Не било летото работно, туку есента… Се редат настан по настан, од отворање на расправата за семејството и наталитетот, преку ЛБГТИ-инцидент, бранителите и повеќе други, до големиот митинг на здружената опозиција. Големиот митинг го коментирав на „24 Анализа“ на 29 октомври и дел од тоа преточувам во пишан коментар. Истовремено се надоврзувам на мојот коментар „Нов бран: промена или трик“ од 30 април. Тогаш напишав дека Скопје, како главен град, е предвесник на промената на националната власт. Исто така тврдев дека ВМРО-ДПМНЕ има одредена кадровска предност, бидејќи во Скопје, по неколку градоначалнички мандати на коалициски кандидати или независни кандидати, избран е градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ – Коце Трајановски, кој е јасен кандидат и на следните избори за градоначалник. Сметав дека СДСМ треба што поскоро да промовира кандидат за градоначалник на Скопје.
И се случи, СДСМ, односно здружената опозиција, ги објави своите осум кандидати за Скопје, на големиот митинг. Навреме за да може кандидатот(те) на СДСМ во Скопје да се претстават наспроти (кандидатите за) градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ. Но по сè изгледа само тоа е добро направено.
Претставувањето на кандидатите во Скопје се направи на голем митинг. Бидејќи политичарите ги практикуваат митинзите за политичка мобилизација сигурно сметаат дека се добар метод. Но за мене барем за Скопје, големите митинзи се спорни, а чинат многу. Јас самиот го изгубив интересот за партиски митинзи од 1998 г., а сметам дека и кај повеќето жители на Скопје ефектите на митинзите се минимални. Последните години сите партиски митинзи во Скопје во основа се национални митинзи со големо учество на граѓани од други градови. Но митинзите ги сметам несоодветни за левичарска опозиција, посебно претставени како „најголем митинг во историјата“. За мене тоа е речник на популизам и на машко-доминатна или „мачо“ култура, за кои опозицијата ги обвинува партиите на власт.
Опозицискиот тим од осуммина има една суперѕвезда – Стевче Јакимовски, а на интернет можев да ги најдам биографиите уште на двајца кандидати Јани Макрадули и Андреј Жерновски и три реченици за Борче Стефановски. Тоа не значи дека кандидатите се лоши, туку дека се релативно непознати. Лично го познавам Диме Велковски, кандидатот за Аеродром, и сметам дека е добра личност и професионалец, но релативно непознат во јавноста. Ќе биде голем предизвик и вложување во следните пет месеци да стане видлив покрај Ивица Конески, сегашниот градоначалникот на Аеродром.
Како можам да тврдам дека во осумтемина има една суперѕвезда? Зар Јани Макрадули и Андреј Жерновски не се ѕвезди? Да, тие се ѕвезди, но во собранието, во националната политика. Една од грешките што се прават во политиката е неразбирањето дека различните форми на капитал – познавање, позитивно мислење за луѓето, не може да се трансформираат од едно подрачје во друго подрачје во истоветен – еднаков обем. Да поедноставам, капиталот на Јани Макрадули, или на Антонио Милошевски, во националната политика не може да се претече во ист таков капитал во локалната политика, бидејќи граѓаните на локални избори ќе избираат кандидат за кој мислат дека најдобро ќе ја раководи нивната општина и ќе ги решава нивните локални проблеми. Затоа граѓаните на Карпош во 2009 г. избраа две различни опции: Коце Трајановски за Скопје и Стевче Јакимовски за Карпош.
За мене тоа е главниот недостаток на Јани Макрадули. Дополнително, Јани Макрадули, со својот изграден имиџ во Собранието е одличен кандидат за мобилизација на симпатизерите на СДСМ, но недоволно умерен за привлекување на независните гласачи – гласачите кои ќе ги одлучат изборите во Скопје. И без да бидам разбран како локалпатриот, бидејќи и моите корени не се скопски, Јани Макрадули негуваше перцепција на политичар чија база е Битола, а не Скопје. Коце Трајановски можеби не е „скопска фаца“, ама е барем од Скопје со политичка кариера базирана во Гази Баба и Скопје. Најмалку четири од осум кандидати на СДСМ не се од Скопје и само Андреј Жерновски се пофали со неговото скопско потекло. Споредно прашање, но ова се локални избори.
Или не се!? Иако митингот во Скопје беше најавен како претставување на кандидатите во Скопје, дали некој се сеќава на осумте кандидати или целото внимание е на пораките на Бранко Црвенковски, лидерот на СДСМ, за предвремени избори и референдум за името. За локалните избори во Скопје, како момент на можен политички пресврт, имаше очекувања за кандидирање на најдоброто од СДСМ. Јас лично сметав дека тоа ќе биде Стевче Јакимовски, ако не најдобар, еден од најдобрите и најпопуларните градоначалници во Македонија. Или Андреј Петров, поранешен градоначалник на Карпош и поранешен претседател на ЗЕЛС. Но кога весниците почнаа да информираат за независен експерт кака кандидат, ми стана јасно дека СДСМ нема кандидат. Слично беше пред минатите предвремени избори, кога се шпекулираше со имиња на познати бизнисмени за премиери. И дека и тогаш и сега СДСМ немаше кандидат и настапува со условно речено изнуден кандидат.
Таква перцепција за кандидатурата на Јани Макрадули, имаа и критичките про-опозициски и независните коментатори како Горан Михајловски. Согледувајќи го не баш поволниот одек за Скопје, на Бранко Црвенковски му преостана само еден излез, да го сврте вниманието од локалните избори и да ја побара својата последна шанса во едно „катаклизма-сценарио“ и повторување на „15 септември“. Јасно е дека СДСМ со изгубено Скопје, не ќе може да ги прогласи локалните избори за добиени. Тоа ќе биде најверојатно крај на политичката кариера на Бранко Црвенковски. Затоа се зголемува влогот од локални избори, плус предвремени парламентарни избори, плус референдум и од вчера плус нов изборен законик или „улица“. Се зголемува влогот на „сè или ништо“.
Легитимно е да политичарите изберат стратегии и тактики кои ќе ги доведат до предност пред нивните политички ривали. Легитимно е да се процени моментот за барање или одбивање на предвремени избори или нов изборен законик. Но тоа бара и поголема политичка одговорност. Бранко Црвенковски и СДСМ со претходниот став за „маж кој ќе го смени името“ и пораката од митингот – всушност го оневозможуваат компромисот со Грција, кој го бараат, ја бетонираат позицијата за името и ги блокираат евро-атлантските интеграции. ВМРО-ДПМНЕ со одбивањето на предлозите на изборниот законик во истиот ден кога се поднесени од СДСМ (кога стигнаа да ги прочитaат и изградат став?) демонстрира непродуктивна цврстина. Сите да ја намалат непотребната напнатост, за да не се блокираат политички процеси.