Сашо Клековски, аналитичар, пораснал во скопската населба Автокоманда, во мал стан во кој што живееле две генерации.
„Во тој период Автокоманда беше маало на Егејци. Сите мои комшии беа Егејци. Растев дома, бидејќи не сакав во градинка. Тоа беше моето прво одбивање на авторитет. Во градинка одбив да јадам салама и добив ќотек од воспитувачката…“, раскажува Клековски, кој и самиот има потекло од Егејска Македонија, по татко му, кој е родум од леринско.
Неговата мајка Убавка, работела во „Комерцијална банка“, а татко му Панде во „Електро Скопје“ (ЕСМ).
„Од денешна перспектива се восхитувам како моите родители и покрај многубројните обврски успееа добро да ме воспитат и насочат.“
Дедо му Тасе (од страната на татко му) бил парализиран и се движел со количка.
„Уште од мал станав осетлив за ранливите групи. И покрај тоа што беше во количка, дедо ми излегуваше надвор и си ги извршуваше сите обврски. И баба ми Роса и дедо ми беа големи борци и се грижеа нивните две деца да можат да се образуваат. Од тоа сфатив дека единствено со вложување во образование можеш да оствариш одржлива социјална промена“.
Баба му Анѓа и дедо му Апостол, од страната на мајка му живееле во Гостивар.
„Тие имаа мала фарма со кокошки, мисирки и куче. Одењето кај нив ми беше интересна можност да запознаам и друг начин на живеење. Сите овие искувства од детството, постојаното среќавање со различноста придонесоа да го осознаам повеќекратниот плурализам во едноумието…“.