Украинско, бугарско или турско сценарио?

Политичката криза во Македонија, по митинзите на 17 и 18 мај, го постигна својот врв и би требало да започне разврската. Каква ќе биде таа разврска? На една неодамнешна многу продуктивна дебата организирана од Универзитет на Југоисточна Европа (Штуловиот Универзитет) и Амбасадата на Полска, Руфи Османи, поранешниот градоначалник на Гостивар, можната разврска ја постави во три можни сценарија: украинско, бугарско или турско сценарио, именувани според земјите во кои се случиле разврските.

Што е суштината на овие сценарија. Украинското сценарио е сценарио на долготрајни протести против власта, кои завршија со насилство, бегство на претседателот и воспоставување на нова привремена власт. Спецификата на украинското сценарио е насилноста на протестите со многу жртви. Но и тука треба да се има предвид дека беше постигнат политички договор за предвремени избори, а бегството на претседателот Виктор Јанукович најверојатно беше предизвикано поради тоа што политичкиот, воениот и полицискиот естаблишмент во Киев, а веројатно и во Москва, му ја откажаа поддршката. Бугарското сценарио е поврзано со предвремените избори во 2013 година, кога по насилните судири на полицијата и демонстрантите, кои протестираа против поскапувањето на струјата, премиерот Борисов поднесе оставка, што доведе до предвремени избори. До изборите функционира „службен кабинет“, сличен на барањата за преодна влада на СДСМ. Но и тука треба да се има предвид дека по оставката на Борисов, во три обиди не се формира политичка влада, по што претседателот го доверува мандатот на службениот кабинет. И на крај турското сценарио, сценарио на долготрајни протести, кои власта ги задушува и останува да владее понатаму. Инаку, како куриозитет, и во бугарскиот и во турскиот случај имаше скандали со прислушување на Борисов и на Ердоган.

ukrainsko-bugarsko-ili-tursko-stsenario-1Разврските во Украина, Бугарија и Турција, се одвивале во нивните социополитички, економски и културни контексти, но едни од факторите кој одлучувал за текот на настаните се авторитарноста на лидерите и силата на општествените движења и политичките партии. И Украина и Турција имаа авторитарно лидерство и различни исходи: во Украина пад на власта, а во Турција зачувување на власта. Различниот исход е главно условен од различната поддршка, односно Ердоган има јасна мнозинска поддршка на граѓаните. Во бугарското сценарио двигател се демократските стандарди. Патем Борисов на македонските власти им препорача да го следат неговиот пример.

Во Македонија и лидерството и поддршката се хибридни, што најверојатно ќе резултира во разврска која ќе биде различна од сите три. Иако на моменти личеше дека се движиме кон украинското сценарио, и иако во пропагандната реторика тоа сценарио доста се употребуваше, во Македонија нема услови и нема поддршка, домашна и меѓународна, за такво сценарио. Во 2001 година, после настаните во Арачиново, демонстрантите влегоа насилно во Собранието, но потоа се повлекоа, бидејќи и тогаш и сега нема услови и поддршка за промена на власт на таков начин. Секако и фактот дека двата централни митинзи на 17 и 18 мај, поминаа мирно и без насилство, говори во прилог дека насилно сценарио нема да се случи.

ukrainsko-bugarsko-ili-tursko-stsenario-2СДСМ го посакува бугарското сценарио. Тоа сценарио на „службен кабинет“ е комбинација на јавен притисок преку демонстрации и отсуство на парламентарно мнозинство. Кај нас повеќе проопозициски политичари и активисти заговараат „улица“ или „отпор“, јавен притисок преку демонстрации, кои би довеле до оставка. Демонстрациите засега не го наведуваат Премиерот Никола Груевски на оставка. Помалубројни се пак поддржувачите на „елитистичко“ решение, односно изгласување на недоверба на Владата во Собранието на Македонија. Порано тоа се викаше „НПМ“ или ново парламентарно мнозинство. Сценариото вели дека со излегување од коалицијата на ДОМ, ДП и партиите на етничките групи од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ би ја срушило владата. Но тоа не се случува со исклучок на ДОМ. Покрај што тоа не се случува, ВМРО-ДПМНЕ јасно стави на знаење дека има дополнителен коалициски капацитет со што би се одржало мнозинството во парламентот. Секако, клучот е во рацете на ДУИ, но ДУИ делумно поради мајскиот договор (за начинот на формирање на владина коалиција), делумно поради сопствена политичка агенда, не покажува знаци дека е спремна да излезе од владината коалиција. Со таквите можности и на јавен притисок и на елитистичко решение, се чини опозицијата нема доволно сили да издејствува преодна влада, без Груевски, на кратки патеки.

Од друга страна е јасно и дека Македонија не е Турција. Ердоган со силината на својата поддршка и со силината на економијата во Турција можеше да наметне такво решение. Македонија не може да си дозволи такво решение! Од политички, но и од економски причини. Најавите дека разврската на политичката криза може да трае три до дванаесет месеци се најави за економска катастрофа. На Македонија и треба брзо решение и политичка разврска, инаку продолжување или натамошно продлабочување на кризата ќе ја уништи македонската економија и наместо економски пораст ќе влеземе во економска рецесија. Веќе сега прогнозата за раст од 4.1 отсто е намалена на 3.4 отсто.

Покрај претходно наведените работи, како и тоа што е времето фактор кој влијае на разврската, се чини дека и спорот за името може да влијае на разврската.

(продолжува)

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.