Каква е оваа ситуација?!

Пред десетина дена Институтот за демократија (ИДСЦС) објави истражување на јавното мислење за актуелните политички случувања во Македонија насловено „Каква е оваа ситуација?!“. Институтот за демократија направи едно навремено и соодветно истражување на јавното мислење во период на продлабочена политичка криза, откажани избори и релативно конфузна состојба за што коментирав во неколку наврати. Истражувањето опфаќа  повеќе теми од ставови за аболицијата и за протестите, за вклученоста на меѓународната заедница и за довербата во правосудството и политичките лидери. Значајно е дека во истражувањето за да обезбеди репрезентативност според политички (партиски) преференци направено е пондерирање на резултатите според парламентарните избори. Оттука повеќе резултати на истражувањето заслужуваат осврт.

kakva-e-ovaa-situatsijaОткажувањето на изборите на 5 јуни, на кои ќе учествуваше само ВМРО- ДПМНЕ е одобрено од скоро двотретинско мнозинство на граѓани. По откажувањето на изборите, напуштена е Владата за организација на изборите, која вклучуваше и функционери на СДСМ, а воспоставена е политичка влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, И додека за откажувањето на изборите има јасен став на граѓаните, мислењата се поделени каква Влада е потребна за излез од кризата. Скоро по една третина граѓани се за Влада составена на избори (36 проценти) и за Влада составена од непартиски експерти (39 проценти). Влада составена од власта и опозицијата има најмала поддршка од 16 проценти. Симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ во големо мнозинство се за Влада составена на избори, додека симпатизерите на СДСМ, како и на ДУИ и донекаде на ДПА повеќе се за Влада на непартиски експерти. Тоа што е јасно дека Влада составена од власта и опозицијата не ужива поддршка во ниту една општествена група.

Голема е поддршката (61 процент) за вклучување на граѓанските движења и организации во преговорите. Ваквиот став го подржуваат симпатизерите на СДСМ и ДУИ/ДПА, но и на ВМРО-ДПМНЕ. Но тука е потребно внимание што сè вклучува перцепцијата на граѓански движења и организации, на пример дали го вклучува ГДОМ? И додека граѓаните поддржуваат вклучување на граѓанското општество во преговорите, мнозинството граѓани (52 проценти) не поддржуваат протести, наспроти 46 проценти кои поддржуваат. Од тие што поддржуваат протести, две третини ја поддржуваат Шарената револуција или скоро една третина од сите граѓани. За влијанието на протестите многу важно е да се разберат причините и мотивите зошто 52 проценти граѓани не поддржуваат протести.

Аболицијата на 56 лица  од страна на Ѓорѓе Иванов, претседателот на Република Македонија, што ги поттикна протестите на Шарената револуција, е неоправдана за многу големо мнозинство граѓани (76 проценти), а ја оправдуваат 16 проценти граѓани. Високиот став за неоправданост укажува дека аболицијата е неоправдана и за етничките Македонци и етничките Албанци и други, како и за симпатизерите на СДСМ, но и на ВМРО-ДПМНЕ. Дали осудата на аболицијата и довербата во СЈО од 3.22 (каде 5 е највисока доверба) е доволна за правна разврска предвидена со Договорот од Пржино, останува да се види.

Улогата на меѓународната заедница (ЕУ и САД) во разрешување на политичката криза прави поделби кај македонската јавност, при што за 45 проценти таа улога е негативна, а за 42 проценти е позитивна. Улогата на меѓународната заедница е негативна за мнозинството (53 проценти) на етнички Македонци. Ваквата негативна перцепција покрај негативниот став на симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, мора да е заснована и на одреден негативен став меѓу симпатизерите на СДСМ. Секој од свои причини, за симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ веројатно поради преголемото мешање на меѓународната заедница, за дел од симпатизерите на СДСМ поради недоволно мешање или нерешетилност на меѓународната заедница. На пример, Ѓорѓе Иванов, претседателот на Република Македонија, чија одлука за аболиција ја смета за неоправдана мнозинството граѓани и што е осудена од меѓународната заедница, и чие име се спомнуваше дека е на врвот на наводната листа за санкции од ЕУ, за една седмица оствари учество на три важни меѓународни настани во Турција, Босна и Херцеговина и Бугарија. За каква меѓународна изолација станува збор, ако претседателот е многу поактивен од вообичаено?

Истражувањето не вклучува рејтинг на политичките партии, што е неразбирливо и необјасниво зошто е тоа така, но вклучува мислење за лидерите Никола Груевски, ВМРО-ДПМНЕ и Зоран Заев, СДСМ. Навидум двата лидери имаат слични позитивни ставови, и тоа Никола Груевски 33 проценти и Зоран Заев 30 проценти. Но како гласањето во Македонија, на крај има етнички предзнак, важно е дека Никола Груевски е јасен фаворит на етничките Македонци, и тоа 43 проценти етнички Македонци имаат позитивен став за Никола Груевски, а 24 проценти  етнички Македонци имаат позитивен став за Зоран Заев. Значајноста на овој резултат е голема бидејќи истражувањето е пондерирано и треба да ја одразува реалноста. Секако не е занемарливо дека половина од граѓаните имаат негативно мислење за сите политички лидери и 39 проценти преферираат Влада од непартиски експерти, што укажува на висок степен на недоверба во постоечкиот политички естаблишмент.

Каква е оваа ситуација?! Големо мнозинството граѓани (и етнички Македонци) ја сметаат аболицијата за неоправдана, секој трет граѓанин ја поддржува „Шарената револуција“, а  за Никола Груевски имаат позитивен став 43 проценти, наспроти Зоран Заев со 24 проценти од етничките Македонци. Зошто постои толку високо незадоволство од мерка (аболиција), релативна поддршка на Шарената револуција, а Никола Груевски  е поприфатен лидер од Зоран Заев? Факторот страв треба да е отстранет со пондерирањето. Одговорот може да се бара и во влијанието на политичкиот маркетинг дека „ВМРО-ДПМНЕ испорачува резултати, СДСМ е само деструктивен“. Одговорот може да се бара и во разликите на поддршката за Шарената револуција и позитивното мислење за Зоран Заев. За понатамошна анализа останува како ќе влијае високиот негативен став кон Никола Груевски меѓу етничките Албанци.
Мислењата на граѓаните изразени во истражувањето за актуелната политичка состојба, како и одговорите на прашањата зошто одредени ставови на граѓаните се такви какви што се, може да бидат корисни за јавноста и чинителите, и да влијаат на натамошните процеси.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.