Конечен договор без конечност (2)

Иако редовен коментатор и истражувач на спорот за името, првата анализа и коментар на конечниот договор со Грција ги започнав минатата седмица и ги продолжувам оваа седмица. Анализата ја засновам на тоа што повеќепати го имам истакнувано како можен компромис меѓу зачувувањето на идентитетот и стремежот за евроатлантските интеграции. Како што пишував, меѓу другото, и во „Ерга омнес, не, благодарам“ (1, 2) од мај оваа година, дека добар компромис би бил заснован на прифаќање на идентитетот од Грција (државјанство, јазик), ерга омнес решение во две фази, кое би стапило во сила во моментот на членство во ЕУ.

Колку конечниот договор со Грција ги исполнува критериумите за добар компромис? Промена на името, промената да биде ерга омнес, со промена на Уставот (чл. 1.3), дефинирање на националноста, на јазикот, зачувување на кодовите на земјата и јазикот (чл. 1.3), употребата на Македонија и македонски – значењето и опсегот (чл. 7, чл. 1.3), употребата на придавката во историски и образовни прашања (чл. 8), фазите на промената (чл. 1.10) се дел од прашањата што предизвикуваат дебата, додека дел, како непроменливост на границите и други делови, не се контроверзни.
Во однос на елементите на договорот. Најголема загуба во договорот е прифаќање промена на името во Северна Македонија, ерга омнес со промена на Уставот. Најголема придобивка е потврдување на јазикот како македонски. Придобивки со одредени компромиси се и утврдувањето на државјанството како македонско/граѓанин на Северна Македонија, како и задржување на кодовите МК и МКД, со исклучок на сообраќајниот код (НМ или НМК). Како Македонија и македонски ќе го употребуваат двете страни, неминовно е вклучувањето на различното толкување на поимите, грчкото и македонското.

Дали договорот, односно Грција, го признава македонскиот идентитет? Признавањето на македонскиот јазик, макар и со значење дефинирано во чл. 7, значи признавање македонски идентитет. Тоа, секако, власта во Грција ќе го негира, како што власта во Македонија води кампања за европска, а не за Северна Македонија. Повеќе дебата има за начинот на кој е дефинирано државјанството (Macedonian/Citizen of R. of North Macedonia). Самиот факт дека само 17 проценти од граѓаните знаат како е точно дефинирано, создава основа за дебата. Одредени експерти поаѓаат од анализа дека националност и државјанство не се истоветни и дека, соодветно, дефинирањето може води кон различни ризици. Претпоставувам дека Nationality е преведено како државјанство да се избегне националност, кој во земјата има поинакво значење, за што пишувам подолу. Можеби двата поима не се синоними, но во патните документи во Македонија, државјанство/Nationality се употребуваат како синоними. Од друга страна, некои сметаат дека Macedonian/Citizen of R. of North Macedonia е унапредување, бидејќи во чл. 4 од Уставот сега е дефинирано како државјанство на РМ. Тука се заборава дека сегашната примена на личните документи е македонско/Macedonian. Дополнително чл. 4 нема да се ревидира, така што примената ќе биде директно на патните документи. Оттука може да се смета дека договореното не ја менува суштината, туку со двојната формула нуди одредена отстапница на Грција во признавањето на патните документи.

Начинот на употреба на името Македонија и македонски е јасно разграничен меѓу државниот и недржавниот сектор. Сите субјекти во државниот сектор ќе треба да се преименуваат, со исклучок на имињата на градовите како Македонски Брод и Македонска Каменица. Додека е очекувано со ерга омнес решение да се преименуваат институции како Армијата на Република Македонија или, пак, Народна банка на Република Македонија, нејасно е зошто треба да се преименува на пример Македонскиот народен театар, затоа што во согласност со договорот е дозволена употреба во согласност со чл. 7, но уште повеќе бидејќи националноста или државјанството е дефиниранo како Macedonian или македонско. Тоа не води до тројното значење на македонски, кое нема само различно значење во Грција и Македонија, туку има двојно значење Македонија и тоа национално/државно и етничко значење. Македонски во имињата на институциите нема етничко значење, туку има државно значење и затоа е неразбирливо зошто ако државјанството е дефинирано како македонско, не може така да биде именувана националната телевизија или театар.

Македонија и македонски може да се употребуваат во недржавниот сектор. Оттука, не треба да има дилеми дека на пример Македонската православна црква во Уставот ќе остане таква. МПЦ е недржавен чинител, измена на членот 19 од Уставот не е предвидена со договорот, а патем ниту тој член ниту амандманот 7 не реферира на точното име, а тоа е МПЦ-ОА. Тука проблемот е дека и употребата на Македонија и македонски во недржавниот сектор ќе биде предмет на разговори на комисија што треба да ја заврши својата работа во рок од три години.
И тоа води кон клучната критика, дека конечниот договор не е конечен, и тоа во ревизијата на Уставот; во употреба на комерцијални имиња, трговски марки и брендови (чл. 1.3х); комисијата за историја (чл. 8) и неповрзаноста на ерга омнес со членството во ЕУ (чл. 1.10).

Конечниот договор ќе води кон ревизија на Уставот со еден амандман за промена на името, без јасноста што ќе значи тоа во промена на текстот на Уставот, на пример на чл. 4, каде што е дефинирано државјанството. Ќе се менуваат и членовите 3 и 49, но многу е поважна промената на Преамбулата. Што ќе се менува во преамбулата, дали ќе се избрише АСНОМ или уставотворноста на македонскиот народ ќе биде заменета со таа на граѓаните? За потсетување, при примена на Рамковниот договор, најспорна беше ревизијата на преамбулата и на крајот амандманот претрпе измени.

За комерцијалните имиња, трговски марки и брендови ќе се формира комисија во 2019 година, која ќе треба да ја заврши работата во рок од три години. И за историјата веќе е формирана комисија, која ќе се среќава најмалку двапати годишно. И за самата примена се предвидени два рока, за техничка примена рокот е пет години, и во тој период ќе се менуваат патните документи и регистарските таблички на пример, и политичка примена од десет години, период во кој ќе се менува името за внатрешна употреба, со ритам на отворање на поглавјата за преговори за ЕУ. Во политичката примена на одреден начин примената е поврзана со членството во ЕУ, односно ако нема напредок и нема нови отворени поглавја Македонија не ќе мора да менува име во соодветните подрачја. Тоа на одреден начин ја заштитува Македонија.

Но во овој период од ратификацијата до конечната примена на ерга омнес ќе поминат десет години, во кои е можно Грција да поставува нови и нови барања, односно уцени, особено од аспект дали договорот ќе донесе добрососедство, или непријателствата ќе останат. Нова демократија веќе најави дека не се согласува со македонска националност и јазик, па прашање е доколку грчката влада ја води таа партија, какви барања ќе поставува.

На крајот оцената на конечниот договор со Грција, поради повеќеслојноста на референдумското прашање, мора дополнително да се оценува во контекст на геополитиката.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.