Секако, за поздравување е тоа што Владата има волја да го решава проблемот со именувањата на здруженијата, но ова решение е како да се борите против фашизам со сталинизам!
Францускиот предлог, како и безобѕирниот однос на Бугарија со поттикнување на отворање бугарски клубови низ Македонија со имиња на контроверзни личности, како Ванчо Михајлов во Битола и Фердинанд Трети во Охрид, го стави во фокус именувањето здруженија и фондации. Некои од овие клубови се отворени од пред една или повеќе години и се разликуваат од претходно регистрираните организации, како Бугарскиот културен центар во Скопје, во изборот на, во најмала рака, контроверзни имиња. Новиот бран на здруженија, генерално, е поддржан од фондацијата „Македонија“ од Бугарија, позната антимакедонска организација, и е прашање колку е изворно организирање на етничките Бугари од Македонија, а колку е дел од организирана кампања што треба да поттикне нетрпеливост.
Прашањето на именување не се поставува за првпат во нашата јавност. Таа тема е присутна речиси целиот период на независноста и е поврзана со именувањата на училиштата и на улиците. Кои личности се (не)подобни? Пред десетина години правев студија за именувањата за една меѓународна организација и едно министерство, но таа не се објави, најверојатно бидејќи нашиот стил не е решавање на проблемите, туку нивно забошотување или потиснување.
Но, еве, сега Владата реши да не го забошотува, туку да го решава проблемот и понуди решение: комисија, составена од експерти, историчари и владини членови што ќе ги одобрува имињата на здруженијата. Секако, за поздравување е тоа што Владата има волја да го решава проблемот со именувањата на здруженијата, но ова решение е како да се борите против фашизам со сталинизам! Што е проблемот со решението?
Досегашните законски решенија немаат ограничувања во именувањето на здруженијата, освен за употреба на Македонија и имињата на општините, за кои треба согласност од Министерството за правда или општината. За другите имиња, Законот за здруженија и фондации упатува на законот за трговски друштва, каде што пак имињата или фирмите се третираат од аспект на заштита на (авторски) права. И, секако, имињата не треба да се исти или слични на веќе регистрирани субјекти. Во ниту едно законско решение нема други ограничувања, и така треба да остане! Суштинскиот напредок во слободата на здружување, која е гарантирана со Уставот, е кога регистрацијата се пренесе од МВР во Централниот регистар, при што органот за регистрација не е надлежен да ги толкува имињата, целите, програмите и сл. на здруженијата и фондациите.
Со формирање комисија ќе се создадат повеќе проблеми. Прво и најважно ќе ја ограничи слободата на здружување! Понатаму има практични нејаснотии. Не е јасен опфатот дали ќе важи за нови барања или и за веќе регистрираните здруженија. Дали ќе важи само за здруженија или и за фирми, институции и слично? Зошто ако некое име е забрането за едно, не би било за други? И на крајот, оваа комисија ќе добие задача на министерство за вистина, како и историската македонско-бугарска комисија. Ќе влезе во невозможна мисија за одредување дали некоја личност е позитивна или негативна. Да, ќе има едноставни случаи, на пример за лица осудени за воени злосторства и слични тешки дела. Но што со случаите кога не е толку јасно. На пример, Ванчо Михајлов, кој според најголем дел од македонската јавност е контроверзен и неприфатлив, според моите информации, никогаш не е суден за соработка со фашистите и доживува длабока старост на слобода во Италија. Како ќе се постави комисијата кога ќе треба да регистрира здружение Џемаил Хасани или Џем Хаса или Џемо Балистот, соработник на фашистите, убиен во мај 1945 г. Џемаил Хасани е докажан соработник на фашистите, но има споменик и веројатно здружение со негово име. Што се него? Или пак со Ататурк?
Татко на нацијата за Турците, сите училишта на турски јазик во земјава го носат неговото име, но одговорен за погромот на Ерменците, кои меѓу другите беа споменати за вклучување во нашиот устав.
Проблемот со именување не е само наш, го имаат сите земји. Само да потсетам на моменталното преоценување на основачите на САД како Вашингтон и др., кои речиси сите биле сопственици на робови. Кој аспект ќе преовладее? Дека се основачи на САД или дека се расисти? Дали треба да се слават или не? Затоа прашањето на именувањето бара многу сериозен пристап.
А сега да се користи механизмот што е достапен! Според членот 65 од Законот за здруженија и фондации, „се забранува работата на организацијата ако: – нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, – поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост, – активности поврзани со тероризам, – презема активности што се спротивни на Уставот или закон и – се повредуваат слободите и правата на други лица. 4. Поведување постапка за забрана на работата на организациите“. Според следниот член секој може да поднесе пријава до јавниот обвинител и постапката за забрана е итна. Не треба никакви комисии, треба правосудство што функционира!
Авторот е аналитичар*
*Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ
/ Ставовите се лични
Блог www.megjutoa.mk @sklek
The post Со сталинизам против фашизам appeared first on Нова Македонија.