Не потсекувајте им ги крилјата!

Кога ќе го читате овој коментар, средношколските протести и бојкот на наставата ќе влезат во својата разврска. Министерството за образование и наука објави дека примената на новите правила за матура се одлагаат, а ова година ќе се полага матура на досегашниот начин, додека власта не е подготвена да прави отстапки за екстерниот испит. Во среда ќе се одржи најверојатно последниот средношколски марш, а потоа најверојатно со делумното исполнување на барањата и под притисок на ризикот за исклучувања, бојкотот ќе биде прекинат. Дали е тоа најдобрата можна разврска?

Премиерот Никола Груевски повика на национален дијалог за пет точки, вклучувајќи го подобрувањето на квалитетот на образованието.

ne-potsekuvajte-im-gi-kriljataНекој може да заклучи дека средношколките протести се против реформите и со тоа против подобрувањето на квалитетот на образованието. Но тоа не е така. Власта наведува дека наставата се бојкотира во пет средни училишта од 94 државни средни училишта. Кои се тие пет училишта? „Раде Јовчевски-Корчагин“, „Орце Николов“, „Георги Димитров“, „Јосип Броз Тито“ и „Никола Карев“, сите пет во Скопје. „Корчагин“ со години остварува најдобар резултат во матурата, а другите четири училишта се редовно меѓу петнаесетте најдобри училишта во Македонија. Средношколците што протестираат се најдобрите, не најлошите ученици. Кога протестираат најдобрите ученици, тие имаат целосен легитимитет, без разлика дали се здружени во унија или пленум.

Можеби меѓу тие што протестираат има ученици чии родители се симпатизери на СДСМ. Но сигурно меѓу тие што протестираат има ученици чии родители не се симпатизери на СДСМ. Јас сум еден од тие родители, а знам и многумина други. Јас учев Никола Карев, во Скопје, во едно од училиштата каде се протрестира, каде што учел и мојот вујко, каде учеше и мојот брат и многумина мои пријатели, каде сега учи мојата ќерка и каде се надевам ќе учи мојот син. Како граѓанин го следам образованието, бев член во училишен одбор, редовно учествувам во родителските активности, бидејќи сакам моите и другите деца да го добијат најдоброто можно образование. И верувам дека сите родители, без разлика дали се симпатизери на едните или на другите, го сакаат истото: квалитетно образование за своите деца.

Доколку сите имаме иста цел, зошто толку тешко се разбираме? Меѓу другото затоа што не го разбираме поимот дијалог!

Дијалог не е кога ќе се донесе закон(и), кога предизвикувате промени на кои засегнатите страни немаат време да се приспособат. Промена на концепт на матура среде година не се прави. Дијалог бара време за градење на разбирање, договорање и временска рамка за спроведување на договореното.

Дијалог не се води со етикетирање на другата страна, како и со закана. Како што ВМРО-ДПМНЕ вели дека со уцена од Грција нема да се реши спорот за името, со што во целост се согласувам, така образовните предизвици нема да се решат со цитирање на законот и закана за исклучување или незапишување на факултет. Дијалог може да се води во атмосфера на градење на доверба, без закани и уцени.

Не е дијалог и прифаќање на барањето за полагање на матура на стариот начин, а неприфаќање барањата за екстерниот испит. Тоа не е дијалог, тоа е компромис. Компромис со кој никој не задоволен, но е доволен успех за сите страни за моментално решение. Дијалогот е повеќе за создавање на амбиент во кој ќе се сослушаат аргументите, во кои ќе се споделат интересите, во кој низ соработка ќе се постигне најдобар можен резултат за сите страни.

Кога како родител се согласив со бојкотот на наставата, бев убеден со силата на аргументите. Дека екстерниот испит не е одраз на знаењата на учениците. Прв аргумент, различни ученици се изразуваат најдобро на различен начин, некои усно, некои писмено преку есеи, некои преку тестови, некои преку слики. Испит заснован само на еден начин, на тестирање, не може да е одраз на знаењата на учениците и како таков да влијае на нивниот успех. Втор аргумент, знаењата оценувани цела година, не може да бидат заменети со тест во еден ден, кој може да не биде поволен ден за ученикот. Третиот аргумент, екстерниот испит не се спроведува во еднакви услови, бидејќи во одредени училишта на учениците им се даваат тестовите, или, пак, наставниците им ги кажуваат одговорите на учениците. Четврт аргумент, СОНК се избори да резултатите од екстерното не влијаат на оценката на наставниците. Зошто тогаш да влијаат на оценката на учениците? И петтиот најважен аргумент, дали екстерното, по повеќегодишна примена, го подобри квалитетот на образованието? Не сум запознаен со резултатите од екстерното, но од резултатите на матурата може да се види дека истите училишта се на врвот и на дното на ранг листата. Како матурата го подобри квалитетот во училиштата на дното? Што се презеде во училиштето каде средниот резултат од матурата беше 1.61, што би било единица или два минус. Веројатно ништо.

Не велам дека нема аргументи за предлозите на власта, ама не допреа до јавноста. Мене, на пример, многу ме интересира зошто во матурата се предлага задолжителен испит по математика, или пак зошто се предлага електронско наместо писмено полагање? И како задолжителен испит по математика, за кој јас се сложувам дека е многу значајна, ќе го подобри знаењето по математика. Бидејќи на крај сите сакаме нашите средношколци да не бидат последни на европските тестови по математика. Ама дали со полагањето на математика на матура ќе се подобри знаењето, без да се преземат други сеопфатни мерки?

Влатко, Антонио, Илија, Александар, Филип, Сашо, Васко, Игор и многу други видни членови на ВМРО-ДПМНЕ и учесници на средношколките протести во 1997 година, дали толку време помина да заборавите како е да се биде млад и бунтовен, да заборавивте на потребата на учениците и студентите да бидат слушнати? ВМРО-ДПМНЕ, дали заборавивте дека, меѓу другите работи, поради незадоволството на начинот на кој СДСМ се справуваше со средношколските протести во 1997 година, дојдовте на власт?

Протестираат нашите најдобри средни училишта, протестираат нашите најдобри ученици. Престанете со заканите со закони и исклучувања, прифатете вистински дијалог, сослушајте ги учениците. Не потсекувајте им ги крилјата! Нам не ни требаат скршени млади луѓе!

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.