Доколку британскиот весник „Гардијан“ ја опиша 2015 година како година на опасно живеење, а јас ја коментирав како година што треба да ја оставиме зад нас што побргу, каква ќе биде 2016 година, година на ескалација или на разврска? На меѓународно ниво се чини дека трите важни подрачја за нас – политиката во ЕУ, Запад-ислам и Запад-Русија, кои на некој начин се испреплетуваат, во 2016 година дополнително ќе се заплеткаат. Политиката во ЕУ и понатаму ќе се поларизира, со јакнење на двата екстреми. Десните популисти и екстремната десница, кое ќе продолжат да ги нудат имигрантите и муслиманите, како жртвено јагне, наспроти подлабоките проблеми и предизвици на западните општества, ќе бидат во понатамошен раст. Моќта на десните популисти станува толку голема, како на пример во Полска, што се подготвени да ги загрозат основните ЕУ-вредности. Во сопствената немоќ, главните политички партии, посегнуваат кон популистички решенија. Веќе шест земји на ЕУ не се придржуваат кон Шенген договорот кој обезбедува основна слобода на движење меѓу земјите членки.
А бегалската криза не стивнува. На врвот во зимата, во јануари, низ Македонија дневно поминуваат 1.500 до 2.000 бегалци, што лесно може да значи нов еден милион бегалци во ЕУ. Решенијата во коренот на проблемот, во Сирија, Ирак и Авганистан, посебно во првите две, по продлабочувањето на тензиите меѓу Иран и Саудиска Арабија, не изгледа на дофат. Ниту Турција, која влегува во период на сопствена нестабилност, со обновување на турско-курдските судири и со соочување со тероризмот на ИСИС, не ветува премногу дека ќе го запре бегалскиот бран. Тогаш е многу веројатно дека македонско-грчката граница ќе треба да биде ставена во функција на справување со бегалците, нивна тријажа – распоредување во групи и пропуштање на бегалците со голема веројатност за одобрување на азил во ЕУ.
Огромен предизвик за ЕУ, оваа година ќе биде и референдумот во Велика Британија или ризикот од Брегзит. Првпат, наместо за ЕУ-проширување, се отвара ризик за излез на ЕУ-членка. И сето тоа во 2016 година може да се докомплицира со нова светска финансиска криза, која ќе започне или веќе е започната во Кина.
На домашен терен, покрај веќе споменатото влијание на бегалската криза, трите клучни работи се спорот за името, и со тоа евроатлантските интеграции, правната разврска на прислушувањето (специјалното јавно обвинителство), и политичката разврска (избори на 24 април 2016 година).
Оваа година е веројатно година во која трите фактори кои влијаат на решение на спорот за името меѓународната заедница (Вашингтон, Брисел), Скопје и Атина, се најблиско до можно решение или започнување на процесот што би се движел преку мерки на градење на доверба, меморандум за разбирање и договор за добрососедство. Овој процес зависи од политичката разврска, односно Владата со овластувања да организира избори (техничка влада) нема мандат за решение на спорот за името. Бескрајно одлагање на изборите ќе го затвори прозорот на можноста за решение на спорот за името.
Е сега како да се спроведат и правната разврска и политичката разврска, во услови на зголемување на поларизацијата ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е голем предизвик. Двете страни, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, во оснава ги употребуваа политичките или правните делови од договорот, кои ценеа дека им одговараат. ВМРО-ДПМНЕ го стави акценто на политичката разврска – избори на 24 април 2016 година, а СДСМ го стави акцентот на правната разврска – специјалното јавно обвинителство. Едните, ВМРО-ДПМНЕ, сметаат на предноста во јавната поддршка, другите, СДСМ, на можните обвиненија. А не може да има само едно од нив, мора да се случи и политичка и правна разврска.
Најлошото можно решение за земјава е да со меѓусебно блокирање се одлага и политичката и правната разврска. Тоа одлагање ќе ја засили перцепцијата на бесперспективност и ќе ја исцрпи земјата и политички и економски. Ако минатата година се изгубени најмалку 1 отсто од растот на бруто-домашниот производ, оваа година ефектите на политичката криза врз економијата може да бидат уште потешки.
Во најдоброто сценарио за земјата, изборите би се одржале во предвидениот термин на 24 април, со прочистен избирачки список, правна разврска (обвинителска одлука) би имал најмалку еден случај поврзан со наводни изборни злоупотреби, а во првите 100 дена на новата Влада би се постигнал договор со Грција за мерките за градење на доверба.
Веќе на 15 јануари ќе се знае во која насока меѓу најдоброто и најлошото сценарио ќе се движи Македонија. Доколку не се избере нова Влада на 15 јануари, нема да има избори на 24 април. Колку да изгледа неможно од денешна перспектива дека до 15 јануари ќе биде избрана нова Влада, следејќи ја претходната пракса на постигнувања на решенија преку ноќ, се уште не е исклучена можноста за запазување на роковите. Можен компромис е одлагање на изборите за не подоцна од почетокот на јуни, а понатамошни одлагања веројатно би довеле до распаѓање на договорот од Пржино.
***
Изборот на некои членови на Комисијата за заштита од дискриминација, е нешто што мора да загрижи. Не е прашање на помалку или повеќе компетентни членови туку на незапазување на основни начела и вредности, како и процедури. Од замена на скоро сите членови, со исклучок на Јован Ананиев, декан на Правниот факултет во Штип, со што се поништува континуитетот на институцијата; преку изборот само на една жена, наместо досегашните три, и неизборот на кандидати од други маргинализирани групи, ако се идеолошки далечни ЛБГТ претставници, може да биде лице со посебни потреби или Ром; преку невклучување на ниту еден предлог од опозицијата; до изборот на лице кое е антипод на заштита од дискриминација.