Кој пали оган во балканското буре барут? 09.02.2017 Автор: Сашо Клековски, Нема коментари

Минатата година повеќе западни претставници и експерти предупредува дека Балканот е дел од новата геополитичка трка помеѓу Русија и Западот. Џон Кери, шефот на американската дипломатија предупреди дека повеќе балкански земји, меѓу кои и Македонија, се „на линијата на огнот“, кога станува збор за односите помеѓу Москва и Вашингтон. Потоа кон крајот на годината се објавија делови од НАТО документ за Балканот според кој е НАТО е подготвен да интервенира во регионот за да спречи меѓуетнички конфликт. Според НАТО двете закани за Балканот се дестабилизирачки активности на Русија и повратниците од војните на Исламската држава. Руската дестабилизација вклучува политички пораки, изградба на врски со припадниците на елитите, како и инвестиции во енергетскиот и медиумскиот сектор. Земајќи ги во предвид руските активности во клучни земји на Западот, вклучувајќи ги САД, Франција, Германија, ваквите предупредувања звучеа веродостојно. Веродостојноста се зголеми кога при крајот на минатата година на претседателските избори во Молдавија и Бугарија победија отворено проруски кандидати.

Коментирајќи ја 2016 година и прогнозирајќи ја 2017 година, се осврнав на можната геостратешка конфузија во регионот, кон која покрај руска одлучност и асертивност и крајот на турскиот демократски експеримент и растот на Ердогановата авторитарност, придонесува и очекуваната британска преокупираност со брегзитот, Трамповиот американски изолационизам или нов американски унилатерализам и тешката изборна година во ЕУ (Холандија, Франција, Италија, Германија). Или со отсутна Америка, слаба Меркел и ЕУ, јак Путин и Русија, и присутен Ердоган и Турција, постои голема веројатност за јакнење на авторитарните трендови во регионот со јасно вртење кон национализмот како алатка за владеење.

Домашниот терен е подготвен, регионалните политичари почнаа да ги обновуваат старите кавги, од баналните ситуации како српски чоколади во хрватски претседателски пакетчиња, до посериозните закани како референдумот во Република Српска.

И полека почна да станува јасно дека изјавата на Кери за Балканот на „линијата на огинот“ не е само празни зборови на политичар во заминување, туку треба да се земе во обѕир многу сериозно. Посебно што „линијата на огинот“ поминува низ Балканот и Македонија, „балканското буре барут“. Кон крајот на декември 2016 година беше промовиран наводен руски план „Б4“ – со кој Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија би биле воено-неутрални, односно би останале надвор од НАТО, а би можеле да се придружат кон ЕУ. И до неодамна беше едноставно да се обвинат Русите како потпалувачи.

Но кон крајот на декември 2016 година, американскиот „Форин афеирс“ објави мислење „Дисфункција на Балканот – дали пост-југословенското решение може да опстане?“. Авторот е Тимоти Лес, e поранешен британски дипломат во Балканот, кој службувал во Бања Лука, а го посетувал и Скопје пред десетина години, сегашен директор на „Нова Европа“ консултантска фирма за анализа на политички ризик и истражувач на Форумот за геополитика на Универзитетот во Кембриџ. И часопис и автор кои заслужуваат внимание. Накратко Тимоти Лес предлага Западот, да го напушти мултикултурниот концепт и да да ги признае легитимните етнички барања за промена на границите на Балканот. За нас, во Македонија, тоа значи барање да САД и ЕУ, гарантите на Охридскиот рамковен договор, го напуштат начелото „нема територијални решенија за етнички прашања“.

Деновиве стана актуелно интервјуто на Дејна Рорабакер, републикански конгресмен, за албанска телевизија, според кого Македонија не држава (м.з. поради антагонизмот на етничките Македонци и Албанци) и треба да се подели меѓу соседите, односно етничките Албанци да се припојат кон Косово (или Албанија), а етничките Македонци кон Бугарија или која страна ќе ја изберат. Дејна Рорабакер е само еден од многуте конгресмени, кои може да застапуваат лични, често и чудни идеи и интереси, но од друга страна е член на комитетот за надворешни работи и беше спомнуван како можен избор на Трамп за секретар на државата. Неговата изјава доби одглас и во регионалните медиуми и предизвика многубројни реакции во новите медиуми. И додека некои укажуваа дека Дејна Рорабакер е еден од првите поддржувачи на УЧК, други повикувајќи се на „Политико“ тврдат дека Рорабакер е омилениот Путинов конгресмен.

Тоа не навраќа на изјавата на Сергеј Лавров од мај 2015 година, кој коментирајќи ја политичката криза во Македонија, како обид да се дестабилизира власта поради Јужен поток и одбивањето да воведе санкции кон Русија, вели дека е тажно и опасно да се игра на карта на влошување на меѓуетничките односи, и да се отвора темата федерализација на Македонија, дури „и да се подели земјата меѓу Албанија и Бугарија“. Лавров не кажува кој е тој некој што сака да ја подели Македонија, но имплицитно посочува на Западот. Изјавите на Лавров, Даниел Митов, тогаш министер за надворешни работи на Бугарија, ги оценува како крајно неодговорни и во службена изјава вели дека „Бугарија ќе продолжи да биде гарант за независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија и во тоа не може да има никакво сомневање“. Лавров тогаш не кажува кој е тој некој што сака да ја подели Македонија, но имплицитно посочува на Западот. Иако тоа звучи и како одлична можност за руска дестабилизација на Балканот. Секоја расправа за територијални решенија на етнички прашања (федерализација, поделба) ќе го запали балканското буре барут. Тие што мислат дека геостратегија се менува и граници се создават без војна нека ги погледнат примерите на двете нови држави Јужен Судан и Истечен Тимор кои се резултат на повеќедецениски војни, или пак скорешниот пример на војната во Украина.

Секако дека територијалниот интегритет на Македонија, вклучувајќи и дека неменување на границите е камен темелник на мирот во Европа, не е и нема да биде загрозен од изјави на неколкумина. Сепак, да не испадне од играчка плачка, Македонија, граѓаните и елитите, треба да го следат прашањето со поголема будност.

Be Sociable, Share!
 

Објави коментар

Име (задолжително)

E-пошта (нема да биде објавена) (задолжително)

Вебсајт