За крај на годината, нема коментар за сумирање на годината, темата за денешниов коментар се наметна. Темата се наметна, а се мислев за насловот помеѓу овој и „ММЕ кој прв почна“, „Враќање во иднината“… Пред се, длабоко жалење за трите повредени пратеници и за 18 повредени граѓани на 24 декември. Насилство не може да се оправда ниту со една политичка цел. За среќа, Скопје 2012 не беше повторување на Тирана 2011 година, кога погинаа три луѓе. Затоа сега ќе ги коментирам случувањата во Собранието, а за пред Собранието, само еден коментар, дека во рамките на очекуваното, „нашите“ доброволно, спонтано се собраа, а „другите“-„туѓите“, беа дојдени по наредба, директива, по неколку примени смс.
Вистините за „нашите“ и „туѓите“ протестанти, секако водат до проекција на „наша“ и „туѓа“ вистина, водат до две вистини: една за „обид за државен удар“ и втората за “диктатура која си ги покажа рокчињата“. И едната и другата вистина, се повикуваат на факти, фотографии… На сликата кога обезбедувањето го
извлекува Трајко Вељановски, претседателот на Собранието и Горан Минчев, СДСМ, „триумфално“ седнува во претседателската фотелја, или кога обезбедувањето на сила ја одвлекува Радмила Шеќеринска, СДСМ, од собраниската сала. На сликата на тегнењето на Насер Селмани (ЗНМ) или пак на насрнувањето врз Александар Спасовски (Сител).
„ММЕ кој прв почна“, затоа што секоја од страните, потсвесно ЗАСРАМЕНА од тоа што се случи, бара изговор, оправдание во нешто што другата страна претходно го направила. Радмила Шеќеринска е на сила отстранета од салата, зошто Горан Минчев на сила седна во спикерската фотелја. А тој пак го бранел Собранието, зошто Трајко Вељановски ја ставил точката за Буџетот за 2013 година на дневен ред на собраниската седница. А овој пак го направил тоа зошто опозицијата го блокирала буџетот. А таа пак идејата ја добила од ДУИ за блокадата со амандмани на Законот за бранители, и од ВМРО-ДПМНЕ блокадата на Буџетот за 2004 година итн. Кој и да почна, јасна е спиралата на ескалација на конфликтот, каде секој следен чекор се оправдува со претходниот чекор на партиските ривали.



