Деновиве во вестите имаше информации за референдумите во Швајцарија, Република Српска и Унгарија, во далечна Колумбија, како и тој дома организиран од Студентскиот пленум. Доколку референдумите беа реткост во минатото, поврзани со прашања како независност или, пак, поврзани со Швајцарија, земја која има традиција на референдуми, последните години стануваат сè почести. Можеме да се потсетиме и на референдумите во Грција, за должничките мерки, во Шкотска за независноста, во Велика Британија за излез од ЕУ, во Холандија за ЕУ-договорот за стабилизација и асоцијација со Украина… Доволно за да постави прашање дали има референдуманија? Со што може да се објасни овој незапаметен број на референдуми?
Живееме во ера на интеграција, на глобализација, кога сè повеќе прашања се одлучуваат на наднационално ниво, без разлика дали е тоа европско (ЕУ) или глобално ниво. Многу од клучните политички прашања не се решаваат во националните парламенти, многу од клучните политички прашања се меѓународни. Тука е една од причините за намножување на референдумите, од една страна станува збор за нивна легитимна употреба за меѓународни прашања, од друга страна со вклучување на граѓаните во одлучувањето се намалува нивното отуѓување од политичкиот процес. Пример за тоа е референдумот за независност на Шкотска, кој придонесе за зголемување на вклученоста на граѓаните, пред се младите, во политичките процеси. Таа е позитивната употреба на референдумите.
