Во минатонеделниот коментар ја опишав нашата реалност со „бомби“ и „пучеви“ како сценарио за филм од Б класа продукција. „Бомбата“ и „пучот“ ќе имаат судска и политичка разврска. Политичката разврска ќе зависи пред сè од изворот на прислушувањето, како и убедливоста на ривалските наративи на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Кога го пишував тоа како недостатоци на наративот на ВМРО-ДПМНЕ ги оценив квалификацијата на делото (пуч), (не)одговорноста на (контра)разузнавачките служби и (не)постапувањето во однос на странските служби. Во наративот на СДСМ има недостатоци пред сè со наводниот мотив за „бомбата“. И додека не е најјасно какви ќе бидат штетите по ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, јасно е дека ќе има штети по политичкиот дијалог и Македонија.
Во меѓувреме СДСМ, под слоганот „Вистината за Македонија“, започна со објавувањето на информациите кои ги поседува. Наводно 20.000 општествено влијателни лица се прислушувани во период од неколку години, за што СДСМ посочува на Сашо Мијалков и македонската државна безбедност.
Во однос на изворот на прислушуваните материјали. Наводниот обем на прислушување укажува на употреба на домашниот службен систем за прислушување, преку домашните телекоми. Од обемот и должината на прислушувањето, секако може да се заклучи дека тоа е правено надвор од законот. Ривалските наративи ќе нè убедуваат дека незаконското прислушување е извршено, според едната страна од власта, според другата страна од опозицијата, односно полициската група на Верушевски врбувана од странци што не и мислат добро на Македонија.
Тука само потсетување дека во претходниот голем случај на прислушување, „Големото уво“ од 2001 година, следуваше судска разврска во која беше потврдено дека МВР го организирал прислушувањето. Сега македонското (контра) разузнавање е разнишано, без разлика кој наратив е точен, тој на власта за упад на странски служби , или тој на опозицијата за злоупотреба на должноста од страна на домашните служби. Според Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи, случувањата претставуваат и сериозен безбедносен проблем. Групата прислушувани новинари по повеќегодишно судење ја добија правдата. Но како тој случај покажува судската разврска ќе биде долга. Политичката разврска ќе се случи побрзо.
Каква и да биде политичката разврска, сите лидери, партии, граѓани, треба да ја спречат понатамошната поларизација, која го прави политичкиот дијалог сè помалку возможен. ВМРО-ДПМНЕ почна да употребува речник како марионети, дури и ја обвини целата СДСМ за квислиншки политики. Поради претпоставување на невиноста додека не се докаже спротивното, поради тоа што вината е индивидуална, а не колективна, и на крај поради тоа што СДСМ секако е главна опозициска партија, таков речник и однесување од ВМРО-ДПМНЕ се недозволиви. Како што се недозволиви повици од проопозицискиот табор дека треба да се прекине секаква комуникација со премиерот Груевски.
Покрај потребата од намалување на поларизацијата, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ треба да направат неколку работи за колку толку цивилизирано да се води политичкиот процес.
Филмот од Б – класа продукција, се претвора во сапуница, по првата објава на прислушувани разговори. Јавноста повеќе се занимава со сеир и трач, од кој се е дел од 20.000 општествено влијателни, до дека адвокатите за разводи се подготвуваат за многу работа, алудирајќи на очекувани љубовни афери. СДСМ секако сака да ја увери јавноста во вистинитоста на тоа што го поседува, но остава вкус на калкулација. Додека Радмила Шеќеринска на прес-конференција информира дека сè ќе се објави, Зоран Заев, вели дека ќе биде заштитена приватноста. Јасно е дека ќе има селективност во објавувањето на информации. Какво прислушување на опозицијата ќе биде тоа ако нема ниту една пикантерија за нејзе?
Приватноста не може да се заштити со необјавување на прислушуваните разговори. Приватноста е погазена во моментот на прислушувањето, снимките на прислушуваните разговори постојат. Зоран Заев, доколку сака да ја заштити приватноста треба да се одлучи меѓу две опции. Првата, што ја предлага Руфи Османи, да се објави се! No more secrets! За малограѓанска средина тоа може да нанесе многу срам и болка, но може да доведе до катарза и прочистување! Добивката од тоа би била тоа што нема да има тајни кои може да се употребат за чија било уцена. Другата опција е снимките од приватни разговори да бидат предадени на сопствениците или јавно уништени, за приватноста донекаде остане приватност.
„Големото Уво“ претходеше на конфликтот во 2001 година и измена на политичкиот систем, без разлика дали беше коинциденција или не, буди една несигурност, една асоцијација, дали овој скандал со прислушување претходи на „виткањето на кичмата“. Како што сум убеден дека на огромно мнозинство граѓани им е важна демократска земја и земја без корупција, исто така им е важно таа земја да се вика Македонија! Следејќи ја постапката на Ципрас кој ги потврди грчките црвени линии, добро ќе биде Зоран Заев да ја потврди својата поддршка на македонските црвени линии за спорот за името.
Од друга страна, покрај реториката за квислинзи, одредени провладини медиуми прават алузии дека САД, Германија и ЕУ стојат зад „бомбата“ на Зоран Заев. Една работа е зад „бомбата“ да стои странска земја, читај Грција, која не и сака добро на Македонија,. Друго е за тоа да се обвинат САД, Германија и ЕУ, кои какви-такви, се најдобрите пријатели што ги имаме. Пишав во минатиот коментар дека вознемирува соопштението од Русија за пучот. Власта не смее поради ниедна причина, да бара поддршка од Москва, да предизвика сомнеж во македонската евроатлантска ориентација и да ја вовлече Македонија во геостратегиска игра.
Со тие неколку чекори, власта и опозицијата, може да покажат волја за намалување на штетите по Македонија и за колку-толку цивилизирана разврска на „бомбата“ и „пучот“.