На 30 септември се одржа неуспешна консултација со граѓаните, референдумот за конечниот договор со Грција заврши неуспешно. Заврши неуспешно поради одзив од околу 37 проценти, кој можеби и ќе се спушти на 34 проценти ако се поништат резултатите во изборните единици каде што имаше полнење кутии. Неуспешноста на референдумот не е поради неисполнување на законскиот праг за успешност, одзив од 50 отсто или околу 900.000 гласачи. Неуспешноста е поради тоа што референдумот беше под очекувањата на тие што го распишаа и организираа, СДСМ и Владата.
Од потпишувањето на конечниот договор со Грција, каде што референдумот може, но не мора да биде дел од постапката, како и одлуката на власта референдумот да биде консултативен, беше јасно дека власта не очекува дека референдумот може да го постигне законскиот праг. Секако, во јавноста се пласираа информации и очекувања за одзив од еден милион гласачи, кои верувам дека биле пропагандни алатки и дека власта не верувала во нив.
Кога по распишувањето на референдумот, почнаа да се пласираат информации, вклучувајќи од поранешен службеник на Амбасадата на САД, дека се очекуваат околу 700.000 гласачи и дека 200.000 бојкотирачи не може да ги делегитимираат првите, почна да станува јасно дека, и покрај неисполнетиот законски праг, референдумот ќе се прогласи за успешен со 700.000 гласачи, или околу 40 проценти одзив. Тоа е одзивот што е предвиден за избор на претседател на Републиката, а претпоставувам дека 40 проценти од избирачкиот список, одговара на 50 проценти на избирачи што се жители, живеат во земјата. Според некои процени, во земјата се 1,4 милиони гласачи од 1,8 милиони што се запишани во избирачкиот список. Како што дознаваме од грчки извори, Владата ги убедувала во 40-45 проценти успешност, односно дека ќе гласаат 700-800 илјади граѓани. Во таа насока беа и анкетите на МЦМС, ИД и М-проспект, и ИПИС. И на крајот бројот на гласачи на партиите, СДСМ, ДУИ и другите, кои го поддржуваат договорот на изборите во 2016 и 2017 се движел од 650 до 750 илјади граѓани.
Без полнење на кутиите, очекувањата на власта за успех потфрлија за 100 до 150 илјади гласачи. И најдобар знак за неуспехот е видливото нерасположение во СДСМ и власта. Ако е успешен референдумот, зошто немаше славење на плоштад?
Секако, СДСМ и власта никогаш јасно не искомуницираа што сметаа за успешен референдум, а без јасни показатели и во магла сѐ може да се релативизира и претстави како успех. И тоа дека над 600.000 гласа можеби би било повеќе од 400-500 илјади гласа против, и дека е повеќе од тоа што освоила која било партија претходно на избори итн., не помага во релативизирање на тоа што им е јасно на сите – неуспешноста на референдумот.
Секако, бидејќи референдумот не е задолжителен, некои од „националните процедури“ предвидени со конечниот договор со Грција, меѓународната заедница и власта, ќе го легитимираат референдумот и ќе продолжат понатаму со донесување на амандманите на Уставот. И тука, најавата на предвремени избори е уште еден показател за неуспешноста на референдумот. Доколку референдумот беше успешен, ќе се создадеше можност за убедување десетина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ да ја дадат својата поддршка. И тоа пратеници што не се директно загрозени со кривични пријави и закани за долгогодишни затвори, односно не се дел од алатката „амнестија за име“. Неуспехот на референдумот внесува многу страв меѓу пратениците, кои треба да гласаат за амандманите на Уставот, а особено кај тие од ВМРО-ДПМНЕ што можеби се мислеа. Илустрација за ова е изјавата на пратеник од ВМРО-ДПМНЕ што гласаше на референдумот, а потоа на вестите на национална телевизија јавно се обврза дека нема да гласа за амандманите на Уставот.
Сега се чини дека е нереално создавањето парламентарна фракција на ВМРО-ДПМНЕ што би ги поддржала амандманите на Уставот. Тоа не значи обезбедувањето 80 пратеници во Собранието, можеби и преку „амнестија за име“, е откажано. Тоа за власта и Западот е поизводлива варијанта отколку предвремени избори, каде што математиката дома и на пазар може да не испадне баш како што треба, како што се случи на референдумот. За тоа повеќе можеби во некоја друга анализа.
За да научат СДСМ и власта од неуспехот, прво треба барем за внатрешна употреба да го признаат. Не можете да научите од неуспех ако не го признаете. Како пропадна референдумот за договорот што ги отвора вратите на НАТО и ЕУ, за кој имаше само кампања „за“, а немаше против, и доби досега невидена поддршка од Западот?