Во еден од претходните коментари „Јасно е дека ништо не е јасно!“ заклучувам дека правењето на политичка анализа во Македонија станува сè повеќе невозможно и затоа само пред неколку седмици анализите вклучуваа сценарија десетици сценарија од одржување на избори на 5 јуни, без политички натпревар, од неучество само на СДСМ до неучество на повеќето главни политички партии, преку одлагање на изборите за [стави датум] од септември или декември 2016 година или 2017 година, до повторно воспоставување на политичка влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Кога толку многу сценарија се актуелни, јасно е дека ништо не е јасно!
Состојбите се такви поради тоа што нашите политички партии не се организирани врз основа на општи интереси, туку се организирани како патрон – клиентелистички групи кои делуваат врз основа на нивниот теснопартиски интерес Сега веќе не е во прашање и теснопартиски интерес, туку внатрепартиски тесногрупен и личен интерес. Кога има општи интереси, вредности, начела, постои одредена конзистентност, односно предвидливост на политичките процеси. Кога постои тесногрупен и личен интерес, нема конзистентност, политичките процеси се непредвидливи. Друга можност е, пак, елементот на непредвидливост политичарите да го употребуваат за спинување на процесите, за да се доведе во забуна јавноста околу тоа што навистина се случува. Без разлика дали е отсуство на интереси, вредности, конзистентност, односно доминација на тесногрупни и лични интереси или пак спинување на настани, се наоѓаме во состојба на луд, збунет и (не)нормален.
Таа состојба на луд, збунет и (не)нормален влезе во спирала на „Луд, полуд, најлуд, [стави име]!“ и кусогледоста на теснопартискиоте интереси, ги стави во залог фундаментални начела како владеење на правото и макроекономската стабилност, и стратегиски ориентации како евроатлантските интеграции.
Еден од настаните што стави во залог фундаментално начело на владеење на правото, беше аболицијата на 56 лица за кои се водат постапки од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), од страна на Ѓорѓе Иванов, претседателот на Република Македонија. По повеќенеделни протести на Шарената револуција, претседателот Ѓорѓе Иванов, откако власта овозможи правна рамка, во два наврати ја поништи својата одлука за аболиција. Една одлука (за аболиција) која претседателот Ѓорѓе Иванов, ја донесе со едно многу драматично образложение, кое дури вклучуваше планови за атентати, национална безбедност, помирување, беше повлечена со едноставни прес-соопштенија!
После битката, сите се генерали! Така и мене работите ми се појасни отпосле. Сопственото оправдување е дека сум ограничен со логичко, рационално, нормално размислување што не функционира во лудоста што се случува. Со одредена дистанца, состојбата дека е јасно дека ништо не е јасно, почнува да станува појасна. Од оваа дистанца станува јасно дека „Аболиција“ е политичка операција „сами себе се заплетуваме, сами себе се расплетуваме“, односно создаваш проблем, кој поради тоа што ти си го создал само ти може да го решиш, а решавајќи го проблемот стекнуваш одредена преговарачка моќ!
Што е политичката операција „Аболиција“? Тоа е блокирање на правната разврска, дел од договорот во Пржино, што врвот на ВМРО-ДПМНЕ ја спроведе не со цел да се сруши договорот од Пржино, туку да стекне одредена предност. Делумно за неутрализација на политичката операција „Избирачки список“ на врвот на СДСМ, што ја блокира политичката разврска (изборите) исто така дел од договорот во Пржино. Откако ВМРО-ДПМНЕ ја заплете и расплете аболицијата, Никола Поповски од ВМРО-ДПМНЕ во вчерашна изјава побара и СДСМ самите да го расплетат Избирачкиот список, односно побара да се вклучат во градењето доверба кон истиот. Според Никола Поповски, тоа е предуслов за повторното формирање на техничка или преодна или Влада што ќе ги организира изборите.
Во основата на политичката состојба по договорот од Пржино е дека двете страни, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, ги употребуваа политичките или правните делови од договорот, кои ценеа дека им одговараат. ВМРО-ДПМНЕ го стави акцентот на политичката разврска, а СДСМ го стави акцентот на правната разврска – СЈО. ВМРО-ДПМНЕ бара гаранции дека СДСМ прво ќе потврди дека има услови за избори, па потоа ќе се пристапи кон техничка или преодна или Влада што ќе ги организира изборите. Но од друга страна и Шарената револуција и СДСМ, бараат гаранции дека нема да има повторна блокада на правната разврска од страна на ВМРО-ДПМНЕ пред сè барањето за одлука на Уставниот суд за уставноста на СЈО. СДСМ нема да излезе на избори ако постои ризик за блокада на правната разврска, ВМРО-ДПМНЕ нема да се откаже од минирање на правната разврска (СЈО), ако нема гаранција дека СДСМ ќе излезе на избори! Тоа е равенката што ќе се решава деновиве.
Не е јасно дали ВМРО-ДПМНЕ постигна и други ефекти преку заплеткувањето и расплетувањето на аболицијата, од оправданите барања да СЈО ја почитува презумпцијата на невиноста, до политички барања за потивка и подискретна работа на СЈО, останува да се види. Секако оправданите барања да СЈО ја почитува презумпцијата на невиноста, ќе беа многу поверодостојни доколку МВР и ЈО ја почитуваат истата таа презумпција на невиност на пример во случајот „Еразмус“ кој вклучува повеќе професори на УКИМ. Од јасните ефекти е урнисаниот легитимитет на Уставниот суд и Претседателот на Републиката. Доколку барањето на оставка од Ѓорѓе Иванов по одлуката за аболиција беше разумно, сега по повлекувањето на аболицијата, е неопходно, неминовно.
Можеби ќе има уште драма, но е потврдено дека договорот од Пржино е патот кон излез од политичката криза.