Новиот бран – промена или трик

„Новиот бран“, или кадровските промени во ВМРО-ДПМНЕ се еден од фокусите минатата недела. Тоа е мешавина на партиска реорганизација на ВМРО-ДПМНЕ, пред сè на ниво општински комитети и  реорганизација на државни раководни функции. Помалку информации има за случувањата на општинско ниво каде најверојатно промените се поврзани со промена  на раководствата со помалку постигнувања и подготовките за локалните избори во 2013 г. Првите промени на национално ниво се  раководители што и до шест години ја вршат функцијата, и тоа, во основа, е ротација на кадри.

ВМРО-ДПМНЕ  го комуницира „новиот бран“ како: постојана работа и надградување, учење од сопствените грешки, мобилизација, континуирани промени… Со тоа се  нагласуваат политичката доктрина и програма, резултатите и отчетноста и подобрувањето на организацијата. Новина е апелот кон непартиските членови за заедничко дело или „прераснувањето во движење“.  Меѓутоа, за СДСМ  „новиот бран“ е „театар“ за спас на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ од неуспешните политики, а „наводните нови функционери, ќе бидат слепи послушници“ и идни „жртвени јагниња“. Една од критиките  вели дека „новиот бран“ е клучен маркетиншки проект на власта во пресрет на локалните избори, кој треба го пресретне незадоволството и потребата од промени и на општествено-политичко ниво и на партиско ниво, но ќе има само минлив ефект, бидејќи е супституција на потребата од промена на политичкото лидерство и промена на неуспешните политики. Освртот понатаму е на раководните промени, а успешноста на политичкото лидерство и политиките е засебна целина која останува за друг коментар.

Профилот на мојот пратеникИ доколку новиот бран е клучен маркетиншки проект, појдовна основа на секој маркетинг е производот, и тука ВМРО-ДПМНЕ има примарна цел да покаже дека имаат подобар производ, односно подобра кадровска политика.  Или, како што самите велат, нивната цел е „да се биде подобар од конкурентите“, бидејќи успехот или квалитетот постојат само со споредба – со план, со временски период, со друга политика, партија, земја. ВМРО-ДПМНЕ сака да го насочи вниманието во споредба на кадровската политика, својата и таа на ривалот- СДСМ.  „Новиот бран“ следува по „Приклучи се ѝ ти“- формирањето на партиските совети на СДСМ кон крајот на 2011 г. Што покажува споредбата. Двете партии направија слични чекори и ги привршуваат процесите на враќањето на поранешни членови. ВМРО-ДПМНЕ е повклучителен – има простор и за поранешните ривали на нивниот лидер, а во СДСМ само за „вистинските социјал-демократи“.  Наспроти враќањето на поранешните членови,  ВМРО-ДПМНЕ со „новиот бран“ ќе се стреми јасно да ја направи разликата – на нови, модерни, отчетни, мобилни раководители, како и капацитетот да направи значајни кадровски промени наспроти неуспехот на СДСМ да го направи тоа во претходните три претседателства.

Секако, и за двете партии суштински е привлекувањето „независни“ или неопределени гласачи кои изнесуваат високи од 31% до 54% од гласачите. За привлекување на независните, ВМРО-ДПМНЕ најавува „прераснување во движење“. Тоа не е докрај јасен чекор, посебно во моменти кога партијата има модерна организација и кога преку изборната коалиција има голем капацитет на мобилизација надвор од своите редови. Тоа што е потребно е ВМРО-ДПМНЕ јасно да ги разграничи партиските и државните функции (и избори), а не прераснување во движење. Чувствувајќи ја заканата на нови „конвертити“ („луѓе кои ја смениле својата вера“), СДСМ им се закани на сите кои ќе се осмелат да одговорат на повикот на ВМРО-ДПМНЕ – дека ќе бидат „слепи послушници“. Или за други ќе бидат „нови соучесници“. Слично како што во 2009 г. го осудија „Демос“ , или претходно, кога во 2001 г. го исклучија г. Нано Ружин од членство во партијата. Критиките имаа поента кога на пример се реагираше на изборот на неискусни и партиски кадри за амбасадори, но нема поента и во спротивниот случај кога се избираат искусни и компетентни кадри кои  не се членови на ВМРО-ДПМНЕ.

