Во претходниот коментар, на кој сега се надоврзувам, наведов дека не се одржливи тезите за „тоталитарен систем“ туку може да се говори за полуконсолидирана демократија, слична на Хрватска, и иако Македонија има назадување од 2009-2010 година не се одржливи ни тезите за „ретро-комунистичко општество“ бидејќи оценките се подобри не од тие за 1991-1992 година, туку од тие за 2003-2005 година.
Ваквите разлики во гледиштата, општите и тие на проопозициските чинители, опозицијата не ги согледува како дел од причините за недоволно силната реакција на 24 декември, и меѓу граѓаните и меѓу политичката класа. Причините за тоа сè уште се бараат во народот или евентуално во водството на опозицијата.
Народот „греши“, тој е „шутрачки“ и „проста маса“ или во поблагата верзија „тоталитарниот модел“ најмногу одговара на македонската национална култура и тој не е наметнат од ВМРО-ДПМНЕ туку прифатен од граѓаните. Дали е така, дали граѓаните сакаат цврста рака? Во прилог на тезата на национална култура, која е овозможувачка за авторитарен систем, се историското наследство, како и социо-економската структура на Македонија. Македонија пред 1945 година била под окупација, а од 1945 до 1991 година живееше во тоталитарно општество. И под окупација и во државниот социјализам слободоумноста се казнувала и таквото историско наследство сигурно се одразило во националната култура на тогашните генерации. Дополнително земјата има исклучително неповолна образовна и социјална структура каде секој втор граѓанин е со основно образование или помалку од тоа, секој трет граѓанин е невработен, секој четврт активно бара работа и секој трет живее под прагот на сиромаштијата. Во истражување од Николина Кениг на Хофстеде модел на национална култура, во земјава постои прифаќање на висок јаз во моќта меѓу лидерите и следбениците, како и висока маскулиност (мачо-култура), со што двете карактеристики заедно одат во прилог на мачо владеење со голема моќ на лидерот. Како одраз на културните и социо-економски состојби – невработеноста и сиромаштијата како клучни општествени приоритети, во истражување на јавното мнение во 2007 година на Институт-Охрид, 21 проценти од граѓаните претпочитале добра демократија наспроти 69 проценти, кои претпочитале силна економија. Демократска влада претпочитале 39 проценти од граѓаните, наспроти 41 проценти кои сакаат лидер со „цврста рака“.
Во подоцнежни истражувања на МЦМС од 2011 година за „Македонските општествени вредности“ зголемена е поддршката за демократијата. Огромно мнозинство на граѓани од 83 проценти, сметаат дека демократскиот систем е добар систем, додека за добар систем, 18 проценти ја сметаат воената власт и 16 проценти ја сметаат диктатурата. Малку поголемо незадоволство од демократијата има работничката класа – 24 проценти сметаат дека е лош систем.
Тоа што е контроверзно е високата поддршка меѓу граѓаните од 54 проценти, експерти, а не влада, да одлучуваат според што мислат тие дека е најдобро за земјата. Ваквата поддршка за експертска власт е повисока меѓу етничките Македонци (59 проценти) и меѓу симпатизерите на СДСМ (76 проценти) наспроти симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ (49 проценти). Високата поддршка на експертска власт може да се илустрира со честото истакнување на титулите магистер или доктор на науки од страна на нашите политичари. Во опозициската политичка класа може да се илустрира со барањата на „технички влади“ од страна на СДСМ, а неодамна тоа го бараше и експерт за човекови права, како единствен начин на градење на демократија. Во 2011 година на трибина за профилот на пратениците се разви дебата во насока дека пратениците треба да исполнуваат високи академски стандарди, на што реагирав дека ние за врвни академски постигнувања избираме академици во МАНУ, а политичар може да биде секој што на избори ќе ја добие довербата на граѓаните, илустрирајќи го тоа со најмалку два познати политичари, Џон Мејџор од В. Британија и Јошка Фишер од Германија, кои го напуштиле образованието во рана младост. Заслужува дебата дали ваквата поддршка на „експертска власт“ е одраз на лошата образовна структура на нацијата и/или затскриена авторитарност, а кај опозицијата дали е резултат на фрустрациите на губење на изборите од 2006 година наваму.
Но и со ваквата контроверзност за „експертска власт“, поддршката за демократијата како добар систем е јасна и значајна. Ако сепак народот е добар, што тогаш може да биде причина за недоволно силната реакција на 24 декември, и меѓу граѓаните и меѓу политичката класа.
Изолирани гласови во опозицијата посочуваат на водството на опозицијата. Но и тие изолирани гласови го критикуваат Бранко Црвенковски, лидерот на СДСМ, поради соодговорност во воспоставувањето на сегашната „диктатура“. Малубројни се внатрешните критики на досегашниот демократски учинок на лидерот, како и на сегашниот избор на тактиката на политичката борба.
За демократскиот учинок на лидерот на опозицијата, засега доволен е само еден аргумент: тој што сега ја става цела нација како заложник на можниот бојкот на локалните избори, без „око да му трепне“ ги спроведе парламентарните избори во 1994 година и покрај бојкотот на тогашната опозиција – ВМРО-ДПМНЕ и ДП. Таквата историја на демократски учинок се согледува и во сегашниот избор на тактика на политичка борба. Се одлучи на блокада на буџетот – прашање за кое досега малцинството не го блокирало мнозинството, прашање за кое не се применува механизмот за заштита од мајоризација – Бадинтеровото или двојното мнозинство, и прашање за кое е забрането одржување на референдум со закон донесен од мнозинство на СДСМ во Собранието (1998, 2005 година). Повикувањето на дијалогот во САД за донесување на буџетот е дел од замајувањето на јавноста: дијалогот во САД се случи од проста причина што републиканците имаат мнозинство во претставничкиот дом. И општата и политичката јавност, го осудуваат начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ се справи со блокадата, но опозицијата наместо да капитализира на тоа со избор на институциска борба (анкетна комисија, Уставен суд) се одлучи за вонинституциска борба. Наместо да се претстави демократска алтернатива, се заредија изјави за насилство: „ќе има пукање“, „без нас не може да се одржат локални избори“, „герилска борба“, „заб за заб, око за око, ќе има крв“. Погрешна тактика за народ што консезуално, со 97 проценти, осудува насилство за идеолошки цели. Погрешна тактика за убедување на гласачите дека СДСМ е демократска алтернатива на ВМРО-ДПМНЕ.
Но дали е проблемот само во досегашниот демократски учинок на лидерот, и во сегашниот избор на тактиката на политичка борба, или тој е подлабок?
Претходен коментар: Да, отпор, но за чии лаги [1] ; Следен коментар: Да, отпор, но за чии лаги [3]
@sklek хаштаг: #демократија