Во почетокот на овој месец со коментарот „(Не)знаеме колку (не)знаеме“ го започнав моето коментирање на човечкиот капитал како дел од пошироката тема за митот на националните богатства на Македонија. Како што укажува насловот од минатиот коментар, ние живееме со мит за „одлични деца“, а подигнуваме онеспособени генерации. Отсега, ќе коментирам можни решенија.
Првиот чекор во секое решение е признавање на проблемот. Македонија не е земја со образовани граѓани! Нашиот образовен систем не произведува ниту бројност ниту квалитет што е потребен. Нагласувањето на проблемот не е поради пристапот „ништо не чини“, туку без признание за проблемот не можеме да пристапиме кон решение или докторски: „дури не признаеш дека си болен не можеш да бараш лек“. Е тука е првиот проблем: како да си признаеме дека сме необразовани! Дури и Владата која презема соодветни решенија, одбегнува јавна комуникација со јасна порака: луѓе, необразовани сме!
Откако ќе постигнеме јавна свест за проблемот, може да се пристапи кон решенија за образовната структура и квалитетот, кои може да бидат општи и специјални решенија. Добар дел од нив веќе се дел од Владината програма и се спроведуваат, но дел ќе повторам, нагласам или дополнам за градење на јасна слика.
Неповолната образовна структура (50% со основно или без образование), треба да се промени со задолжителното средно образование воведено во 2008 г., веројатно најзначајниот проект на оваа Влада, и со проширување на можностите за студирање. Тоа на долги патеки, до 2025 г., треба да обезбеди во возрасната група од 25-30 г. сите имаат најмалку средно училиште! Тоа треба да нè приближи кон тоа што Словенија или Полска го имаат сега веќе постигнато. Во последните години вклучувањето во високо образование е исклучително високо. Тоа е добро за постигнување на ЕУ 2020 целта за 40% млади вклучени во високото образование. Од друга страна високите уписи на факултет може да доведе до хиперпродукција на кадри со високо образование и до недостиг од кадри за занимања за кои е потребна средна стручна спрема или до состојба кога „кога шрафцигерот вреди повеќе од индексот“. Тоа доведува и до „арчење на памет“ (brainwaste), за илустрација тоа е кога на банкарски шалтер наместо некој со средноекономско се вработува дипломиран економист. Затоа ни треба баланс меѓу вклучувањето во средно и високо образование. И ако во вклучувањето во средно и високо образование бележиме напредок, во вклучувањето во предучилишно образование, и покрај воведувањето на деветолетката, бележиме значително заостанување – во 2008 г. 90% од 4-годишните деца во ЕУ 27 биле вклучени во предучилишно (или основно) образование наспроти околу 20% во Македонија. Можеби нашиот традиционален систем на „баби-дадилки“, без навреда за огромниот придонес на нашите супербаби, создава почетен и битен хендикеп во натамошниот систем на образование. Затоа треба многу поголемо внимание кон вложувања во предучилишното образование. Патем тоа е дел од решението и за проблемот на наталитетот на кој толку инсистира Владата во последно време.
На страната на квалитетот решенијата се во: наставните програми, учителите, условите за учење (училиштата) и домашната поддршка за учење / ученичката мотивација. Како што веќе напишав претходно постои напредок во наведените подрачја, а тој е забележан и во извештајот на ЕУ. Тоа што е потребно сега е посветеност и поддршка, учителите да се придржуваат кон електронскиот дневник, ние родителите да ја поддржиме државната матура. Сега е потребна поинаква работна и образовна етика. И во однос на квалитетот уште една работа што може МОН да ја направи. Како што имаме рангирање на универзитетите, да се направи рангирање на средните училишта. За почеток може рангирањето да биде според успехот на државната матура, посебно за гимназии посебно за стручни училишта.
Надвор од општите мерки потребни се специјални или специфични мерки за постигнување на еднаквост во образованието, за образование кое го поддржува стратешкиот развој на земјата, новата образовна и работна култура и етика, зголемено финансирање и секако за предизвикот на иднината за новите стандарди за „писменост“. Сега и тука само за образованието во поддршка на стратешкиот развој на земјата.
Наш општ проблем е дека сакаме да бидеме добри во сè, при што пропуштаме одлука во што ќе бидеме одлични – по што Македонија ќе биде препознаена. Ако може да ја сумирам сегашната Владина стратегија, стратешки сектори се земјоделство, туризам, ИТ, како и повторна реиндустријализација на земјава изразена пред се преку металската-машинската и авто-индустријата и Бунарџик како нејзин симбол.
радежништвото е привремен економски и социјален буфер. Како нашето образование ја поддржува таквата стратегија за развој, на пример како ја поддржува ИТ и машинската индустрија. Според последните споредбени податоци од 2008 г. на Македонија со просекот на ЕУ 27 има помалку студенти во природни науки и математика, како и во инженерство, технологија и градежништво. Заклучокот е дека високото образование не ги следи потребите за стратешки развој. Решение, формиран е Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Павле“ во Охрид, како и ФИНКИ – Факултет за информатички науки и компјутерско инжинерство во Скопје. Доволно? Не, бидејќи повеќето ИТ фирми се соочуваат со недостаток на кадри. Што е тогаш проблемот? Нови факулети не се доволни – море да погледнеме еден чекор претходно.
За зголемен интерес за наведените професии потребни ни се престижни средни стручни училишта, потребно ни е престижно електро-машинско училиште. И уште еден чекор претходно потребна ни се јаки природни науки и математика во основно училиште. И уште еден чекор претходно, потребни ни се деца од кои очекуваме имагинација, а не послушност. И потребни ни се јаки учители по математика и по ИТ. Ако децата не научат математика и ИТ на почеток, џабе ни се факултетите. За тоа треба да се врати престижот (и вреднувањето) на учителската професија. Секако и престижот и вреднувањето на инженерите, технолозите, на мајсторите. И се враќам на потребата од нова образовна и работна култура и етика.
Колку убаво кажено. Ох… според бројот на споделувања гледам колку луѓето се согласуваат со сето ова :(
Штета :( Голема штета. Ова вреди 2 милиони лајкови, како цела Македонија