И покрај веќе познатиот интензитет на партиски активности на ВМРО-ДПМНЕ како во предизборна кампања, опфатот на кадровските промените ги пресретнуваат шпекулациите за предвремени парламентарни избори кон крајот на оваа година, бидејќи е мала веројатноста ВМРО-ДПМНЕ да се одлучи за големи кадровски промени на неколку месеци пред избори. Следното мерење на силите ќе бидат локалните избори во 2013 г., каде што локалната кадровска политика ќе има големо влијание. И тука ВМРО-ДПМНЕ има одредена кадровска предност. Во Скопје, по неколку градоначалнички мандати на коалициски кандидати или независни кандидати, избран е градоначалник од редот на ВМРО-ДПМНЕ – г. Коце Трајановски, кој е јасен кандидат и на следните избори за градоначалник. СДСМ пак не успеа во тоа претходно, а и сега се уште  нема јасен кандидат за таа функција. Како што покажува минатото и кај нас и во регионот, Скопје, како главен град, е предвесник на промената на националната власт. Затоа новите кадровски промени на ВМРО-ДПМНЕ и одговорот на СДСМ, на пример со (не)промоцијата на кандидат за градоначалник на Скопје, час поскоро, можат да имаат не само минливо влијание на политичките процеси во земјата.

ПС. Честит 1 мај – ден на трудот

* Објавено во Нова Македонија на 30.04.2012

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=43012910315&id=13&prilog=0&setIzdanie=22568

4 thoughts on “Новиот бран – промена или трик”

  1. Почитуван Госп. Клековски,
    Внимателно ја прочитав Вашата колумна. Не требаат големи анализи за да се почувствува Вашата партиска наклонетост, но тоа е Ваше право и ваше гледање на работите сврзани со промените во ВМРО-ДПМНЕ и реакциите на опозицијата.
    Јас сум партиски неопределен. Како јас гледам на овие најнови случувања на мак.политичка сцена.
    ВМРО-ДПМНЕ има право, на основа своите анализи за успешноста во работењето на своите раководни кадри, да врши определени кадровски промени.Ќе бидат ли успешни или не, тоа ќе го покаже иднината, но во секој случај ризикот од неуспех или пак успех од овие промени ќе го има партијата.
    Затоа не се осмелувам да ги коментирам овие потези на владеачката партија верувајќи дека тие знаат што прават.
    Што се однесува до опозицијата.
    Па Госп. Клековски, која е улогата на опозицијата?
    Нормално, да ја критикува позицијата за секој чекор што таа го превзема. Затоа и во овој случај опозицијата вака реагира и тоа не треба да прави нервозен никого.
    Иднината ќе покаже кој е во право. А ние, па на нас ни останува само да чекаме.
    Со почит
    Перо Чиракот

    Одговори
    • Почитуван Перо Чирак,

      Секој човек има политичка определеност, во смисла на филозофски, вредносни и слични уверувања. Така имам и јас, верувам и имате и Вие.
      Да, јас сум политички определен, но тоа не значи и партиска определеност. На пример на последните неколку избори имаам гласано за различни опции врз основа на понудениот избор и зададениот контекст.
      Во однос на опозицијата. Јас верувам во конструктивна критика, а не во критизерство. Како што пишувам во ред е критиката на избор на одредена функција на кандидати без искуство/компетентност и со партиско членство. Но не може да се критикуваат и обратните случаи. На пример. Г. Лазе Еленовски, претседател на Евро-атлантскиот клуб, поранешен министер за одбрана е одличен кандидат за амбасадор во НАТО, случно како и претходно, г. Нано Ружин.

      Со почит

      Одговори
  2. Почитуван Госп. Клековски,
    Политичка определеност во смисол лева или десна опција , по мое мислење, може да постои во богати општества. Кај нас се случуваат постојано обратни потези. Лево ориентираните партии бркаат од работа, затвораа фабрики, ги создадоа најголемите олигарси (ама за без пари)… а десните се борат за социјала и сл. По мое мислење, кај нас се глуми лево – десно.
    Што се нодесува за кандидатите за кој пишувате, мојот коментар е:no comment. Моето мислење ќе си го зачувам за себе (и двете личности кои ги споменувате јас ги познавам лично), а ги познавам и новопредложените кандидати.
    Убаво е човек да има надеж за подобро, и сега го користам насловот од блогов МЕЃУТОА…

    Одговори

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.