„На Македонија и се потребни добри меѓуетнички односи,
а без членство во НАТО и ЕУ ќе ѝ бидат потребни уште подобри“ – Ларс Валунд
На 12 април 2012 г. и во деновите по тоа Македонија ја шокира петкратното убиство или „дело кое е најсериозно со кое МВР се има соочено“. Со анализа на петкратното убиство може да се заклучи дека тоа е терористички напад и можат да се воспостават претпоставки за можните мотиви и со тоа за можните организатори.
Петкратното убиство во Смилковци ги има потребните елементи за да може да биде квалификувано како терористички напад. Повеќето дефиниции на тероризам неминовно вклучуваат: политички цели и мотиви; насилство или закана со насилство за поттикнување на страв; насилство и уништување на неборбени цели (цивили); планирани за далекосежни психолошки последици поголеми од непосредните жртви, вклучувајќи и преку експлоатација на медиумите ; организирана или тајна група во позадина на актот. Во петкратното убиство се исполнети сите елементи: жртвите се неборбени цели со посебно значење (млади – матуранти); психолошките ефекти на страв се зголемени со изборот на локацијата (етнички мешано подрачје) и времето (Велики четврток); експлоатирани се медиумите, особено од една соседна земја; нивото на организираност укажува на група и целосно јасни се и политичките цели – нарушување на меѓуетничките односи како столб на политичкиот систем и безбедноста на Македонија.
Политичките цели на петкратното убиство во Смилковци се клучни во дефинирањето на актот како терористички. Секако е потешко да се одредат целите доколку никој не ја презема одговорноста за извршениот терористички акт, што во поновата историја на Македонија е вообичаен случај со насилството врз неборбени цели, пример случајот Бриони. Непреземањето одговорност за терор врз цивили е и поради фактот што јавноста во Македонија не го оправдува тероризмот и не оправдува насилство за постигнување на идеолошки цели (96,4% од граѓаните).
На Македонија не ѝ е првпат да се соочува со терористички напади во клучни политички периоди. Како на пример, атентатот врз претседателот, г. Глигоров. Една од посериозните терористички кампањи по 2001-та е во периодот околу парламентарните избори во септември 2002-та, исто така пресвртен политички период. Серијата терористички напади кулминираа со убиствата на полицајците Александар Николиќ и Даил Јанковски во Гостивар на 26 август 2002 г. и на Фикри Елмази во селото Боговиње на 12 септември 2002 г., како и убиството на Ванчо Јосифовски на 19 октомври 2002 г. во Тетово. Повеќето случаи останаа нерасветлени. За еден од нападите одговорност ја презеде Албанска национална армија (АНА). И тогаш постоела дилема: повеќето политички чинители ги оцениле како терористички акти со политички цели, а дел од меѓународната заедница ги оценила како криминални акти без политичка позадина.
И сега се спореа ставови дали актот е дело на политички екстремизам или на организиран криминал. Тоа е нереална дилема бидејќи политичкиот екстремизам и организираниот криминал се комплементарни и синергистички актери: политичките екстремисти имаат потреба од финансии често од криминални извори (трговија со луѓе, уцени, рекет, киднапирања), а организираниот криминал има потреба од политички хаос кој би го одвлекувал вниманието на властите од криминалот . Така било и во Македонија во некои минати периоди. Соодветно и доколку извршителите се членови на организиран криминал, сè уште целите се политички.
Постојат одредени елементи во петкратното убиство во Смилковци кои се слични со претходни случаи. Локацијата на убиството е падините на Скопска црна гора, на меѓуетнички осетлива околина во која се случи битката во Арачиново, нападот кај Љуботенски бачила, случајот Љуботен во 2001 г. како и случајот Раштански лозја во 2002 г. Повеќето жртви се матуранти во моменти на рекреација, како во случајот на убиството на Ванчо Јосифовски. Како и во 2002 г., и сега се јавува со закани непозната организација АЧТОШ, со седиште во Митровица (!?).
Ваквите сличности всушност се потврда на политичките цели на нападот. Асоцијативните елементи треба да го поврзат актот со екстремни етнички Албанци, што би предизвикало меѓуетнички тензии и судири. Но од петкратното убиство во Смилковци се оградија и го осудија сите релевантни политички и општествени чинители на етничките Албанци во Македонија, како и тие во Косово и Албанија. Секако и без разлика на припадноста – државна, политичка, етничка, верска на извршителите, дури и на организаторите – терористите се само криминалци и вината мора да остане индивидуална и не смее да се проектира на колективно-групно ниво.
Не потценувајќи ги терористички акти во минатото, како и фактот дека според САД во Македонија има 11 лица кои помагаат и поддржуваат екстремно насилство, вклучувајќи лидери на политички партии, тешко е да се прифати дека севкупната организација на петкратното убиство во Смилковци е домашна. Многу е веројатно дека постојат домашни помагачи, но тешко дека е таков терористички напад осуден од сите релевантни општествени и политички чинители во Македонија би бил извршен од домашна маргинална група, без поддршка од регионални или светски чинители. Сериозно треба да се разгледаат можностите за поддршка од странство, пред сè на тие земји кои би имале добивки од меѓуетнички конфликт и нарушена безбедност во Македонија, што би ја оддалечиле Македонија од членството во НАТО, наспроти Самитот на НАТО во Чикаго. Доколку тие претпоставки се точни Македонија треба да се подготви и да превенира состојби и настани кои ќе водат во меѓуетнички тензии и судири. Како што изјави Ларс Валунд, Амбасадор на Шведска, за 10 г. од Охридскиот рамковен договор „На Македонија и се потребни добри меѓуетнички односи, а без членство во НАТО и ЕУ ќе ѝ бидат потребни уште подобри“.
* Објавено во Нова Македонија на 23.04.2012
http://novamakedonija.mk/NewsDetal.asp?vest=42312849271&id=13&prilog=0&setIzdanie=22562
** Фотографијата е преземена од Нова Македонија