Деновиве во вестите имаше информации за референдумите во Швајцарија, Република Српска и Унгарија, во далечна Колумбија, како и тој дома организиран од Студентскиот пленум. Доколку референдумите беа реткост во минатото, поврзани со прашања како независност или, пак, поврзани со Швајцарија, земја која има традиција на референдуми, последните години стануваат сè почести. Можеме да се потсетиме и на референдумите во Грција, за должничките мерки, во Шкотска за независноста, во Велика Британија за излез од ЕУ, во Холандија за ЕУ-договорот за стабилизација и асоцијација со Украина… Доволно за да постави прашање дали има референдуманија? Со што може да се објасни овој незапаметен број на референдуми?
Живееме во ера на интеграција, на глобализација, кога сè повеќе прашања се одлучуваат на наднационално ниво, без разлика дали е тоа европско (ЕУ) или глобално ниво. Многу од клучните политички прашања не се решаваат во националните парламенти, многу од клучните политички прашања се меѓународни. Тука е една од причините за намножување на референдумите, од една страна станува збор за нивна легитимна употреба за меѓународни прашања, од друга страна со вклучување на граѓаните во одлучувањето се намалува нивното отуѓување од политичкиот процес. Пример за тоа е референдумот за независност на Шкотска, кој придонесе за зголемување на вклученоста на граѓаните, пред се младите, во политичките процеси. Таа е позитивната употреба на референдумите.
Од друга страна, некои од референдумите се поттикнати од популистички и антиестаблишмент-сили. Овие сили, не можејќи да ги извојуваат своите победи во националните парламенти, се обидуваат да го победат политичкиот естаблишмент преку директна демократија-референдуми. Пример за тоа е брегзит, референдумот за излез на Велика Британија од ЕУ. Доколку за оваа прашање се одлучуваше во британскиот парламент, брегзит немаше да се случи бидејќи мнозинството пратеници, и конзервативци и лабуристи, би се одлучиле за останување во ЕУ. Сличен е примерот за консултативниот референдум во Холандија за ЕУ-договорот за стабилизација и асоцијација со Украина, каде евроскептиците постигнаа победа со тоа што граѓаните го отфрлија договорот, што доведе до одлагање на ратификацијата на договорот, кој инаку би бил ратификуван со големо мнозинство. Унгарскиот референдум, иако организиран од власта, исто така е анти-естаблишмент, насочен против Европската комисија. Унгарскиот референдум, иако законски неуспешен поради недоволниот одѕив, нема да може да биде игнориран од ЕУ.
Референдумот во Колумбија, за ратификација мировниот договор меѓу владата и левичарскиот ФАРК, кој се одржа на 2 октомври, е еден од примерите, каде што не е јасно што со резултатот од референдумот. Мировниот договор треба да стави крај на една од најкрвавите граѓански војни која трае 52 година, со околу 260.000 жртви. Мировниот договор предвидува аграрна реформа, една од главните цели на ФАРК, и нивна демобилизација, трансформација во политичка партија и учество во следните избори, а до тогаш добиваат 10 места во парламентот. Граѓаните го отфрлија мировниот договор со 50,2 проценти наспроти 49,8 проценти, иако претседателот на Сантос, објави дека нема „план Б“. Кампањата против ја водеше поранешниот претседател Урибе, која бара кривична одговорност за членовите на ФАРК кои сториле тешки кривични дела и забрана за учество на избори за дел од раководството на ФАРК. Доколку пропадне мировниот процес, дали тоа значи враќање на војната, која 52 години не може да ја добие ниту владата ниту левичарската ФАРК? Двете страни одлучија да го продолжат примирјето, но дали може да се очекува ФАРК да прифати построги услови за себе?
Примерот на Колумбија, каде централно прашање е амнестијата за тешки кривични дела е битен за нас во Македонија, за споредбена анализа и со Охридскиот рамковен договор, и последователната амнестија на ОНА и нивното вклучување во политиката, но и за договорот од Пржино.
И на крајот, референдумите се употребуваат од тактички преговарачки причини за зацврстување на сопствената позиција наспроти меѓународната заедница. Од тие причини, ВМРО-ДПМНЕ побара договорот за спорот за името биде ратификуван на референдум, а не во Парламентот. Ципрас и Сириза, одржаа референдум за должничките мерки и покрај јасните резултати на референдумот, мораа да попуштат и да ги спроведат бараните мерки од меѓународната заедница. Веројатно и референдумот во Република Српска е спроведен од тактички причини, за јакнење на позицијата на властите во Бања Лука.
И покрај тоа што референдумите сè почесто се употребуваат од популистички и антиестаблишмент-сили, и покрај тоа што резултатите од референдумите може да доведат го голема политичка неизвесност и до ќор-сокак, тие се добри за демократијата. Вклучувањето на граѓаните, нивното информирање низ процесот на дискусија, може да биде само корисно во сегашната криза на демократијата.