Минатата недела редовната посета на Штефан Филе, еврокомесарот за проширување, предизвика редица нa реакции. Се редеа написи: „Брисел повторно бара алиби за да ги одложи преговорите“, „Македонија пак ги заплетка евробирократите“, „Никој нема идеални добрососедски односи“, „Имаме ли друга опција освен евроболшевизмот“. Реакциите следуваа на спомнувањето на добрососедските односи, како, во досега познат контекст со Грција, првпат и со Бугарија. Што е тоа што толку нè погодува што за краток период му се посветија толку насловни страници и коментари? Чувството на оспорување, добрососедските односи или Бугарија, или сè заедно?
Македонија е заробена во чувството на загрозеност или општествената (социетална) безбедност: „способноста на општеството да истрае во својот есенцијален карактер во променливи услови и можни или актуелни закани“. На тоа, од различни агли, досега се навратив двапати и тоа во „Мултикултурата – проклетство или богатство“ и „За кого работи времето“.
Во Македонија истрајуваме веќе долго време. Не говорам само за нашите „предци, за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Македонија“ , ниту само за Илинденското востание или Народноослободителната војна, туку и за сегашните генерации. Македонија овие 21 година независност помина тројна транзиција: од федерална единица во независна држава; од авторитарен систем во демократија и од планско стопанство во пазарна економија. И сето тоа под постојани блокади од Грција, со чувство на непринципиелна поддршка на САД и ЕУ, до сомневање дека „Брисел сè уште не успева да се помири со фактот дека Македонија и Македонците постојат“.
Но „македонскиот народ е посилен од секоја сила и има докажан нагон за самоодржување“. Ние веќе плативме висока цена за нашето право да бидеме дел од независните нации, да бидеме дел од 193-те членки на Обединетите нации (ОН). Нашиот пат во независноста, почнува да личи на „Најдолгиот пат“. И сè до тука е така! Но не смееме да западнеме во стапицата на жртва – само нам ни е најтешко!


