Турско сценарио

Во претходниот коментар насловен „Украинско, бугарско или турско сценарио“, ги употребив трите модели во анализа на можната политичка разврска во Македонија. Притоа значењето на „турско сценарио“ беше останување на власт наспроти масовните јавни протести. Во меѓувреме се случија парламентарните избори во Турција, кои делумно го променија значењето на турското сценарио. На парламентарните избори Ердоган и неговата Партија за правда и развој (АКП), победија, но го изгубија парламентарното мнозинство за првпат по десетина години владеење.

Многумина тоа ќе го толкуваат исклучиво како спротивставување на граѓаните на „путинизацијата“ на Турција. Ердоган демонстрира јасни намери да го крои политичкиот систем на Турција според своја мерка и, откако ги исцрпи можностите за премиерски мандати, се насочи кон воведување на претседателски систем. Новата зајакната позиција на претседателот на републиката, претходно главно церемонијална позиција, беше најавена со екстравагантната претседателска палата. Како што во моментот стојат работите резултатите на изборите значат спротивставување на Ердоган и АКП.

Секако, зголемената авторитарноста на Ердоган предизвика зголемена мобилизација на општествени групи против него и неговите политики. Но резултатот на изборите е можеби повеќе резултат на либералните реформски политики на Ердоган, од почетните години. Позитивните постигнувања на Ердоган, како економскиот развој и намалување на национализмот и влијанието на војската, работат против него. Динамичниот економски развој под Ердоган ја јакне средната класа и неминовно ја поттикнува демократизацијата на Турција. Ердоган работеше и на намалување на турскиот национализам, особено негуван од војската, на пример во воспоставување на дијалог со Курдите. Исто така го врати имотот на религиозните малцинства, како православните, Евреите и Ерменците, одземен во Ататурковиот период.

tursko-stsenarioВсушност, резултатот на турските избори е ваков каков што е најмногу поради успехот на Курдите – за првпат курдска партија влезе во турскиот парламент. Курдската Демократска партија на народите (ХДП) го помина високиот праг од 10 отсто и постигна историски успех. За потсетување, курдските партии во минатото биле забранувани и пратениците Курди се кандидирале како независни кандидати. Пратеничка стана и Дилек Очалан, 27-годишна внука на затворениот курдски лидер Абдулах Очалан. Прашање до сите критичари на Ердоган, и поддржувачи на кемализмот: дали тоа, изборот на Дилек Очалан во парламентот, ќе бил можен пред Ердогановиот период? Инаку, за потсетување во конфликтите со Курдите во Турција има околу 45.000 загинати луѓе. Доколку се анализираат резултатите, видливо е дека загубата на поддршката на АКП е во регионите каде постигна успех курдската ХДП.

За обележување се историски највисокото учество на жени во новиот парламент, во кој ќе има 96 жени или 17 отсто од вкупниот број на пратеници. Пред 2002 година жените учествувале со 4 отсто во парламентот. Историски резултати постигнаа и христијанските малцински групи кои добија четири пратеници, и Ромите, кои според одредени извори ги има 3 милиони, добија пратеник во Измир, а пратеници добија и Језидите. И секако изборот на три пратеници Ерменци има огромно значење. Овој избор на Ерменци, е на врвот на недоразбирањата околу постоењето на ерменскиот геноцид од 1915 година. Разликите беа актуализирани со одбележување на 100 годишнината, оваа година. Турција не  негира дека во задушувањето на, според турскиот поглед, ерменски предавнички бунт имало значителни,според нив, воени жртви, но негира постоење на геноцид.

Но погрешно ќе биде толкувањето дека АКП изгуби само од Курдите. Селахатин Демиртас е харизматичен курдски лидер и лидер на курдската ХДП. Но неговиот и успехот на ХДП е поставувањето на ХДП на јасна левичарска идеологија. Многумина ја опишуваат Ердагоновата АКП како вкоренета во исламот, но всушност тоа е неолиберална партија. На неолибералната и социјално конзервативна АКП, ХДП ѝ се спротивстави со јасна лева идеологија со прашања како минимална гарантирана плата, родова еднаквост или пак ЛБГТ права. ХДП си постави за цел близу 50 отсто родова квота, односно секој втор кандидат да биде жена. Дури 39 отсто од избраните пратеници на ХДП се жени. Дополнително ХДП воспоставува 10 отсто квота за ЛГБТ заедницата. Во конзервативните Дијабекир и Газиантеп, на македонската јавност познати од некои од популарните турски серии, ХДП кандидира жени и ЛГБТ!
Ваквите резултати на изборите во Турција, доколку се стабилизираат и не се нарушат во нови вонредни парламентарни избори, се значајни за Турција, и секако за Балканот и за Македонија.

Но тие можат да имаат и дополнително значење, на пример ако СДСМ научи нешто од ХДП. Неколку пати пишував дека СДСМ мора да воспостави јасна левичарска доктрина наспроти демохристијанската доктрина на ВМРО-ДПМНЕ, а не да развива политики кои се копија на тие на ВМРО-ДПМНЕ. Дел од тоа бара политичка храброст за отворање на СДСМ кон жените, работниците, малцинските групи. Политички храброст бидејќи на кратки патеки ќе предизвика незадоволство кај конзервативните групи во СДСМ. Но ќе им се исплати на средни патеки. Доколку СДСМ не научи од овој пример, за потсетување дека традиционалната левица во Турција испушти дел од политичкиот простор кој го пополни новата ХДП.

Пишувајќи дека разврската во Македонија ќе биде меѓу бугарското и турското сценарио, со новото значење на турско сценарио, може и ние да бараме нови излези за нас.

***

ПС. По објавувањето на мојот напис, објавена е анализа од Стокхолмската школа за економија, која врз основа на резултатите на изборите на ниво на провинција, тврди дека успехот на ХДП не се должи на либералните Турци, туку на конзервативните Курди кои ја напуштиле АКП и гласале за ХДП. Ваквата анализа влијае на читањето на мојот напис, па соодветно ја објавувам.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.