Пред две години, во истиов период, напишав „Вардар ја гаси жедта за успех“, по повод тогашната победа на ракометниот клуб Вардар и освојувањето на европската шампионска титула во машки ракомет, а инспириран од експлозијата на радост и вечерта на 4 јуни, на денот на пристигнување на шампионите во Скопје. Тогаш напишав дека „европски шампион во клупски спорт е вистинска реткост, еднаш во генерација“, и никогаш не помислив дека РК Вардар ќе го повтори успехот за само две години. Посебно поради шпекулациите за неговиот сопственик Сергеј Самсоненко, неговото заминување и можниот пад на клубот. Тоа ќе беше веќе видено, бидејќи повеќето македонски клубови, и нивните инвеститори, успевале (финансиски) да издржат еден циклус од неколку години и се растурале по постигнатиот врв. Можеби зашто никој и не помисли дека РК Вардар може повторно да биде европски шампион, на 2 и 3 јуни се случи излив на емоции и пречек невиден во децении. Емоции и пречек кои РК Вардар ги заслужи.
Неколку работи, некои ги коментирав и претходниот пат. Точно е дека РК Вардар не е репрезентација и дека е приватен спортски клуб, точно е и дека повеќето ракометари не се Македонци (по државјанство). Од друга страна, Вардар е најпрепознатливиот спортски бренд од Македонија. Во контекстот на Македонија, земја која во најдобрите случаи е 60-та на светските ранг-листи од кој било карактер, европски шампион во клупски спорт е вистинска реткост, еднаш во генерација. Ние сме земјата каде што за четвртото место на нашата кошаркарска репрезентација се израдувавме како за прво место! И благодарејќи на спортот, како и на културата, благодарејќи на ракометот, кошарката и на понекој друг спорт, се извинувам ако испуштам, и можеме да ја почувствуваме радоста на прво место, на четврто место, на 11-то место, можеме да ја почувствуваме радоста на успехот! Во нација жедна за успех, не само во спортот туку во кое било поле, Вардар ја гаси жедта за успех. Прво место е велеуспех, а двапати првак е чудо! Тоа е повеќе од доволна причина за радување, вклучувајќи и на оние кои не се навивачи на РК Вардар.
Но и не мора сите да се радуваме. Некому не му е до радување, некои не ги интересира спорт, некои не ги интересира ракомет, некој не навива за Вардар. И тоа е в ред, никој не треба да забележува на никого доколку не се радува. Но и обратно, никој не треба да им забележува на тие што се радуваат. И не само што не треба да им забележуваат, туку треба и да им честитаат како што Барселона му честиташе на Реал за европската титула во фудбал.
Поделеноста, таа партиската, не може и не смее да биде причина за оспорување и омаловажување. Означување на пречекот како националистички е навреда на огромно мнозинство граѓани кои беа собрани. Да се радуваш на успехот на некој од твојата земја не може да биде национализам. Етикетирањето, пак, како вмровски е кусогледост како таа кога Владата на ВМРО-ДПМНЕ ги етикетираше студентските протести како сдсмовски. Политичките слогани кои можеа да се слушнат се резултат на иритираноста на јавноста од претераниот ентузијазам на власта за примена на „северна“ и од начинот на кој спонзорството на летот се пренагласуваше.
Од друга страна, да се обвинува Владата дека поради македонштината на Вардар го попречува Вардар, вклучувајќи и во ТВ-преносот е претераност на другата страна. Конкретно за ТВ-преносите. Националните телевизии подолго време протестираат на нелојалната конкуренција на кабелските телевизии обезбедена од македонската регулатива и од Македонски телеком. Повеќе права на спортски преноси добива Арена спорт, за поранешниот југословенски простор, со коментар на српски или хрватски или босански јазик, со по конкурентни понуди од националните. А и кога национална телевизија ќе откупи права за Македонија, на пример во бокс, не е заштитена од нелојална конкуренција на кабелска телевизија, и истиот настан да се прикажува на канали од Хрватска или Србија, без разлика дека истите немаат права за емитување кај нас.
За партиските поделби некој напиша дека треба да се решат со игра Вардар против Тамара. Да биде фер, покрај игра ќе треба и пеење. Или да се надминеме и да ги прифатиме сите успеси како наши заеднички.
За присутниот говор на омраза и кривични дела од омраза (кршење на возило). Нема да се скријам зад тврдењето дека бев на плоштад и не сум чул говор на омраза. Но нема да дозволам да се етикетираат десетици илјади луѓе заради поединци или делови од навивачки групи. Расизам, шовинизам и сексизам се проблем и предизвик и на глобалниот и на европскиот и на македонскиот спорт, пред сѐ на фудбалот, но и на другите спортови. РК Вардар треба да ги осуди говорот на омраза и кривичните дела на омраза. Но и Министерството за внатрешни работи треба да ги истражи делата и да поднесе обвиненија. Бидејќи кривични дела се кривични дела и треба да се санкционираат.
А за сузбивањето на говорот на омраза на натпреварите, една осуда ќе биде недоволна. Одговорноста е на спортските федерации, клубовите и на навивачките групи, преде сѐ на фудбалските, да работат на сузбивањето на говорот на омраза. И не само тоа, потребна е законска регулатива за навивање, за навивачки групи и санкции. И ќе треба поширока општествена поддршка, поддршка од граѓанското општество во тоа.
Од последните реакции во 2017 година, што направи Владата, а и граѓанското општество и активистите против говорот на омраза – дали повеле иницијатива за закон или дали воспоставиле дијалог со федерациите, клубовите и навивачите, дали да работат со нив на сузбивање на проблемот? Или се сведува на дневни реакции со прес-соопштенија, па се заборава до следниот пат. За да не пишувам за говор на омраза и за трета шампионска титула на Вардар, ќе дадам личен пример во активности за сузбивање на говор на омраза.