Украинско, бугарско или турско сценарио? [2]

Во претходниот коментар пишував за политичката криза во Македонија, која со митинзите на 17 и 18 мај, го постигна својот врв и би требало да започне разврската. Според туѓи искуства можни се три сценарија на разврската: украинско (промена на власта преку протести), бугарско (промена на власта преку избори) или турско сценарио (опстанок на власта). Украинското сценарио не е ниту посакувано, ниту возможно, додека СДСМ го посакува бугарското, а ВМРО-ДПМНЕ турското сценарио. Факторите што одлучувале за разврската се авторитарноста на лидерите и силата на општествените движења и политичките партии. Во Македонија и лидерството и поддршката е хибридна, што најверојатно ќе резултира во разврска која ќе биде различна од сите три. СДСМ со можности и на јавен притисок и на елитистичко решение („ново парламентарно мнозинство“), се чини нема доволно сили да издејствува преодна влада, без Груевски, на кратки патеки. ВМРО-ДПМНЕ и поради политички и поради економски причини  не може да наметне турско сценарио.

ukrainsko-bugarsko-ili-tursko-stsenario-2Дека е таква состојбата се гледа и во поместување на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од нивните почетни позиции. ВМРО-ДПМНЕ говореше само за правна разврска и тоа исклучиво на случајот „Пуч“. Од друга страна, СДСМ говореше само за политичка разврска (преодна влада до парламентарни избори). Секако и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ може да одлучат да ги постигнат максималните позиции: апсење на Зоран Заев и рушење на премиерот Никола Груевски. Но да го постигнат тоа најверојатно ќе мора да ризикуваат рушење на државата. И тука не мислам да сеам страв дека Македонија ќе исчезне, но одење до крај толку ќе ја продлабочи политичката криза што таа лесно може да се претвори во безбедносна криза, а секако ќе ја урниса економијата и ќе не врати години наназад. Затоа и двете партии и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ сега говорат и за политичка и правна разврска на политичката криза. Секако никој не е наивен дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ под политичка и правна разврска подразбираат сосема различни работи.

Но нас суштински ни треба и политичка и правна (истражна) разврска. Политичка разврска, односно избори за обнова на легитимитетот на институциите. И правна разврска, за казнување на наводните кривични дела и научување на лекциите. Во моментот мислам дека сите се согласуваат за крајната цел, а несогласувањето е како да стигнеме до таму.

Прво, за правната разврска. Под тоа се подразбира истрага, од општоприфатливо тело која ќе утврди дали се сторени кривични дела во начинот на обезбедување на прислушуваните разговори и во нивната содржина. Дали тоа ќе биде специјално парламентарно тело, или пак специјален суд или трета форма, е прашење на договор. Важно е дека мора да има истражна разврска. И ова верувам дека ќе треба да биде предмет на граѓански притисок, бидејќи интуицијата ми вели дека двете партии овој дел ќе го забошотат. За иднината на сите нас, мора да престане неказнивоста во политиката.

За политичката разврска. Ако е јасно дека мора да има парламентари избори, прашањето е каква влада ќе ги спроведе и кога ќе се одржат. Земајќи го во предвид нерамниот терен за изборите и во медиумите и во нераздвојување на партијата од државата, невозможно е да се очекува дека СДСМ би учествувал на избори организирани од оваа власт и на истиот начин. ВМРО-ДПМНЕ од друга страна не смее да ја игнорира состојбата бидејќи ќе страда економијата. Тоа значи дека треба да се истражат сите можности од едната крајност „преодна влада без Груевски“ до другата крајност „никакви промени“.

Институт за општествени и хуманистички науки од Скопје, во авторство на Катерина Колозова и Артан Садику објави документ за решенија за кризата, која меѓу опциите „никаква промена“ на ВМРО-ДПМНЕ и „преодна влада“ на СДСМ, аргументира за Влада на национален спас или голема коалиција, која за 12 до 18 месеци би обезбедила помирување и услови за одржување на парламентарни избори. Се аргументира против експертска влада поради партизираност на експертите, а за Влада на национален спас како одраз на политичката волја за преземање на одговорноста. За времетарањето на ова влада се аргументира дека брзи избори и брза победа на било која партија ќе ги продлабочи проблемите. Секако за повеќе информации треба да се прочита целиот документ.

Во неколку јавни настапи се залагав за решение кое ќе се базира на политичка влада, поради преземањето на одговорноста, но и поради моето верување дека повеќето експерти не би сакале да се најдат во вкрстен оган меѓу двете партии, за што има доволно претходни искуства.

Авторите на решенијата сметаат дека влада на национален спас е потребна за помирување и безбедни избори. Како што претходно сум пишувал, како и во претходни анализи, таква влада, по рамковна мерка (СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА) може да е потребна и за решение на спорот за името. Како спорот на името може да влијае на разврската на кризата, повеќе во следна прилика.

Од друга страна, Љубомир Фрчковски, смета дека поради нетолеранцијата и исклучивоста на македонската политика има потреба од голема коалиција на подолг период. Тоа е опција со огромни ризици. Со голема коалиција на долги патеки би имале парламент без опозиција. Ние со опозиција сме класифицирани како хибриден систем (меѓу демократија и автократија), а камоли без опозиција. Тоа нема да доведе до промени туку само до поделба на корупцијата. Сегашната власт која е форма на голема коалиција (меѓуетничка), истите извори ја нарекуваат „тендер коалиција“. Што би била разликата на голема коалиција со вклучени СДСМ и ДПА? Дали таквата коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, нема да биде “тендер коалиција“?

Мојата дилема за голема коалиција е пред сè дали „неслободни партии“ може да создадат „слободно општество“ и дали во овој момент граѓанското општество има доволно сили да се конфронтира со двете партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, истовремено, посебно бидејќи двете партии досега немаа проблем да соработуваат да елиминираат можна закана од трета страна.

Во секој случај, останува во нашиот контекст да избереме разврска, најверојатно помеѓу бугарското и турското сценарио. И тоа што побргу!

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.