Ако треба ВМРО-ДПМНЕ пак да избира СЈО, повторно би ја избрал Катица Јанева

Главен настан на политичката сцена измината седмица, барем од овие кои се пред кулисите и се видливи за јавноста, е поднесувањето на извештајот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) пред Собранието. По подолг период на барање, на дневниот ред на 120 седница на Собранието се најдоа.

Извештај за активностите на СЈО и Годишниот извештај за работата на Јавните обвинителства во Република Македонија за 2015 година. Во јавноста се разви дебата за сите можни прашања, од тоа дали треба СЈО да поднесе извештај пред Собранието, вклучувајќи финаниски извештај, преку оценката на личноста на Катица Јанева, до односот на пратениците и аршините што ги употребуваат.

Инсистирањето на ВМРО-ДПМНЕ за поднесување на извештајот е повеќе од јасно. Нејасно е одбивањето на опозицијата посебно со типот на аргументација „сите се исти“.

ako-treba-vmro-dpmne-pak-da-izbira-sjo-povtorno-bi-ja-izbral-katitsa-janevaЗошто е јасно инисистирањето на ВМРО-ДПННЕ? Од склучувањето на Договорот од Пржино, јасно е дека двете договорни страни, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, во оснава ги употребуваат политичките или правните делови од договорот, кои ценеа дека им одговараат. ВМРО-ДПМНЕ го става акцентот на политичката разврска – избори, а СДСМ го става акцентот на правната разврска – СЈО. Едните, ВМРО-ДПМНЕ, сметаат на предноста во јавната поддршка, другите, СДСМ, на можните обвиненија против власта кои би довеле до промена на јавното мислење и рејтинзите.

Во таква рамка, не е оправдано, но е очекувано дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да ја опструира, одложи или неутрализира работата на СЈО, вклучувајќи со методи на оцрнување (character assassination) пред сè на Катица Јанева, како симбол на СЈО. Како што пишував во „Ловење крупни риби 1 и 2“ за искуствата од Романија, за ДНА – тамошното СЈО, предводено од Ковеси се соочува со институционални опструкции и јавни дисквалификации. Имено, иако романските политичари најчесто јавно ги поддржуваат антикорупциските активности, во практика често го менуваат законодавството со цел да ги ограничат надлежностите на ДНА за да се заштитат самите себеси. Исто така најголем дел од дисквалификациите се дека ДНА и Ковеси одработуваат за политичките опоненти на власта.

Доколку оцрнувањето е очекувано, што не значи и дека го оправдувам, одбраната која се сведува на користење на аргументи од типот „сите се исти“ е зачудувачко!

Прво се бранеше неподнесување на извештај со неподнесување и/или нерасправање на извештаи на Јавното обвинителство. Не се поднесува извештај бидејќи другите неподнесуваат е аргумент од типот на „сите се исти“. Слична е аргументацијата за неподнесување на финансиски извештај. И пратениците да не применуваат исти аршин и да не бараат финансиски извептај од другите институции, СЈО треба да го направи тоа. Инаку како без сопствена, не само, финансиска транспарентност ќе се бори против корупција!? И очекувањата дека пратениците од различни партии ќе бидат исто строги во барањето на отчет од сите други се нереални. Нереални како и очекувањето во САД републиканци да бараат да се објават даночните пријави на Трамп, а демократи да бараат да се објават мејловите на Клинтон.

И точно е дека не е важно дали ти се допаѓа Катица Јанева или не, и дека е прашањето дали се сака да има правна разврска поврзани со прислушувањето. Но непоставувањето на било какво прашање за СЈО, не значи поддршка на правната разврска. И тука не е прашање дали Катица Јанева е харизматична или не. Кога првпат ја сретнав романската специјална обвинтелка Ковеси, малку бев разочаран, бидејќи не стануваше збор за харизматична личност, ниту силен говорник, ниту личеше на витез која се бори со седмоглава аждаја на корупцијата. Напротив тивка, скромна жена, чија презентација е толку техничка и монотона да повеќе личи на бирократ од Брисел, отколку на романска хероина.

Од случајот на Романија, може да се заклучи дека е потребен е систем, но потребна е и личност. Во целиот регион постојат показатели дека борбата против корупцијата на високо ниво зависи од личности. ВМРО-ДПМНЕ ја прифатил Катица Јанева, како погодна за оцрнување. Оценките од дипломите, скромното работно искуство, станови, имоти, итн, на ВМРО-ДПМНЕ сигурно му биле познати пред да го подржат нејзиниот избор. И затоа и доколку ВМРО-ДПМНЕ треба пак да избира СЈО, повторно би ја избрал Катица Јанева.

Мојата критика на сегашниот настап на Катица Јанева во Собранието, со изјавите од типот „нема потреба да те слушам на говорница, доволно те слушам во телефонските разговори“, дека се однесуваше како пратеник, а не како специјален јавен обвинител. А сите со консензус прифаќаме дека нивото на комуникација на пратениците е неприфатливо ниско. Но клучната критика е дека СЈО, се чини, соочен со институциските опструкции и јавните дисквалификации, случајно или не, сè повеќе влегува во сенката на СДСМ, кој СЈО го гледа како алатка која ќе му овозможи да ја неутрализира предноста во рејтингот на политичкиот ривал ВМРО-ДПМНЕ.

Ковеси вели дека тоа што е јавно дисквалификувана од политичари е показател дека добро си ја врши работата! Најголем сојузник на ДНА и Ковеси е огромната доверба од 61 проценти што ја ужива во јавноста. Во последните истражувања на јавното мислење СЈО ужива висока поддршка од граѓаните од 63 проценти (ИРИ), но довребата во СЈО се движи 33 проценти (ИРИ) до 38 проценти (МЦМС). За споредба Јавното обвинителство има доверба од 25 проценти (ИРИ) до 33 проценти (МЦМС). СЈО мора да ја здобие довербата на мнозинството граѓани, што, е неопходно ако сакаме успех во борбата со корупција на високо ниво. Разликата меѓу поддршката и довербата, укажува дека СЈО има простор за сопствено подобрување. Институциските опструкции, јавните дисквалификации, ќе продолжат и понатаму. Барањето исклучиво подобрување надвор СЈО, иако некои како барањата за заштитени сведоци се оправдани, без осврт на слабостите на самото СЈО, не води кон посакуваната правна разврска. Затоа помалку бистрење политика (нелегитимно Собрание, сум те слушала итн), повеќе обвиненија и справување со перцепцијата за селективност во обвиненијата.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.