Политичката криза во Македонија, по митинзите на 17 и 18 мај, го постигна својот врв и би требало да започне разврската. Каква ќе биде таа разврска? На една неодамнешна многу продуктивна дебата организирана од Универзитет на Југоисточна Европа (Штуловиот Универзитет) и Амбасадата на Полска, Руфи Османи, поранешниот градоначалник на Гостивар, можната разврска ја постави во три можни сценарија: украинско, бугарско или турско сценарио, именувани според земјите во кои се случиле разврските.
Што е суштината на овие сценарија. Украинското сценарио е сценарио на долготрајни протести против власта, кои завршија со насилство, бегство на претседателот и воспоставување на нова привремена власт. Спецификата на украинското сценарио е насилноста на протестите со многу жртви. Но и тука треба да се има предвид дека беше постигнат политички договор за предвремени избори, а бегството на претседателот Виктор Јанукович најверојатно беше предизвикано поради тоа што политичкиот, воениот и полицискиот естаблишмент во Киев, а веројатно и во Москва, му ја откажаа поддршката. Бугарското сценарио е поврзано со предвремените избори во 2013 година, кога по насилните судири на полицијата и демонстрантите, кои протестираа против поскапувањето на струјата, премиерот Борисов поднесе оставка, што доведе до предвремени избори. До изборите функционира „службен кабинет“, сличен на барањата за преодна влада на СДСМ. Но и тука треба да се има предвид дека по оставката на Борисов, во три обиди не се формира политичка влада, по што претседателот го доверува мандатот на службениот кабинет. И на крај турското сценарио, сценарио на долготрајни протести, кои власта ги задушува и останува да владее понатаму. Инаку, како куриозитет, и во бугарскиот и во турскиот случај имаше скандали со прислушување на Борисов и на Ердоган.
Разврските во Украина, Бугарија и Турција, се одвивале во нивните социополитички, економски и културни контексти, но едни од факторите кој одлучувал за текот на настаните се авторитарноста на лидерите и силата на општествените движења и политичките партии. И Украина и Турција имаа авторитарно лидерство и различни исходи: во Украина пад на власта, а во Турција зачувување на власта. Различниот исход е главно условен од различната поддршка, односно Ердоган има јасна мнозинска поддршка на граѓаните. Во бугарското сценарио двигател се демократските стандарди. Патем Борисов на македонските власти им препорача да го следат неговиот пример.
