие движења демонстрираа влијание на кратки стази. Но како и за претходните, така и за Студентскиот пленум, клучното прашање е како краткорочните добивки да станат долгорочни и одржливи. И тука патот води преку воспоставување на организација: воспоставување на (долгорочните) цели, дефинирање на раководството и организациската структура, извори на финансирање и други прашања важни за преодот од движење во организација, од ад хок акција во институција. По успехот во надминување на првата пречка – граѓанската апатија, претстои предизвикот на втората пречка – недоверба во организации, вклучувајќи ја сопствената. Една илустрација е Сириза, чиј успех во многу се должи во трансформацијата од хетерогено движење, коалиција на многу партии и здруженија, во единствена организација, во единствена партија.
Во однос на успешноста на Студентскиот пленум, пред него стои и предизвикот на дефинирање на целите. Започна како протест против државниот испит, како колективна казна за сите студенти, за што пишував во „Екстерно за власта“. Продолжи како протест против отсуството на партиципација и консултации, а сега дијалогот е за законите за високото образование. За успешност на дијалогот треба да се врати еден чекор назад: кои се целите, стратегијата и политиките во високото образование? Потребна е дебата дали ни е потребно масовно или квалитетно високо образование, како до квалитетот, што треба да направи државата, а што универзитетите и студентите за високото образование кое го посакуваме. Законите треба да ја отсликаат нашата стратегија за високо образование.
Една од целите на дијалогот мора да биде промена на монополот во студентското организирање на Студентскиот парламент на Универзитетот Св. Кирил и Методиј (СПУКМ). Како поранешен претседател на Сојузот на студенти на Универзитетот Св. Кирил и Методиј (1991/92), претходникот на СПУКМ, можам да констатирам дека СПУКМ со игнорирањето на студентите, значително се делегитимизира. СПУКМ не ја остварува целта по која се нарекува – студентски парламент, место за дијалог на сите студенти. Потребно е да се бара модел кој ќе овозможи плурализам. Како што е потребно и барање на модел за обединување на студентите на национално ниво за да бидат партнер во дијалогот со интеруниверзитетската конференција и со државата.
Лично мислам дека средношколските протести во 1997 година создадоа услови за промена на власта и доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ во 1998 година. Сметам дека студентите сега имаат капацитет за повеќе влијание, отколку само во високото образование. Со големата моќ, доаѓа и голема одговорност. Студентите треба да бидат свесни за тоа и да бидат искрени во врска со тоа.