Во контекст на „Луд, збунет и (не)нормален“ или пак „Луд, полуд, најлуд, [стави име]“, кога е „Јасно дека ништо не е јасно“, понатамошна политичка анализа има сè помалку смисла. Два настани од минатите десетина дена заслужуваат да се коментира сосема друга тема: сеопфатно сексуално образование. Двата настани, навидум неповрзани се убиство на дете при пораѓање на граничниот премин Табановце за кој медиумите известуваа минатата седмица, и оваа седмица одржаниот јавен час на УКИМ за сеопфатното сексуално образование во организација на граѓанската организација ХЕРА.
Минатата седмица низа нашите медиуми се реда наслови: „Студентка се породила на екскурзија и бебето го фрлила во корпа за отпадоци“, „Апсолвентка се породила на Табановце, го фрлила бебето и продолжила со екскурзија“, „Студентка од Скопје го фрлила бебето – потоа се забавувала во автобусот“,„Чистачка го пронашла бебето во канта за ѓубре“… Медиумите пожедни за скандали ги китеа насловите со „детали за чедоморството“, „детали за хоророт“, „хорор на Табановце“… Наслови и текстови полни со осуда, та дури и името и сликата на 23 годишната девојка беа објавени во некои медиуми. Можеби сум пропуштил, но само една национална телевизија објави прилог во кој психолози повикуваат да не се жигосува мајката.
Првиот заклучок од настанот е начинот на известување: генерално сензационалистички и непрофесионално. Впечатливо е дека, општо земено, во известувањето не постоеше разлика меѓу провладините и проопозициските медиуми, односно десничарски и левичарски медиуми. Нормално би било да се очекува левичарските медиуми да имаат либерален агол на известување, со повеќе разбирање на ситуацијата во која се случило убиството на бебето.
За убиство на дете (бебе), кое во САД било со инциденција 4.3 случаи на 100.000 во 1970 година, па по одреден пораст во 2013 година изнесува 7.2 случаи на 100.000, најголем ризик постои на денот на раѓањето, како во погоре опишаниот настан. Според истражувања во САД, клучни фактори на ризик асоцирани со убиство на бебе се: породување надвор од болница (95% од жртвите не се родени во болница); немажени мајки-тинерјџерки; отсуство на пренатална грижа; историја на постпородилни психолошки проблеми; мајки со помалку од 12 години образование; и предвремено породување. Во случајот за кој пишуваа медиумите постоеле четири од шесте фактори на ризик. За постпородилни психолошки проблеми немаше податоци во медиумите. Според македонскиот кривичен законик убиство на дете при пораѓање е посебно кривично дело кое се третира поинаку од убиство, поради растројство на мајката.
Постоеле повеќе показатели за ризик, но за тоа да биде забележано, треба да постои доволно сексуално информирана јавност. Но не само што факторите за ризик поминале незабележано. Апсолвентка од УКИМ, не девојка со осмолетка од планинско село, не одела на лекар, со најдобрите другарки не зборела за својата бременост, а другарките не препознале бременост во 7 или 8 месец!? За каква ситуација станува збор? За сексуална неписменост!
А за нашата македонска сексуална неписменост говорат повеќе застрашувачки податоци. Студија од 2014 година утврдила дека само 40 проценти од учениците добиле образование за животни вештини во нивните школи, а 52 проценти од наставниците рекле дека немаат наставни материјали. Од тие што добиле образование само 12 проценти добиле информации како се употребува кондом и само 3 проценти за употреба на орална контрацепција.
Последици на сексуалната неписменост се: неупотреба на модерна контрацепција, ран почеток на сексуален живот, зголемен број на тинејџ абортуси и повеќе сексуално преносливи болести. Македонија е една од земјите со најниска употреба на модерна контрацепција која изнесува само 12.8 проценти. Тинејџерите започнуваат со сексуалниот живот порано од просекот во Европа. Помалку сексуално образование, повеќе стигматизација водат во пораст на број на абортуси кај девојки под 20 години: во 2010 година 183 девојки абортирале, а во 2014 година тој број изнесува 217 девојки. Имаме експлозија на сексуално преносливи болести! Според одредени извештаи морбидитетот од хламидија е пораснат од 0.4 во 2004 година, на 29.4 во 2014 година. На што се надоврзува порастот на инфертелитет!
И не дека не постојат информации за сексуално образование, тие веќе се застапени во предметите Биологија, Граѓанско образование, Педагогија, Етика, Образование за животни вештини… Но тие информации се нецелосни, контрадикторни, застарени… Пример Билогија за IX одд. „мерка за претпазливост за заштита од полови болести е избегнување на полов контакти со непознати лица“. Или пак во Педагогија за III година вели дека барањата за рамноправна позиција на жената во семејството води во жестоки конфликти и дури дезорганизација на семејството.
И не дека сексуалното образование не е препорачано во десетици стратегии, препораки, заклучоци, вклучувајќи и во Националната стратегија за млади на Република Македонија.
Сеопфатното сексуално образование е вклучено во сите стратегии, бидејќи таму каде е применето е превентивна мерка во однос на сексуалното и репродуктивното здравје на младите и придонесува меѓу другото, кон: одложување на започнување на сексуална активност; намалување на бројот на партнери кај младите; зголемување на способност за информирани одлуки; зголемена употреба на контрацепција; унапредување на сексуално и репродуктивно здравје; развивање на позитивни вредности. Барем половина од наведените придобивки се декларирани ставови на власта и на ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш зошто немаме сеопфатно сексуално образование? Најверојатно поради спомнувањето на хомосексуалноста. Неверојатно лоша одлука, која час поскоро треба да се напушти, на што повикува ХЕРА и многу други чинители на неодамна одржаниот јавен час. Како што порачува Ана Мартиновска „Да не дозволиме нашите деца да учат за сексот само од порно филмовите!!!“. Првиот чекор треба да биде ревизија на постоечките учебници и поддршка на наставниците, на што како втор чекор би следело воведување на сеопфатно сексуално образование во основно и средно образование.