Црвени кругови, соросоиди, предавници и … [2]

Во коментарот што претходеше пишував за личната дискредитација преку етикетирање, за  брзиот пораст на партиската поделба и јаз што станува водечка причина за виктимизација и за дискриминација во Македонија.

tsrveni-krugovi-sorosoidi-predavnitsi-iПартискиот јаз во мултикултурно општество како Македонија не мора да е исклучиво негативен, напротив може да е полезен во релативизирање на етничките и верските јазови. Но растечката поларизација, како и растечкиот говор на омраза на основ на партиска припадност, како и партиското етикетирање составен дел од тој говор на омраза, укажува на пореметување на меѓупартиските односи. Тоа, пак, одразува подлабоки општествени проблеми. Соодветно справување само со етикетирањето, без да се адресираат подлабоките причини, ќе биде гребење по површината на проблемот. Подлабоките причини може да ги бараме во заемните односи и меѓузависноста, во начините на решавање на конфикти и во социјалната правда.

За градење нација потребни се заемни односи и меѓузависност меѓу различните општествени групи, како етнички и верски, така и социјални, партиски и други. Веќе одреден период личните контакти се намалуваат, а односите меѓу власта и опозицијата се одвиваат преку посредници. Во екстремите на двете страни, и на власта и на опозицијата, постојат гледишта дека другата страна е непотребна, излишна и дека Македонија би била подобро место за живеење доколку ги нема другите.

Тоа е тесно поврзано со начинот на решавање на конфликти. Повеќе пати говорам за „мачо“, маскулиното водење на политика, каде не постои можност за „победник-победник“ решение, туку само за „победник- губитник“ решение. Тоа е засновано на нетолеранцијата, но и самодоволноста, самобендисаноста, ароганцијата, каде важен и исправен е само сопствениот став и мислење, а другиот е небитен. Разликите во мислењата се решаваат со наметнување на ставови, а не низ дијалог. Тоа неминовно влијае на нарушување на заемните односи.

На ваквата состојба се надоврзува социјалната правда. Македонија подолг период има високи стапки на невработеност и со тоа поврзаната сиромаштија. Со наследена етатистичка култура во која државата е главниот обезбедувач на благосостојба, на работа, на сè и сешто. Во отсуство на динамичен приватен сектор и со државен апарат со редуцирани финансиски можности, власта се редуцира на грижа за своите, каде нема место за другите и уште повеќе ги нарушува заемните односи.

Така, другите стануваат непријатели, а не партиски ривали со еднакво право на различно мислење и на благосостојба. Адресирање на проблемот на  етикетирањето мора да содржи мерки за надминување на причините. Но тоа не исклучува и мерки за превенција и сузбивање на самото етикетирање.

Неколку збора за самото етикетирање. Од страна на власта етикетирањето на опозицијата се заснова на неколку групи непосакувана или дискредитирачка особина: идеолошка, социјална, друга група, (не)патриотска или комбинирани.  Во идеолошката група се употребуваат етикети како „комуњара“, „отпораши“ и сл. Интересно е да се спомне дека постарата етикета „србокомунисти“ е излезена од употреба, најверојатно поврзано со високото чувство на пријателство со Србија. Но овие етикети не се употребуваат често бидејќи идеолошките разлики во нашето општество сè уште се нови. Социјалните или класните најчесто се поврзани со приватизацијата како на пример „транзициски олигарси“, „богаташи“. Етикетирањето со други групи како „Шиптар“ или „Циган“ го отстапува местото на тие поврзани со сексуалната ориентација како „педер“. Најчести негативни етикетирања поврзани со отсуство на патриотизам се „предавник“, „странски шпион“, „(лустриран) кодош“, „странски платеник“, „петоколонаши“, „квислинзи“. Во последниот период ВМРО-ДПМНЕ изгради супер негативно етикетирање „соросоид“ што содржи елементи на сите претходни особини.

Но и опозицијата има сличен систем на негативно етикетирање. Во идеолошката сфера најчесто употребувани стигматизација на десната ориентација на ВМРО-ДПМНЕ од „партиски војници“, „ВМРО-овци“, „режим“ до најрадикалната „фашисти“. Во социјалната се „фамилија“ и „мафија“ како асоцијацијата на незаконско богатење. Во социјалната сфера покрај претходните се користаат  и такво кои асоцираат на примитивно, неуко како „проста раја“, „кецароши“, „кичерај“ итн. Иако сè поретко, повремено се употребува „бугараши“. Опозицијата користи етикети како „лажни патриоти“,  а и дијаспората често се употребува како асоцијација на лажен патриотизам. Еквивалент на „предавник“ е „конвертит“ – некој кој си ја сменил – предал верата, а се употребува за етикетирање на поранешни поддржувачи на СДСМ кои сега го поддржуваат ВМРО-ДПМНЕ. „Неутралец“ е со слично значење на „квислинг“, односно соработник на власта. Или пак еквивалент на „(лустриран) кодош“ е „експертутка“ – експерт што одработува за пари.

Кога ќе се види обемот на етикетирањето всушност се разбира дека повеќето од нас се свесно или несвесно влезени во натпревар на етикетирање кој ќе измисли подобра етикета.

Затоа пресвртот мора да почне од секој од нас. Почнува и од мене, лично, и тоа е континуиран процес. И покрај моето внимавање да не етикетирам и да не стигматизирам, сфатив дека постојано мора да го слушаш другиот, бидејќи само така ќе научиш што го навредува другиот. Пред повеќе години добив реакција дека употребувам „алкохоличар“ и „наркоман“, по што се поправив и од тогаш употребувам „зависник од алкохол“ и „зависник од дрога“.

Секако одговорноста на лидерите и партиите и многу поголема. И долгиот пат на превенција и сузбивање на стигматизарањето, на (говорот) на омраза може да започне со првиот чекор: лидерите и партиите да не употребуваат и да не охрабруваат етикетирање и стигматизација. Власта секако е прва која треба да направи чекор: да престане со црвените кругови и со „соросоидите“.

***

На 26 април ќе се одржи општински референдум во Центар на кој граѓаните ќе треба да одговорат на прашањето „Дали сте за тоа да се задржи автентичниот изглед на ГТЦ?“. Граѓанска иницијатива што го предизвикува „Скопје 2014“ – еден од најоспоруваните проекти на власта, а се одржува во момент кога со своите објави СДСМ, меѓудругото, ја оспорува политичката волја на власта за фер и демократски избори, што ги засега и другите форми на изјаснување како што е референдумот. Резултатите од референдумот ќе фрлат одредено светло на повеќе актуелни политички процеси. Сите прашања заслужуваат одговор! И граѓаните треба да ги одговорат!

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.