„Новиот бран“, или кадровските промени во ВМРО-ДПМНЕ се еден од фокусите минатата недела. Тоа е мешавина на партиска реорганизација на ВМРО-ДПМНЕ, пред сè на ниво општински комитети и реорганизација на државни раководни функции. Помалку информации има за случувањата на општинско ниво каде најверојатно промените се поврзани со промена на раководствата со помалку постигнувања и подготовките за локалните избори во 2013 г. Првите промени на национално ниво се раководители што и до шест години ја вршат функцијата, и тоа, во основа, е ротација на кадри.
ВМРО-ДПМНЕ го комуницира „новиот бран“ како: постојана работа и надградување, учење од сопствените грешки, мобилизација, континуирани промени… Со тоа се нагласуваат политичката доктрина и програма, резултатите и отчетноста и подобрувањето на организацијата. Новина е апелот кон непартиските членови за заедничко дело или „прераснувањето во движење“. Меѓутоа, за СДСМ „новиот бран“ е „театар“ за спас на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ од неуспешните политики, а „наводните нови функционери, ќе бидат слепи послушници“ и идни „жртвени јагниња“. Една од критиките вели дека „новиот бран“ е клучен маркетиншки проект на власта во пресрет на локалните избори, кој треба го пресретне незадоволството и потребата од промени и на општествено-политичко ниво и на партиско ниво, но ќе има само минлив ефект, бидејќи е супституција на потребата од промена на политичкото лидерство и промена на неуспешните политики. Освртот понатаму е на раководните промени, а успешноста на политичкото лидерство и политиките е засебна целина која останува за друг коментар.
И доколку новиот бран е клучен маркетиншки проект, појдовна основа на секој маркетинг е производот, и тука ВМРО-ДПМНЕ има примарна цел да покаже дека имаат подобар производ, односно подобра кадровска политика. Или, како што самите велат, нивната цел е „да се биде подобар од конкурентите“, бидејќи успехот или квалитетот постојат само со споредба – со план, со временски период, со друга политика, партија, земја. ВМРО-ДПМНЕ сака да го насочи вниманието во споредба на кадровската политика, својата и таа на ривалот- СДСМ. „Новиот бран“ следува по „Приклучи се ѝ ти“- формирањето на партиските совети на СДСМ кон крајот на 2011 г. Што покажува споредбата. Двете партии направија слични чекори и ги привршуваат процесите на враќањето на поранешни членови. ВМРО-ДПМНЕ е повклучителен – има простор и за поранешните ривали на нивниот лидер, а во СДСМ само за „вистинските социјал-демократи“. Наспроти враќањето на поранешните членови, ВМРО-ДПМНЕ со „новиот бран“ ќе се стреми јасно да ја направи разликата – на нови, модерни, отчетни, мобилни раководители, како и капацитетот да направи значајни кадровски промени наспроти неуспехот на СДСМ да го направи тоа во претходните три претседателства.