Сагата на изборот на мандатар за нова Влада по изборите одржани на 11 декември 2016 година, продолжува – Македонија 74 дена по изборите нема нова Влада. Дали ќе го достигнеме рекордот на Холандија од 200 дена или пак на Босна и Херцеговина од 450 дена или на Белгија од околу 600 дена во преговори за нова Влада? Секако воведот во сагата беа резултатите на изборите, кои донесоа распоред на мандати кои не ветуваа брзо и лесно формирање на мнозинство, а и евентуално формираното мнозинство од неколку пратеници, би било нестабилно и за редовно работење, а не пак за посериозни реформи или пак двотретинско мнозинство за системски закони.
Вториот дел на сагата е платформата на трите партии ДУИ, Беса и ДРДПА. Платформата содржи еден дел рационални барања, најголем дел веќе познати и дебатирани, и еден дел ирационални барања. Платформата може да се објасни со потреба на создавање на чувство на ургентност во адресирање на овие прашања. Деновиве некои аналитичари потсетуваат дека целосното спроведување на Охридскиот рамковен договор е составен дел од Договорот во Пржино, и дека платформата е само алатка за реализација на тој дел од Договорот во Пржино. Второто можно објаснување, кое не го исклучува првото е дека платформата е дневнополитички обид, пред сè на ДУИ, за дефокусирање на јавноста, за етнизација на јавната расправа, простор во кој ДУИ подобро се снаоѓа од дел од политичките ривали. И тоа се случува деновиве, расправата за формирање на нова Влада е целосно доминирана платформата и посебно од прашањето на „двојазичност“. И третиот можен одговор е дека Платформата на ДУИ, Беса И ДРДПА е намената да оневозможи формирање на влада на СДСМ со овие три партии. Влегувањето на СДСМ во коалиција со вака дефинирана платформа би била политичко самоубиство на СДСМ. ДУИ има најмалку две причини зошто стравува од коалиција со СДСМ, што е анализирано во „Платформа за спас“ и затоа платформата е или оправдување на коалицијата на ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ, или евентуално широка коалиција, каде премиерот ќе биде од ВМРО-ДПМНЕ.
