На почетокот на овој месец, истовремено кога Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), го објави Извештајот за проценка на корупцијата во Македонија за 2016 година, Центарот за изучување на демократијата (ЦИД) од Бугарија, заедно со партнерите ја објави процената за корупција за. Југоисточна Европа и ги вклучува земјите од Хрватска до Турција. Овој извештај како и македонскиот извештај е базиран на Систем за следење на корупцијата (ССК), што ООН го има признаено како еден од најдобрите системи за следење на корупцијата. ССК вклучува три дела и тоа: искуство со корупција, ставови за корупцијата и проценка на корупциските индекси на околината.
Еден од главните наоди е дека, и покрај значајните разлики меѓу најмногу и најмалку корумпираните земји, општото ниво на корупција е доволно високо за да се биде сериозна грижа на чинителите на добро владеење. Корупцискиот притисок (барањето мито), мерено долгорочно, е намален од околу 41 процент на 26 проценти. Корупцискиот притисок стивнува, иако бавно, но сепак е на многу високо ниво од околу 26 проценти. На врвот на најкорумпирана земја во регионот е Албанија (корупциски притисок од 50 проценти), а најмалку корумпирани земји се Турција (11 проценти) и Хрватска (12 проценти). Другите земји се движат меѓу 23 проценти во Србија до 33 проценти во Босна и Херцеговина, а Македонија е помеѓу со 30 проценти, а другите се Косово (27 проценти), Бугарија (24 проценти) и Црна Гора (22 проценти). Предизвикот е голем бидејќи корупциски притисок и од 5 проценти создава перцепција за високо корумпирано општество/земја.
Во споредба со претходната година (2014), корупцискиот притисок во регионот скоро да не е намелен, бидејќи тогаш изнесувал околу 27 проценти, наспроти сегашните околу 26 проценти. Постојат разлики од земја до земја со намалување на корупцискиот притисок во Бугарија, Црна Гора, Србија и Турција, а зголемување во Босна и Херцеговина, Албанија, Македонија, Косово и Хрватска. Податоците укажуваат дека во целиот регион нема континуитет во намалувањето на корупцијата и, по година на намалување на корупцијата, следуваат години на зголемување на корупцијата. Многу ретко земјите поединечно покажуваат стабилно подобрување на долг рок. На пример, доколку се следат податоците за Бугарија од 1999 година до сега, може да се забележи дека по падот на корупцијата на 12 проценти во 2010 година до 2012 година пораснала на 21 процент. Ваквите трендови укажуваат дека намалувањето на корупцијата не е резултат на општествени промени или одржливи антикорупциски политики, туку на кампањи резултат на внатрешен притисок, по големи корупциски скандали, или надворешен притисок, најчесто од ЕУ.
Причините за отсуството на стабилно подобрување на долг рок може да се толкува на различни начини, а секако и условите од земја до земја се различни. Главна причина е отсуство на антикорупциска клима, отсликана преку високи нивоа на толеранција на корупцијата. Тие ниво изнесуваат од 20 проценти во Бугарија до 54 проценти во Албанија, со високи 47 проценти во Македонија. Нетолеранцијата на корупција е во корелација со отпорот на корупциски притисок. Процентот на луѓе кои биле под притисок за корупција, но не дале мито изнесува од 45 проценти во Турција до само 19 проценти во Црна Гора, со слични 21 процент во Македонија, Албанија и Бугарија. Иако процентите на граѓани кои идентификуваат вообичаени корупциски практики е оптимистички висок, релативно висок е процентот на граѓани кои некои корупциски практики ги препознаваат како „нормални практики“.
Антикорупцијата ја поткопува недовербата дека корупцијата може значително да се намали или да искорени. Само во две земји, Турција и Црна Гора, мнозинството на граѓани веруваат дека корупцијата може значително да се намали, во сите други земји мнозинството граѓани мисли дека корупцијата не може значително да се намали, и така мислат од 50 проценти на граѓаните на Босна и Херцеговина, преку околу 62 проценти на граѓаните на Србија, Косово и Македонија, или 67 проценти на граѓаните на Бугарија, до 76 проценти на граѓаните на Албанија.
Може да се каже дека во Југоисточна Европа антикорупцијата крахира. Сузбивањето на корупцијата е многу бавно, и тоа не се должи на недостаток на анти-корупциска легислатива. Не може да се разбере корупцијата во регионот без да се разбере зошто крахира анти-корупцијата. За тоа е потребно длабоко разбирање на корупциските динамики, нивно следење, мониторирање и процена.
Крахот на анти-корупцијата во регионот не значи дека не е можно „превчитување на анти-корупцијата“. Мерките може да се групираат во три: ефективен кривичен прогон на корупција на високо ниво; фокусирање на антикорупција на критичните сектори; и независен систем за следење на (анти)корупцијата. Осудување на политичари од врвот е силен пример за сите останати и се покажал како ефективен во антикорупцијата во Словенија и во Хрватска. Напорите за сузбивање на корупцијата треба да се фокусираат на критични сектори како енергија, јавни набавки, управување со јавните претпријатија и големите инвестициски проекти. И на крај треба да се воспостави независен механизам за набљудување, независен од државно финансирање или друго влијание.