Време за чистење на сопствениот двор

Партиски делби или корупција, кој проблем е најголем предизвик? Навидум различните предизвици, всушност, се плодови на еден проблем во коренот ставање на личните интереси, кои некогаш се затскриваат зад партиските интереси, над општите интереси. Личните интереси олицетворени во доживување на политиката/партиите како алатка за лична корист од вработување до збогатување

Можноста да се пишува и објави на Денот на независноста е можност за ретроспектива или перспектива за Македонија. Во десетгодишното пишување за „Нова Македонија“,двапати имав можност да пишувам за Денот на независноста „21-ви Ден на независноста“ во 2012 година и „30 години независна Македонија, и покрај сѐ!“ во минатата, 2021 година. Во 2012 година пишував за партиските делби и потребата политичарите да се вратат кон конструктивно решавање на проблемите или да се вратат кон политичкиот дијалог. Минатата, 2021 година, по повод 30 години независност, пишував за постигнувањата или непостигнувањата и корупцијата, како можеби најголем предизвик покрај соседите.
Со независна Македонија се оствари сонот за наша независна држава Македонија, сон на многу генерации Македонци. Но во пресекот во „30 години независна Македонија, и покрај сѐ!“, за жал, констатирам дека сонот за подобар живот не се исполнува. Во раст на БДП, невработеност, плати, во седумдесет години, од 1951 година до 2021 година, Македонија сѐ уште е само пред Косово, и тогаш и сега, а споредено со земјите од СФРЈ има најголемо назадување. Во 1992 година, Македонија имала споредлив БДП по жител со Летонија, Полска, Романија и Казахстан, кои сега имаат трипати повисоко ниво. А Албанија, Грузија и Туркменистан, кои тогаш имале трипати пониско, се изедначиле со нас. Сите овие земји имале раст од трипати, додека ние сме имале раст во тој период од 60 проценти.
Оваа споредба може и да не е фер, бидејќи иако сите овие земји се посткомунистички, некои се членки, а некои не се членки на ЕУ, сепак повеќето имаат излез на море или се богати со енергенти. Има одредени објективни оправдувања. Македонија во независноста помина тројна транзиција: од федерална единица во независна држава; од авторитарен систем во демократија и од планско стопанство во пазарна економија. Но тоа можеби не може да биде оправдување, бидејќи повеќето гореспоменати земји ги имаат поминато истите транзиции. Но ние ги преживеавме грчкото трговско ембарго во 1994/1995 година и 1999 година и над 300.000 бегалци од Косово, или околу 15 проценти од вкупната популација. И, да, имавме внатрешен конфликт во 2001 година. Нешто што го немаа Летонија и Романија, а го имаа некои од земјите на поранешна СФРЈ, кои заостануваат слично како нас. Во споредба со другите, веројатно ние, БиХ и Косово имаме соседи како Грција и Бугарија, кои нѐ оспоруваат, што, секако, го плаќаме со развојна цена. Да, плативме висока цена за нашето право да бидеме дел од независните нации, да бидеме дел од 193-те членки на Обединетите нации (ОН). Нашиот пат во независноста личи на „Најдолгиот пат“, но, и покрај сѐ, истрајуваме!
Постоењето на објективни оправдувања не значи дека не треба да го исчистиме сопствениот двор! Што е најголем предизвик што го загрозува развојот, што го загрозува подобриот живот? Во 2012 година посочувам на партиските делби што започнаа да ескалираат од 2009 година, кои станаа екстремни и кулминираа до степен што може(ше) да го загрози единството на нацијата. Свеста за единството, за заедништво, за припадност, за кохезија, е клучната состојка на нацијата, бидејќи нацијата и институциите почиваат на согласност на граѓаните. Една од битните причини зошто Македонија стекнува државност подоцна од соседите е делбата на револуционерното движење. Клучните успеси на Македонија кон државност, НОВ, АСНОМ, независноста, се темелат на заедништвото на левицата и десницата! Минатата, 2021 година, посочувам дека Македонија има уште еден проблем што го загрозува подобриот живот, повеќе отколку кај другите – корупцијата. И во тој показател трагично заостануваме и зад БиХ, Албанија и Косово. Корупцијата како синоним на невладеење на правото, корупција во врвот, хибриден кон авторитарен режим, патрон-клиентелистички систем што фаворизира послушност и неспособност наместо професионалност и компетентност.

Партиски делби или корупција, кој проблем е најголем предизвик? Навидум различните предизвици, всушност, се плодови на еден проблем во коренот ставање на личните интереси, кои некогаш се затскриваат зад партиските интереси, над општите интереси. Личните интереси олицетворени во доживување на политиката/партиите како алатка за лична корист од вработување до збогатување.
Личните интереси, пред сѐ, се коренот на неслободата, на заробеноста на политичките парии и политичкиот простор, на патрон-клиентелистички систем и авторитарниот режим. Тоа е коренот на селективно право и невладеење на правото. Тоа фаворизира кој фаворизира послушност и неспособност наместо професионалност и компетентност. Без професионалност и компетентност нема развој, нема подобар живот. Како е поврзано тоа со партиските делби и ескалирачката поларизација во општеството? Државата сѐ уште е значаен дел на македонската економија, капитални вложувања, набавки, вработувања. Доколку патрон-клиентелистичкиот систем регрутира послушни и неспособни, станува од животно значење дали партијата е на власт или во опозиција. Тоа ги јакне партиските делби. Се користи сѐ и сешто, и легитимно и нелегитимно, да се остане или дојде на власт! Поларизацијата расте, политички дијалог не постои, нема развој, нема прогрес! За илустрација, влада на ВМРО-ДПМНЕ носи одлука за нов клинички центар на местото на постојниот, влада на СДСМ го укинува тоа и решава да се гради во Ѓорче Петров. Сега, по неколку години, станува јасно дека ни таму нема да се гради. Ефектот на сето ова е дека нема клинички центар, нема нови автопатишта, нема нови енергетски објекти, нема развој, нема прогрес!
За да славиме и 40 и 50 години независност, за вековита Македонија, мора, мора да го исчистиме сопствениот двор!
***
Честит Ден на независноста! Да е вековита Македонија!

Авторот е аналитичар*
*Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични

Блог www.megjutoa.mk @sklek

The post Време за чистење на сопствениот двор appeared first on Нова Македонија.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.