Кога пред само една седмица пишував дека пред нас е 2016 година и таа може да биде година на ескалација или на разврска, не очекував дека во неколку дена дека ќе дојде до ваква ескалација на нашата политичка криза. По неуспехот на „големата четворка“ да постигне договор дека 24 април е дефинитивен датум за избори, поради забелешките на СДСМ за избирачките списоци и за медиумите, власта се одлучи да ги распише изборите за 24 април 2016 година, кои ќе треба да ги спроведе новата влада со мандат на организација на изборите.
Зголемување на поларизацијата ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ негативно влијае и на правната и на политичката разврска. Како што пишував, мора да има и политичка разврска и правна разврска, иако ВМРО-ДПМНЕ го стави акцентот на политичката разврска – избори на 24 април 2016 година, а СДСМ го стави акцентот на правната разврска – специјалното јавно обвинителство. Едните, ВМРО-ДПМНЕ, сметаат на предноста во јавната поддршка, другите, СДСМ, на можните обвиненија. Решенијата се движат во распонот меѓу најлошото решение и најдоброто решение. Најлошото можно решение за земјава е да со меѓусебно блокирање се одлага и политичката и правната разврска. Тоа одлагање ќе ја засили перцепцијата на бесперспективност и ќе ја исцрпи земјата и политички и економски. Во најдоброто сценарио за земјата, изборите би се одржале во предвидениот термин на 24 април, со прочистен избирачки список, правна разврска (обвинителска одлука) би имал најмалку еден случај поврзан со наводни изборни злоупотреби, а во првите 100 дена на новата Влада би се постигнал договор со Грција за мерките за градење на доверба. Очекувано беше дека на 15 јануари, ќе се знае во која насока меѓу најдоброто и најлошото сценарио ќе се движи Македонија. Доколку не се избере нова Влада на 15 јануари, нема да има избори на 24 април, а можен компромис е одлагање на изборите за не подоцна од почетокот на јуни, бидејќи понатамошни одлагања веројатно би довеле до распаѓање на договорот од Пржино.